Данска не ја бара назад донираната воена помош за Украина
Не само што во официјални соопштенија не може да се најде изјавата на данската премиерка Мете Фредериксен, во која таа наводно ги отповикува воените средства во износ од 680 милиони евра што Данска ги има донирано на Украина, туку Кралството сѐ уште донира и ќе продолжи да донира средства барем до 2028 г.
Не само што во официјални соопштенија не може да се најде изјавата на данската премиерка Мете Фредериксен, во која таа наводно ги отповикува воените средства во износ од 680 милиони евра што Данска ги има донирано на Украина, туку Кралството сѐ уште донира и ќе продолжи да донира средства барем до 2028 година. Првичното место од каде што започнува да се шири оваа дезинформација е сатиричен телеграм канал на руски јазик
Пишува: Матеј Тројачанец
Заради желбите на американскиот претседател Доналд Трамп да ја припои данската територија Гренланд кон САД, Данска но и земјите од ЕУ доживеаја силен притисок да ја прифатат оваа територијална „размена“, особено кога Трамп се закани со дополнителни царини. Целата оваа ситуацијата ги разгори страстите на македонските теоретичари на заговор и затоа Вистиномер рецензираше разни невистини поврзани со Гренланд – види тука, тука и тука.
Но, низ Европа почна да се шири друг наратив, според кој, заради можната закана по територијалниот интегритет на Данска, односно крајното сценарио во кое воените сили на САД би извршиле инвазија на територијата на Гренланд, данската премиерка Мете Фредериксен официјално би ги побарала назад воени средства што ги имаат донирано на Украина, во износ од 680 милиони евра.
Сите овие објави се целосно фабрикувани и неточни. Ваква изјава не може да се најде ниту на еден од официјалните канали данската премиерка. Дополнително, не е јасно како е стигнато до сумата 680 милиони, бидејќи Данска има донирано вкупно над 10 милијарди евра на Украина од почетокот на војната. Оваа дезинформација ја проверија колегите од: Стоп Фејк (Украина), Делфи (Литванија) и Мит Детектор (Естонија).

Според дезинформациите што циркулираат на социјалните мрежи, Фредериксен изјавила:
Приморани сме да признаеме дека навистина се занесовме со оваа помош, ослабувајќи ги нашите одбранбени способности. Тоа беше манија на давање помош. Би било исправно ако украинската влада врати барем дел од неа. Ова нема да биде премногу болно за Киев, но ќе ја врати нашата доверба, се тврди во пропагандните објави.
Овој цитат го проверивме на официјалната страница на данската премиерка, како и на нејзините профили на социјалните мрежи (Фејсбук и Х/Твитер) и не можевме да најдеме каква било изјава поврзана со враќање на донираните средства од Украина.
Дополнително, колегите од СтопФејк известуваат дека според платформата за мониторинг „Осавул“, првата објава во која се цитира данската премиерка Фредериксен е објавена на 06.01.2026 г. на сатиричниот Телеграм канал „и еве го мојот Јандекс паричник“. Потоа, оттаму оваа објава се презема и почнува да се шири божем е вистинита информација.
И, не само тоа, туку факт е дека Данска е меѓу државите коишто имаат донирано најмногу средства на Украина и најмногу во споредба со БДП на државите.
Извор: Statista
Според податоците на данското министерство за надворешни работи (последен пат ажурирани на 23.12.2025), Кралството има донирано околу 9,5 милијарди евра за воена поддршка и приближно 959 милиони евра во цивилни придонеси.

Извор: Данкското Министерство за надворешни работи
Не само тоа, туку данската влада заедно со сите партии што го поддржаа договорот за основање на Данскиот национален фонд за Украина, издвои 8,1 милијарди евра за воена поддршка на Украина, а планирано е средствата да бидат уплатени до 2028 година.
Така што, не само што во официјални соопштенија не може да се најде изјавата на данската премиерка Мете Фредериксен, во која таа ги отповикува „воените средства во износ од 680 милиони евра што Данска ги има донирано на Украина“, туку Кралството сѐ уште донира и ќе продолжи да донира средства барем до 2028 г. Првичното место од каде што започнува да се шири оваа дезинформација е сатиричен телеграм канал на руски јазик.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар
