Дел од сличностите и разликите во програмите на кандидатите за градоначалници на Скопје, Мециновиќ и Ѓорѓиевски
Иако доаѓаат од две различни идеолошки ориентирани партии, од она што може да се забележи на прв поглед е дека и двајцата кандидати имаат доста сличности во дел од понудата на нивните проекти за развој на Град Скопје. Подетален е Ѓорѓиевски, но кај сличните проекти Мециновиќ нуди рок и предлог буџет
Иако доаѓаат од две различни идеолошки ориентирани партии, од она што може да се забележи на прв поглед е дека и двајцата кандидати имаат доста сличности во дел од понудата на нивните проекти за развој на Град Скопје. Подетален е Ѓорѓиевски, но кај сличните проекти Мециновиќ нуди рок и предлог буџет
Пишува: Теофил Блажевски
Разгледувајќи ги програмите, според дел од позначајните проекти што се нудат, може да се констатираат некои сличности, но и разлики кај двајцата кандидати за градоначалници на Скопје Амар Мециновиќ од Левица и Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ. Без да се претендира на оценка чија програма е подобра зашто ова сепак не е длабинска анализа, тука ќе бидат наведени оние примери на генералните сличности и разликите во програмите на двајцата кандидати што се забележуваат на прв поглед.
Најпрво треба да се констатира дека програмата на Ѓорѓиевски е многу пообемна (130-тина страници) и е претставена во еден дел како визија за Скопје 25/45, што е првиот столб покрај другите 6 што се во неговата програма. Програмата на Мециновиќ „Скопје сега“ е поскромна во обем и е напишана на 47 страници. Таа е поделена на 28 капитални проекти, меѓу кои има некои кои се речиси истоветни со визијата во програмата на Ѓеорѓиевски, а дел се сосема оригинални.
ГУП-от најважен и за двајцата
Како главни сличности на она што го нудат двајцата кандидати се урбанистичкиот развој на Скопје преку носење на Генералниот урбанистички план (ГУП). Кај Мециновиќ тоа е прв капитален проект во кој се опишани целите и визијата и начинот на носење (стр.4). Кај Ѓорѓиевски тоа е истакнато уште во воведот и е многу слично со демократскиот начин на носење што го предлага и Мециновиќ, а е ставен во првиот столб Визија за Скопје. Разликата е во тоа што Ѓорѓиевски вклучува и меѓународен борд на консултанти и работна група експерти (од стр.20) во изработката на ГУП-от.
Градски воз и во двете понуди
Она што е главна сличност е и грижата за јавниот транспорт како проблем што треба да биде темелно решен за да се решат неколку нуспојави во Скопје, од загадување до сообраќаен хаос. Тука и двајцата кандидати како сличност во решението го нудат покрај купувањето на нови еколошки автобуси и употребата на возот низ Град Скопје, или т.н. градски воз. Разликата е во тоа што Мециновиќ нуди решение наречено „елевирана железница“(железница на столбови) во правец исток-запад. Трасата во должина од 20 километри кај Мециновиќ предвидува поврзување од Ѓорче Петров – Карпош – Центар – Аеродром – до Ново Лисиче.(стр.5). Комбинираниот систем на превоз, градски воз и циркуларни автобуски линии во програмата на Мециновиќ се наведени за реализација во времетраење од два мандата до 2033 г. и во финансиска вредност од 730 милиони евра.
Кај Мециновиќ не е споменат БРТ системот, проектот од времето на Петре Шилегов, а Ѓорѓиевски го наведува во програмата (стр.67) со напомена појаснета во кампањата дека треба да се прошири опфатот на урбаните заедници и кон Драчево и кон Радишани.
Меѓу сличностите е и грижата за реформирање на јавните претпријатија на Град Скопје, а и двајцата кандидати во програмата ставиле суми на долгови на претпријатијата (Мециновиќ, стр.35, а кај Ѓорѓиевски, стр. 66).
Водата како проблем – идентификувана и во двете програми
Сличности имаат и во грижата за подобрување на снабдувањето со вода на Скопје и обезбедувањето на доволен притисок во високите зони. На пример Мециновиќ нуди развој на два нови извора за снабдување со вода, од Патишка река и Врело (стр.27), додека Ѓорѓиевски покрај спомените два ја нуди и Кадина река како трет нов извор(стр. 49).
И двајцата нудат и изградба на водоснабдителни системи со резервоари за обезбедување подобар притисок за високи зони, со тоа што Мециновиќ нуди три – Ѓорче Петров, Горно и Долно Лисиче, како и Љуботен и Љубанци (стр.16), додека Ѓорѓиевски нуди резервоари во Карпош и Нерези, Автокоманда и Железара и во Ѓорче Петров (стр. 50).
Меѓу големите сличности се и проектите како што е изградба на Лунапарк во Скопје. Мециновиќ нуди модерен Лунапарк на местото на постојниот со ботаничка градина. Рокот на изградба е 30 месеци со буџет од 7,3 милиони евра (стр.9). Ѓоргиевски исто така нуди Лунапарк, наменет за сите генерации и по европски стандарди и за безбедност и од аспект на содржините. Тој најавува „итна“ изградба, но во тој дел од програмата не е наведен конкретен рок и предвидена сума (стр.63).
Реновирање на ЗОО Скопје – заедничка понуда
Многу сличности и кај двајцата кандидати има и околу Зоолошката градина Скопје. Мециновиќ нуди ревитализација со еколошки пристап, демонтажа на кафези и изградба на природни живеалишта за автохтони животни, ревитализација на Природонаучниот музеј… Рокот што го нуди е 25 месеци со предлог буџет од 6 милиони евра (стр.26).
Ѓорѓиевски е многу подетален во предлогот. Нуди најпрво поставување на топлински пумпи за идеална темепература на живеалиштата и заштеда на електрична енергија до 50 отсто, реновирање на живеалиштата за слонови, лавови, шимпанза, волци, мечки, жирафи. Нуди и подобрување со видеонадзорот, изградба на сенарник и центар за хипорехабилитација „преку адаптација и активирање на просторот на Градскиот пајтон, со цел да се овозможи терапевтско јавање за деца со аутизам, церебрална парализа, како и рекреативно јавање за сите посетители“ (стр 114-117). Она што недостасува се рокови и цена на чинење.
Проект со големи сличности е и развојот на Скопско Кале, каде е предвидено просторот да служи за туристички посети и остварување на бројни настани од културниот живот. Кај Мециновиќ се наведени детали за реконструкција на Калето со конкретен рок и буџет (стр. 10). Кај Ѓорѓиевски тој дел околу буџетот е изоставен, а акцентот е ставен на културните содржини (стр.76).

Сличности има и околу Скопскиот Аквадукт. Мециновиќ нуди уредување на просторот околу Аквадуктот, прогласување на заштитена зона, отворање на историски базар со занаетчиски дуќани, изложбени павилјони и кафе галерии. Рокот е 30 месеци, а предвидените финансии 4,5 милиони евра (стр.15). Ѓорѓиевски нуди паркови и зелени површини, поставување на монтажни сцени за да се овозможат услови за изведување на различни културни жанрови и дополнително најголем ѕид во Југоисточна Европа за мурали „како симбол на современиот уметнички израз и урбаната култура“ (стр.77) И тука кај Ѓорѓиевски нема рок и финансиска вредност.
Водно – заштитено со посебен закон
Меѓу речиси идентичните визии и кај двајцата се наведува посебно планината Водно. Мециновиќ нуди посебен закон (lex specialis). „Законот ќе биде надреден на сите постојни урбанистички планови и ќе воведе траен мораториум на градежни активности“, наведува Мециновиќ ветувајќи рок од 12 месеци (стр.31). Ѓорѓиевски исто така нуди законско решение: „Ќе предложиме до Владата посебен закон за заштита на Водно, со цел да се регулира неговото управување, одржување и заштита како природно и културно богатство од национален интерес“(стр.120).
Меѓу сличностите се и понудите за зелени површини. И двајцата нудат парковски решенија. Но кај Мециновиќ е нагласен само еден голем парк во Скопје Север, додека кај Ѓорѓиевски се нудат повеќе мегапаркови, вклучувајќи го и тој кај депонијата Вардариште.
Дел од разликите – Скопски саем
Една од разликите што паѓаат во очи е предлогот на Мециновиќ за изградба на Скопски саем во Скопје Север во непосредна близина на бул. Христијан Тодоровски Карпош. Саемот би располагал со хали со површина од 20 илјади метри квадратни, конгресни сали со капацитет од 200 до 1.000 седишта и паркинг со капацитет од 600 возила. Според Мециновиќ ова може да се изгради за 38 месеци со предлог буџет од 16.5 милиони евра (стр.7). Кај Ѓорѓиевски не постои понуда за саем овен т.н Гејминг саем: „Регионален саем за гејминг индустријата што обединува компании, студенти и независни креатори, со турнири, демо зони и косплеј настани“(стр.86).

Еден од проектите на Мециновиќ, што воопшто го нема кај Ѓорѓиевски е „самочистење на улиците и булеварите“. Станува збор за систем на подземни и странични прскалки на дел од поголемите сообраќајници и булевари. Системот би бил автоматизиран со сензори и тајмери и би користел рециклирана техничка вода каде што е тоа можно. Опфатени се Илинденска, Партизанска, Јане Сандански и просторите околу Центар и Градски парк. Вредноста на проектот е 5 милиони евра, а рокот е 24 месеци (стр.28).
Уште една оригинална понуда во програмата на Мециновиќ е формирање ново јавно претпријатие за општествени станови. Планот предвидува изградба на 2.000 станови за 4 години. Становите би биле со просечна големина од 50 квадрати и со просечна цена од 40 илјади евра за стан. Вкупната инвестиција би била 80 милиони евра, а киријата по која би се изнајмувале би била околу 150 евра месечно. „Целна група ќе бидат младите брачни парови, социјално ранливите категории и жртвите на семејно насилство“, за кои се предвидени 5 отсто од становите односно 100 станови (стр.43).
Орце Ѓорѓиевски пак во својата програма е многу пооригинален и подетален околу дигитализацијата на Скопје која е спомената во различни сегменти дури 14 пати, за разлика противкандидатот кој во својата програма ја споменува во областа на културата и кај јавната администрација и воведување на едношалтерски систем.
Ѓорѓиевски е подетален и во департизација на јавната администрација во градот, управување со финансиите (формирање Градскиот економско-фискален совет и 10 годишна програма за капитални инвестиции – стр.124), модернизација при собирањето на даноците (стр.90) управувањето и чистење на отпадот и депониите(стр.38)…
***
Иако оваа мини анализа нема амбиции во целост да ги анализира програмите на двајцата кандидати, треба да се напомене дека и во текот на кампањата тие изнесуваат проекти и детали што ги нема во програмите. А и кој да победи, праксата покажала дека и во текот на работењето се спроведуваат проекти кои воопшто не биле споменати ни во програмата ни во кампањата.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар