Даниела Рангелова: Три невистини во една изјава

Фото: скриншот

 

 

Претседателката на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова на 27.02.2016 година на прес-конференција изјави:

 Дестабилизацијата и наметнувањето на криза е очигледно и веќе видено сценарио против мирот, стабилноста и соживотот во Република Македонија. 

МВР под контрола на СДСМ и нивните партиски кадри е во длабок сон и нем соучесник во ваквото сценарио. Оливер Спасовски незаконски ги разреши професионалните кадри во министертвото и инсталираше свои послушници, вклучувајќи го и началникот на СВР Скопје.

Ваквата деструкција на професионализмот во министерството почнува дa се покажува и во пракса. Оливер Спасовски во овие четири месеци освен што работеше на конструкција на случаи заедно со неговиот сопартиец Чауш и што со Катица Јанева договараа незаконско апсење на единствениот македонски градоначалник надвор од земјава Едмонд Темелко, не сработе ниту едно нешто за кое добива плата од граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ бара Оливер Спасовски да ги пронајде, уапси и санкционира сторителите. Бруталното насилство врз Тодор Петров е доказ за наметнатата деструкција која СДСМ ја произведува во општеството и која веќе нема граници и излегува од контрола.

[ Извор: Курир  (0.30 -1.21 минута од видеото), Датум: 28.02.2016,]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во оваа изјава има најмалку три  невистини.

  1. СДСМ е нем соучесник во тепачката.

  2. Оливер Спасовски работеше на конструкција на случаи заедно со неговиот сопартиец Чауш

  3. Незаконско апсење на Едмонд Темелко од СДСМ и Катица Јанева

Со контатацијата дека „СДСМ е нем соучесник“, се алудира на тоа дека Министерството за внтарешни работи ( на чие чело е Оливер Спасовски, кој е генерален секретар на СДСМ), не преземало ништо во врска со инцидентот во кој беше претепан Тодор Петров. Тоа не е вистина. МВР уште истиот ден испрати соопштение во кое стои:

Во врска со настанот кој е пријавен денеска во 12.30 часот дека лицето Т. П. е физички нападнато во угостителскиот објект „Казабланка“ во Скопје, од страна на неколку лица и е префрлено во Ургентен центар, од страна на СВР Скопје е постапено по пријавата, преземени се мерки и активности, по што од извршениот разговор со повредениот добиени се првични информации дека истиот околу 12,30 часот дошол во угостителскиот објект заедно со уште две лица со намера да ручаат. Но, кратко по доаѓањето, според тврдењето на Т.П., 5-6 лица, меѓу кои и лицето Б. А. , а кои претходно биле во угостителскиот објект, најпрво почнале да го навредуваат и да му се закануваат во врска со претходно одржан јавен собир во населбата Бутел и физички го нападнале. Но, потоа, според тврдењето на Т.П., во објектот влегло лицето И. М. кое им се обратило на напаѓачите, по што истите се разотишле. Повредениот Т. П. со брза помош е префрлен во Ургентен центар, каде што му биле констатирани телесни повреди и истиот е задржан на лекување. Од страна на СВР Скопје, а во консултации со Јавен обвинител, и понатаму се преземаат интензивни мерки и активности за целосно расветлување на настанот, утврдување на инволвирани лица и квалификација на истиот, за што дополнително ќе бидете известени.  

Насилството го осуди и СДСМ преку соопштение на 27.02.2016 година,  во кое стои дека самиот факт што поставувачи на објектите се градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, двете коалициски партии кои со години се во власта, кажува кои се организаторите на инцидентите.

Со ваквиот неодговорен однос, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ прават штета на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ ги потценува граѓаните на Република Македонија. Не поминуваат провидни сценарија. Граѓаните се обединети во борбата против корупцијата, криминалот, обединети се во желбата за промени, за враќање на слободата, демократијата и европските вредности во Република Македонија. СДСМ осудува било каков чин на насилство (стои во соопштението на СДСМ)

Во однос на вториот дел од изјава (дека СДСМ правел конструкција на настани со Чауш ), прво што мора да се каже е дека не се почитува презумцијата на невиност. Мора да се знае дека со повреда на презумцијата на невиност, не сакајќи, може да се предизвика многу голема штета врз човечките животи.

Во член 13 од Уставот на Република Македонија јасно се дава до знаење дека

лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино, сè додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Истата одредба се предвидува и со Законот за кривична постапка.

И претседателот на СДСМ вo итервју за Призма вели:

Ако навистина се најдени снимки, како што кажувале медиумите и Јавното обвинителство, тој очекувал истрагата да покаже од каде се тие снимки.

„Јас знам од каде се! Не би сакал да влијаам врз истрагата, ама кажувам – Сашо Мијалков и власта имаат два-три пати повеќе материјали отколку што имавме ние“, вели Заев и уште еднаш потенцира дека нема шанси снимките да потекнуваат од него.

Исто така и обвинителот потврди дека се води истрага против три лица и дека за сите се издадени мерки за обезбедување. Освен првото лице кое се наоѓа на отслужување затворска казна за друго кривично дело, на останатите две лица им се одземени патните исправи.

Во однос на третиот дел од изјава ( за незаконско апсење на Едмонд Темелко од СДСМ и Катица Јанева),   може да се констатира дека се обвинува без процедура се обвинува. За тоа има постапка на утврдување на одговорност, па сомнение, па обвинение, па судски процес, па дури тогаш може некој да се обвини.

Во државата се знеа кој апси. Тоа во никој случај не е СДСМ. Ниту, пак, Катица Јанева. По налог на Обвинителството се доставува предлог за приведување по кој се постапува. Тоа што министерот за внатрешни работи е од редовите на СДСМ, не значи дека „апси партијата“.

Согласно решенијата во Законот за кривична постапка, основно право и должност на јавниот обвинител е да ги гони сторителите на кривични дела за кои гонењето се презема по службена должност.

Кривичната постапка започнува со:

  1. издавање на наредба за спроведување истражна постапка,
  2. или со првото преземено истражно дејствие пред да биде издадена наредба за спроведување истражна постапка,
  3. со определување на главната расправа по обвинителен предлог или приватна тужба,
  4. со предлог за издавање казнен налог
  5. или со предлог за определување мерка на безбедност.

Од сето ова може да се заклучи дека  горенаведената изјава на претседателката на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова е невистинита.

 

ЛИНКОВИ:

 

Оценето од: Владе Ѓорчев

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција