Дали, само кампањата, го одложи почетокот на градбата на домот за стари лица?

Охрид: автобуска станица, шеталиште, пешачка патека, базен, но домот за стари лица сè уште не почна со градба. Фото: Вистиномер

Несфатливо е зошто не започна изградбата на домот за стари лица во Охрид. Дури и од аспект на кампањата. Како можеше ВМРО ДПМНЕ тој адут да не го искористи за фалба? Иако подеднакво  е релевантно и прашањето – како можеше СДСМ да го испушти тој силен адут за напад и оправдана критика!?

 

Пишува: Веле Митаноски

 

Охрид е  најзадолжената општина во Македонија. Актуелното раководство, често повторува дека, наследило долг од неверојатни 50 милиони евра. На тој податок, ги темели критиките кон СДСМ, но и успесите на ВМРО ДПМНЕ, бидејќи актуелниот градоначалник и несуден партиски фаворит за нов мандат, Никола Бакрачески тврди дека, вратиле скоро 15 милиони евра, а и покрај таквото раздолжување, ги реализирале, безмалку, сите планирани проекти.

Кога Бакрачески,  во своите пријателски кругови, одамна, најави дека нема да трча втор мандат, неговиот имењак од Скопје – партискиот лидер Никола Груевски,  се најде во небрано. И покрај сите убедувања, некои велат и притисоци, Бакрачески остана на најавата и не успеаја да го премислат во последен момент, иако анкетите силно го фаворизираа.

Мене, секако, ми беше најтешко. Потешко од секогаш. Не е толку лесно да се разделиш од една визија за градот, за охриѓани, но и за сите што тука доаѓаат. Нека не ми биде забележано за нескромност, ако кажам дека навистина ми е многу жал. Започнавме многу проекти, многу завршивме, многу се во тек на реалкизација, некои со потполно извршени подготовки, реализацијата ќе остане на наследникот. Ќе бидам среќен ако, ги довршат, во интерес на граѓаните – ни изјави Бакрачески.

lOK-IZB

Во основа, на Бакрачески не може да му се забележи за проектите – барем за покрупните, кои, освен еден – ама за дел од популацијата највреден, ги започна, а некои и ги реализира. Може да му се забележи, дека не се доизградени во најавениот временски рок. Се гради нова автобуска станица, вели тој, од најсовремен тип – европска. Почна изградбата на затворениот градски пазар. Изградено е шеталиште од каналот „Студенчишта” до комплексот  „Горица”, но и покрај каналот – до „Билјанини извори”. Пешачка патека, сега има и во стариот дел на градот – од западната страна, со што брдото е премостено, кон населбата „Воска”.

Почна, но многу бавно се гради затворениот пливачкиот базен во Охрид, според Груевски, „најсовремениот и најфункционален објект во Македонија!”. За волја на вистината, тоа е проект на владината Агенција за спорт и млади, но критиките ги трпат подеднакво и централната и локалната власт. Од тоа нема бегање.

 

ПОТФРЛИ ГРИЖАТА ЗА ПОПУЛАЦИЈАТА ОД  „ТРЕТОТО ДОБА“

Несфатливо е зошто не започна изградбата на Домот за стари лица. Дури и од аспект на кампањата. Како можеше ВМРО ДПМНЕ тој адут да не го искористи за фалба, иако е подеднакво релевантно и прашањето – како можеше СДСМ да го испушти тој силен адут за напад и оправдана критика!?

Охрид – како град, сам по себе, е значаен не само за пензионерите, односно повозрасните во градот, туку од целата земја. Најнапред со убавините, клупите во парковските површини и цветните алеи, викендиците и викенд становите – каде, надвор од шпицот на сезоната, престојуваат пензионери, па се до здравствениот туризам, односно  можностите што градот институционално ги пружа.

Колку за илустрација, во Кардиолошкиот центар – на постоперативно закрепнување и опоравување доагаат главно пензионери од целата земјата. Слични услуги пружа и Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо”. Но и тука, сеедно што е тоа работа на централната власт, активностите потфрлија. Многу бавно се гради новиот дел од Специјалната болница, кој треба да ги олесни условите за престој на пациентите, но и на медицинскиот персонал. Уште повеќе, во тој голем, крајезерски комплекс на половина пат до Струга, ќе биде сместен, односно преселен и Кардиолошкиот центар.

Прашањето за изградбата на домот во  Охрид, не е значајно само од локален, туку и од национален – општо државен, па и интернационален аспект, затоа што домот, со својот капацитет, опременоста и високото ниво на услугите што ќе ги пружа, заедно со градот и крајезерскиот амбиент, ќе биде привлечен и за популацијата од „третото доба” во Европа и светот.

Одлагањето на почетокот на градбата, во најмала рака зачудува и поради фактот што локалната власт е  отидена доста напред околу процедурата за изградбата, додека, на пример во Скопје,   иако е сè уште  како идеја изградбата на таков објект, сепак тоа е тема на предизборната кампања на кандидатите за градоначалници.

Во Охрид, целиот процес беше завршен: Од електронско јавно наддавање за продажба на градежното земјиште наменето за изградба на домот, кај месноста Грашница, на самиот езерски брег, преку изборот на  градежната компанија АД „Илинден“ од Струга – како најповолен понудувач, до потпишувањето на конкретниот договор со нив. Велат дека биле издадени и градежните допзволи! Тоа го потврдува и актуелниот градоначалник, Бакрачески:

Не сакам, вели,инвеститорите да ги ставам во позиција да бидат обвинети дека се дел од кампањата.

 

ДОМ – ХОТЕЛ СО СВОЈА ЕЗЕРСКА ПЛАЖА

Локалната самоуправа во Охрид, на почетокот на април 2015 година, по пат на електронско јавно наддавање го понуди на продажба градежното земјиште наменето за изградба на дом за стари лица во локалитетот Грашница. Површината на градежната парцела е 8.425 квадратни метри, a површината за градење e 6.299 квадратни метри. Цената за еден квадратен метар изнесува 1.393 денари.Отуѓувањето на земјиштето е извршено  според одлука донесена од страна на Советот на општината, според  строго дефинирана намена.

Летото, 2015 беше потпишан договорот за изградба на домот, капитален проект кој е во завршна фаза и по пат на продажба на градежно неизградено земјиште со строго дефинирана намена , проект кој ќе се реализира во период од две до три години.

 По одржаното јавно наддавање на општина Охрид за отуѓување градежно земјиште градежната компанија АД „Илинден“ од Струга е избрана за најповолен понудувач и на површина од 8 425 м2 ќе го гради домот. Почетната цена по метар квадратен беше 1393 денари а на јавната аукција достигната е цена од 1 532 денари по метар квадратен.АД „Илинден“ беше избран за најповолен понудувач кој за земјиштето плати 12 милиони 907 илјади и 100 денари.

Договорот го потпишаа градоначалникот Никола Бакрачески и сопствениците на АД „Илинден“ од Струга, Кристина Трајковска- Костеска и Радован Трајкоски.

Домот за стари лица  ќе зафаќа вкупна површина од 6299 метри квадратни и ќе има шест ката, односно П+4+ поткровје или максимална дозволена висина до венец од 17 и пол метри. Со договорот купувачот се обврзува во рок од 12 месеци да обезбеди одобрение за градба, а во рок од 4 години да го изгради објектот согласно урбанистичкиот план по кој земјиштето е отуѓено.

 

НАМЕСТО ДОМ – ХОТЕЛ СÈ УШТЕ ГЕРИЈАТИЈА?!

Со отворањето на домот за стари лица ќе се стави крај на маките на повозрасните лица кои не можат да се грижат за себе. Само оној што не бил во Геријатриското оделение на  Општата болница во Охрид, не знае во какви услови живеат тие, што е тешка ноќна мора не само за нив самите, туку и за нивните блиски. Дом за возрасни и Геријатрија – не е исто!

Од друга страна, во вакви установи оваа категорија луѓе практично ги добиваат сите неопходни услуги за квалитетна грижа со што се подобрува нивното живеење. Тоа во развиениот и демократски свет, не е ништо ново, туку одамна практика.

Колку за илустрација, како е во Австрија? Искуството, односно виденото, го споделува колешката Ида Протуѓер.

Само во Виена имаат 30 државни пензинерски домови кои им пружаат 24. часовна нега на старите лица. Домовите се со рецепција со персонал и медицински лица на располагање, како во хотел. Оние на кои им е потребна постојана медицинска нега се на првите два ката за да можат поедноставно да ги изнесат на воздух и да им го олеснат движењето. Им се готви секој ден свежа храна која се носи и во градинките, тоа што ќе остане не се користи за нареден ден. Им организираат простории за забава, креативност, за свирење, цртање, се што им е потребно. Условот да бидеш жител на домот е самата желба на пензионерот, ако не сака да се чувствува осамен или пак му е потребна медицинска нега или е со ниски пензински примања. Тие го плаќаат својот престој со пензијата, но најмалку 20 проценти мора да им остане, за оние со големи пензии, а оние со мали, минимум сумата што мора да им остане за „џепарлак” е 250 евра што си ги трошат за што сакаат или штедат. Сите трошоци кои не можат да се покријат со тие 80 проценти од пензијата ги покрива државата. За сите пензионери, без оглед на висината на пензијата. Значи живеат во хотелски услови, со комплетна нега, храна и сместување и плус секој месец имаат 250 евра на располагање.

Во Австрија, покрај државата, за згрижување на стари лица, се ангажирани и разни асоцијации, или, пак, цркви, каде работата ја вршат главно млади лица (волонтери и професионално ангажирани) кои освен нега и медицинска грижа им обезбедуваат креативни работилници, едукација и забава – од танцување, грнчарија, цртање, учење јазици и слично. 

Естонија сите стари здравствени установи и други објекти ги пренамени во домови за возрасни лица-планирано во целата земја.

Во Канада, возрасните и изнемоштените, ги сместуваат во медицински установи, ама не како нашите.Тоа се практично хотели,со 24 часовна грижа и нега.

Шведска и Австралија се приказна за себе. Австралија е прогласена за прва земја во светот, според грижата за пензионерите и лицата од „третото доба”.

Во поблиското опкружување, најдалеку е отидена Хрватска. Таму законски е овозможено да се изврши докуп на пензија, а пензиите се зголемуваат на тој начин, со зголемување на делот кој не се оданочува. Имаат попусти во хотели, болници и во превозот, стигнаа до четворица свои пратеници во Саборот, столб на активностите е „Матица умировљеника“, со близу 300 илјади членови и 350 подружници низ земјата. Државата инвестира во домови, а традиционално и црквата помага низ разни форми.

Е има разлика, велат познавачите. Ако се суди според однесувањето кон одредени категории граѓани за македонската држава може да се заклучи дека не се грижи за пензионерите, и не само за нив, туку и за студентите (да се погледнат само студентските домови), болните, хендикепираните…

Пренесено во шега, тоа звучи вака: Кај нас пензионерите и старите лица, немаат време за организиран живот, затоа што по цел ден се возат во бесплатни автобуси, престојуваат во бањи и се скијаат! Реалноста пак, вели: Од  2004 година, надлежноста околу грижата за повозрасните граѓани премина на општините. Поминаа неколку генерации, смени, на градоначалници и не се изнајде ниту еден јунак, да отвори барем еден дом за стари лица. 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција