Дали трошоците се поважен критериум од мерит системот во високата раководна служба?

Фото: Мета.мк

Јавната расправа за прво законско решение за висока раководна служба (ВРС) навидум е при крај. И покрај тоа што е најавена уште една, последна јавна расправа пред финалното предлог законско решение да влезе во Собранието, уште сега е јасно дека дилемите дали со ова ќе се постигне надминување на партизацијата во ВРС, дилемите за начелата за транспарентност, за конкурентност и за избор базиран врз заслуги -т.е. мерит системот, остануваат неодговорени.

Јавната расправа за прво законско решение за висока раководна служба (ВРС) навидум е при крај. И покрај тоа што е најавена уште една, последна јавна расправа пред финалното предлог законско решение да влезе во Собранието, уште сега е јасно дека дилемите дали со ова ќе се постигне надминување на партизацијата во ВРС, дилемите за начелата за транспарентност, за конкурентност и за избор базиран врз заслуги -т.е. мерит системот, остануваат неодговорени. Односно, дали трошоците во буџет за формирање нова комисија/комисии во кои ќе има вклучено и лица однадвор како контролори на целата постапка околу кандидатите што ќе се пријавата на оглас, е поважен критериум од постигнувањето на мерит начелото во ВРС

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Наскоро како што се најавува, во институционална процедура може да се очекува уште еден закон поврзан со пакетот реформски закони од областа на администрацијата, изборот на лица во високата раководна служба, но дали тој ќе биде навистина реформски докрај или ќе биде „проформа“, дилемите сè уште се актуелни.

Станува збор за Закон за високи раководители во органите на државната управа и фондовите (во понатамошниот текст висока раководна служба или ВРС), чија понудена верзија од страна на ресорното министерство за администрација е ставен на јавна расправа на ЕНЕР на самиот крај на декември 2025 година. Со овој закон за прв пат треба да се направи реформа на начинот на изборот и именувањата на лица на високите позиции, почнувајќи од позиции во министерствата, во државната управа и фондовите и гледано само во таа смисла, тој навистина е реформа сама по себе. Дотолку повеќе што во период од повеќе години (од 2019 г.), повеќе влади се обиделе да го состават и донесат, а со крајна цел да се избегне волунтаристичко и партиско именување на лицата во ВРС, нивна смена со смената на секоја власт или на секој министер и, пред сè, остварувањето или постигнувањето на системот на заслуги или мерит системот во делот на ВРС. (Повеќе за ова може да се прочита во една публикација на Метаморфозис  – „Администрирањето“ со администрацијата – клучен предуслов за реформите, од стр.5).

Што содржи законот

Генерално нацрт законското решение што е поставено на ЕНЕР ги содржи опфатот на лица кои се сметаат за избрани или именувани во ВРС, јавниот или интерниот конкурс за тие позиции, начинот на критериумите за тоа кој може да конкурира, кој ги оценува кандидатурите и кој ги менува.

Опфатот со законот се однесува на околу 100-тина позиции, при што се почнува од државните секретари (но не сите, на пример не е предвидено избор на државен секретар во МВР), па преку директорите и нивни заменици на органите во рамки на министерствата, директорите и нивни заменици на самостојните органи на државна управа, директорите и управните одбори на три фонда – здравствениот, пензискиот и оној за осигурување депозити. Листата со Индикативниот список за опфатот на лица во ВРС може да се прочита тука.

Законот за ВРС предвидува и јавни и интерни конкурси, при што, на првиот може да се јават и лица однадвор, односно што во моментот не се дел од институциите. Ова околу огласите е регулирано во предлог законот од членот 13 па надолу.

Она што власта го истакнува како позитивно – освен јавниот конкурс што ќе трае 20 дена, иако сè уште има дилеми каде сè треба да се објави – се и општите и посебните услови за тоа кои лица можат да се јават на огласите, кои се опфатени со член 11 од предложеното решение.

По приемот на кандидатурите на јавниот или интерниот конкурс, централна комисија при владата или комисии во рамки на министерствата или самите органи треба да изберат листа од најмногу пет најдобри кандидати. И тука, се чини, е главниот проблем – составот на оваа комисија или комисии.

Начинот на функционирање на комисијата односно комисиите, генерално е дефиниран во членот 19 па надолу, за комисија при владата или од член 28 па надолу за лицата во ВРС кога ги избира надлежно министерство или друг орган на државна управа или фонд.

Комисијата – една од главните забелешки на ГО

Општо земено, според експерти од граѓанскиот сектор ова е еден од најпроблематичните делови од законот кој може да се коси со главната цел опишана и во членот 1, т.е. „да обезбеди еднаков пристап до функциите на високите раководители и именување според заслуги, како и професионално, транспарентно, непристрасно и одговорно вршење на работите“на ВРС.

Тоа може да се види и од неодамнешна тв дебата на Телма, во која на ова прашање се осврнаа претставнички од граѓанските организации Центар за управување со промените (ЦУП), и од Институтот за демократија Социетас Цивилис од Скопје (ИДСЦ).

…„Во однос на комисијата, да и наша грижа е во делот на комисијата дали ќе се обезбеди определена стручност Сега нашиот предлог е да има стручни лица во таа комисија за избори и назначување којашто ќе ги обезбеди транспарентноста на процесот и стручноста во областа во којашто се избира и именува лице – што не е во оваа верзија сега што е понудена…Тоа се и нашите предлози и мислам дека мора да се направи некаков исчекор во тој правец. Мислам дека и Министерството имаше волја да прифати дел од тие предлози“ изјави Неда Малеска Сачмароска, извршен директор на ЦУП (по 20 мин. во емисијата).

За централната комисија во владата клучна забелешка имаат и од ИДСЦ:

…„Нашата клучна забелешка беше кога владата треба да го изврши изборот. Согласно текстот којшто е моментално на законот, се предвидува тоа да го прави комисија. Структурата на таа комисија не е утврдена. Упатува на Закон за Влада и Деловник, каде што точно, има комисија во рамките на владата меѓутоа, тоа е таа комисија која и сега постапува и одлучува во ваков тип на постапки… Освено ова, во оваа верзија не е предвиден ниеден сегмент на надворешно учество на надворешен надзор… Сега процесот е комплетно централизиран во извршната власт, во Владата, без притоа да има никаков инструмент на надворешен инструмент на надворешна контрола и учество во процесот на одлучување“ – изјави Марија Мирчевска, раководителка на Центар за добро управување во рамките на ИДСЦ (по 24 мин. во емисијата).

Претставничките од граѓанските организации (ГО) се осврнаа и на други забелешки кои можат да се погледнат во рамките на целата емисија.

Минчев: Формирање нова комисија е нерационално и скапо

Министерот за јавна администрација Горан Минчев, во неодамнешно интервју кратко се осврна за забелешките од граѓанските организации и нивните барања ги отфрли како непотребни:

„…Која е реакцијата на ГО? Дека треба да постои посебно тело, нова габаритна комисија од којашто ќе произлегуваат дополнителни трошоци во буџетот – практично ново тело и сметајте понатаму дополнителна администрација којашто ќе биде сервис на ова тело. Е сега, ако ние ги кратиме членовите на УО, ако оваа Влада и ние се залагаме за силни реформи и кратење на членовите на УО, тогаш е нелогично ние да формираме ново тело… Нелогично е да формираме ново тело, нова комисија којашто ќе произведува дополнителни трошоци во рамки на буџетот…“, (Сител, Тема на денот , по 8 мин.).

Тој додава дека со подзаконски акти ќе се регулираат и прашањата за функционирање на комисијата/комисиите, бидејќи во овој предлог биле наведени само општите критериуми.

Дали парите се поважен критериум од мерит системот? Фото: Мета.мк

Дилемите остануваат

И покрај тоа што е најавена уште една јавна расправа пред финалното предлог законско решение да влезе во процедура во Собранието, уште сега е јасно дека дилемите дали со ова ќе се постигне надминување на партизацијата во ВРС, дилемите за начелата за транспарентност, за конкурентност и за избор базиран врз заслуги и квалитет -т.е. мерит системот, остануваат неодговорени. Поточно, дали прашањето за трошоците во буџет за формирање нова или комисија/комисии во кои ќе има вклучено и лица однадвор како контролори на целата постапка околу кандидатите што ќе се пријавата на оглас, е поважен критериум од постигнувањето на мерит начелото во ВРС.

Остануваат и дилеми околу прашањето за траењето на мандатот вршител на должност и дали ова често критикувано прашање може и со овој закон повторно да се изигрува, но и за правичната застапеност. Иако министерот Минчев вели дека „овој закон воопшто не предвидува таква етничка застапеност“(после 12.15 мин. од интервјуто), во смисла дека суштината на законот е во остварување на мерит системот, во предлогот на ЕНЕР сепак и тоа е регулирано во членот 5, став два од текстот, каде се наведува:

При именувањето на високи раководители се води грижа за обезбедувањето соодветна и правична застапеност на припадниците на сите заедници, како и за еднаква родова застапеност.

Минчев во споменатото интервју наведува дека прашањето околу правичната застапеност е уредено со текстот на нов закон кој бил вратен од Венецијанската комисија – и кој сега се доработува со забелешките искажани од таму – и дека се надева дека скоро и тој би се нашол во владина процедура. Со тоа, само се наметнува заклучок дека и законското решение за избор и именување лица на висока раководна служба сè уште има доста дилеми кои допрва треба да бидат решени, за да се понуди во Собранието навистина квалитетно решение.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција