Дали соопштението на Стејт департментот ги отстрани дилемите дека не постои план за размена на територии помеѓу Косово и Србија? 

Само еден ден по падот на косовската влада, американскиот Стејт департмент излезе со заедничка изјава на тројца високи американски официјални претставници, отфрлајќи ги тврдењата за таен план за размена на територии помеѓу Косово и Србија.

Овој одговор на специјалниот пратеник на претседателот Трамп за дијалогот, Ричард Гренел, американскиот амбасадор во Косово, Филип Коснет и специјалниот претставник за Западен Балкан, Метју Палмер, дојде по серијата обвинувања дека постои таен договор меѓу косовската и српската страна, односно претседателите, Хашим Тачи и Александар Вучиќ.

По ова прашање, политичките аналитичари во земјата велат дека одговорот на САД е добар сигнал за косовските институции, но исто така и барање за укинување на тарифата од 100 проценти, за продолжување на преговорите.

Актуелниот премиер, Албин Курти, иницијативата за недоверба на неговата влада од страна на владиниот партнер – ЛДК, ја  нарече ја претседателски договор за територијална размена.

Но, неговиот партнер во власта, Демократскиот Сојуз на Косово, иницијативата за недоверба, иако беше преземена за времето на пандемијата „Ковид-19“, ја оправда со „оштетувањето на односите со САД“ од страна на Курти, неповлекувањето на тарифите и со разрешувањето на министерот за внатрешни работи, Агим Велиу.

Прашањето со границите го покрена претседателот Тачи  летото 2018 година кога ја објави својата идеја за „корекција на границите“ меѓу двете држави без да прецизира што значи тоа.

Претходно истата година (иако, имаше прекин на дијалогот заради тарифата од 100 проценти), со посредство на Ричард Гренел  се потпишаа три договори помеѓу Косово и Србија .

KALLXO.com преку своето барање за пристап до јавни документи, ги обезбеди договорите што Косово и Србија ги склучиле за железничките, воздушните и автопатските коридори помеѓу Приштина и Белград.

И само еден ден по заедничката изјава на американскиот Стејт департмент, специјалниот претставник на претседателот Доналд Трамп за дијалогот Косово-Србија, Ричард Гренел, рече дека за Соединетите држави размена на територии Косово-Србија не е опција. Во интервју за телевизијата „Т7“, тој рече дека актуелниот премиер Албин Курти ветил дека ќе ја укине тарифата од 100 проценти за стоки на Србија и Босна и Херцеговина.

Никогаш не е покренат како проблем во мое присуство, го кажав тоа и на Твитер, но некои избираат да не веруваат во нас и тоа е тоа. Тие се само гласини. Размената на територии не ја гледам како опција, рече тој.

Тој кажа дека не е вистина дека постои план за поделба на Косово.

Ова тема никогаш не е покрената во мое присуство. Тоа не е нешто што сум го видел и прочитал. Ова не е првпат да има вакви гласини. Тие се озборувања. Неколкупати сме го кажале тоа, но некои избираат да не веруваат во нас. Факт е дека никогаш не сум видел таен договор, вели поранешниот американски амбасадор во Берлин. 

Јас лично не верувам во тоа. Не го гледам како опција , рече амбасадорот Гренел на прашањето дали конечниот договор меѓу Косово и Србија може да вклучува размена на територии.

Вршителот на должноста премиер, Албин Курти реагираше веднаш на изјавите, велејќи дека никогаш не  кажал дека ќе ја укине тарифата без реципроцитет.

Од друга страна, Елиот Енгел, претседател на Комитетот за надворешни работи на Домот во Собранието на Соединетите држави, рече дека е длабоко загрижен за „тактиките“ што администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги користи над Косово.

 

ДАЛИ АМЕРИКАНСКАТА ИЗЈАВА ГИ ОТСТРАНИ ДИЛЕМИТЕ?

Валмир Исмаили од невладината организација Демократија плус (Д +) за KALLXO.com рече дека  во политичкиот дискурс во Косово многу е зборувано за тоа дека постои таен договор меѓу Косово и Србија. Сепак, според него, никој досега не доставил документ што би докажал такво нешто.

Очигледно, дека во оваа ситуација создадена од постоење, или не, на конечен договор, има многу нетранспарентност што го следи процесот на дијалогот воопшто, вклучително и овие два неодамнешни договори за воздушни и железнички линии помеѓу Косово и Србија, рече тој.

Ова, но и разни изјави на многу официјални лица вклучени во дијалогот, како што вели Исмаили, создадоа атмосфера што поддржува креирање мислење дека постои таен договор.

Сега, изјавата на Стејт департментот на САД дека не постои план за територијална размена и конечен договор, е добар сигнал што треба да го користат косовските институции. Прво, тарифата требаше да се укине без натамошно одложување, и второ, никој не би требало да се плаши дека нема повеќе дијалог затоа што веќе има договор на маса, додава тој.

На овој начин, смета Исмаили,создаден  е импулс за продолжување на дијалогот.

Најновата изјава на Стејт департментот е „оружје “, достапно на косовската делегација, ако некој таен договор некогаш биде ставен на маса од која било причина. Оваа изјава создава можност за повлекување од дијалогот доколку ова се случи, заклучува тој.

Во меѓувреме, Артон Демасај од невладината организација „Стани“ истакнува дека одговорот на САД покажува дека во Вашингтон немало дискусии за територијална размена.

Кога од тројцата најважни луѓе во Вашингтон поврзани со американската надворешна политика, но и со прашањето на дијалогот, се наведува дека не постои таен договор поврзан со корекција на границите или поделба на Косово, тогаш мислам дека е веќе јасно дека оваа тема не беше предмет на дискусија во Вашингтон, рече тој за Кallxo.com.

Демасај додава дека секоја влада која ќе дојде на власт ќе има притисок да ја укине тарифата.

Секоја нова влада што би се создала според сите математики што може да се направат,  кога и да се создаде, од првиот ден ќе има притисок да се укине тарифата, да се вратиме во процесот на дијалогот и наскоро евентуално да се дојде до договор што потоа може да го ратификува Собранието на Косово, рече тој.

 

РЕАКЦИИ ПО СРЕДБАТА ВО БЕЛАТА КУЌА

Експертите за американската политика кон балканските земји, повикувајќи се на нивните извори во рамки на Белата куќа, изјавија дека  на неодамнешната средба во Вашингтон меѓу претседателите Тачи и Вучиќ и блиски соработници на претседателот Трамп се разговарало за поделба на Косово. KALLXO.com ги собра изјавите на луѓето вклучени во овие дискусии во врска со епилогот за дијалог Косово-Србија.

Вршителот на должноста премиерот Албин Курти, претходно овој месец, на седница на Собранието изјави дека постои идеја за договор за територијална размена помеѓу Хашим Тачи и Александар Вучиќ.

Знам дека имаше идеја дека може да има територијален договор за разменување помеѓу претседателот и вклучително и мене, како премиер, рече тој. Со ова изјавувам пред вас дека сегашниот претседател на Република Косово нема овластување за договор со Србија и второ нема моќ за спроведување за каков било договор што тој може да го замисли. Ова нема да се случи , рече Курти на 2 март во косовското собрание.

Неколку дена по Курти, американскиот професор Едвард Џозеф, исто така, даде изјава, велејќи дека за поделбата на Косово се дискутирало во Вашингтон. Изјавата на професорот Џозеф предизвика реакции во Косово и Америка. Косовскиот претседател Хашим Тачи и специјалниот претставник на САД за дијалогот Косово-Србија, Ричард Гренел, ги нарекоа изјавите неточни.

Разочарувачки е кога се гледа како некои аналитичари можат лесно да создадат свои планови со измислици (разменување на територии, поделба, автономија) и да им се припишат на оние кои се обидуваат да направат историски договор меѓу Косово и Србија. Ширењето лажни планови и вести не помага за процесот, напиша Тачи на 7 март годинава.

Лажни вести. Ова никогаш не било дискутирано во мое присуство. Едвард Џoзеф е невнимателен, беше одговорот на амбасадорот Ричард Гренел на Фејсбук.

Дека може да има таен договор меѓу претседателите на Косово и Србија, изјави недоамна и советникот на поранешниот премиер Хашим Тачи, Даниел Сервер.

Она што го знаеме е од луѓето во Приштина и во Белград и изгледа како размена на територии, договор што не би донел членство во ОН и би му понудил на Здружението на српските општини повеќе од тоа за што рече Уставниот суд е дозволено. Значи, во однос на тоа колку се блиски страните за постигнување договор, сè уште е сомнително, но Шон и јас мислевме дека има доволно чад, па решивме дека е подобро да се изгасне пожарот порано отколку подоцна, рече Даниел Сервер минатата недела на „Живот во Косово“.

Еден од најгласните против идејата за разменување територии беше поранешниот премиер Рамуш Харадинај. Во интервју за телевизијата „Топ Канал“ во Албанија, Харадинај изјави дека има проект за поделба на Косово, но не даде дополнителни детали.

Кога видов каде може да дојде линијата за поделување, јас бев принуден да го сторам тоа. Овој проект за корекција знае каде најверојатно е поделена линија. Тој проект постоеше. Имаше и мапи , рече Харадинај претходно оваа година во интервју за Топ Канал.

По сите овие дискусии, САД на 26 март негираа дека има „таен план“.

Ние сакаме да разјасниме дека не постои таен план за размена на територии меѓу Косово и Србија, како што  шпекулираат некои. Специјалниот претставник на Претседателот, Ричард Гренел, никогаш не видел ниту разговарал за таков план. Фокусот на американската влада на поддршката на неодамнешните договори за обновување на воздушните, железничките и автопатските врски меѓу Косово и Србија има за цел да ја подобри економијата и да создаде економска динамика. Веруваме дека овој интензитет ќе даде нова енергија на процес на дијалог што ќе доведе до меѓусебно признавање , се вели во соопштението на Стејт депармтентот.

Пишува: Емирјета Влаху

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен од страна на Internews Kosova од Приштина и е објавен во соработка со Фондацијата Метаморфозис од Скопје, Северна Македонија во рамките на нивниот проект Fostering Improved Media Standards (Развивање на подобрени медиумски стандарди), чија имплементација е помогната од страна на Националната фондација за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави.

Оставете реакција