Делта-варијантата пристигна во земјава: Решението е во масовната вакцинација

Foto nga Portalb.mk/Arbnora Memeti

Каква  е „делта“ варијантата  на вирусот корона?

Зборот „делта” потекнува од грчкиот јазик и значи „промена“. Со оглед на зголемувањето на бројот на позитивни случаи од оваа варијанта на коронавирусот во многу земји и со оглед на нејзината висока преносливост, се очекува таа да стане доминантна.

 

 

„Делта“ варијантата на коронавирусот е за  60 отсто попренослива од британската варијанта, односно „алфа“ варијантата  која првично се сметаше за многу лесно пренослива. Според ова, „делта“ варијантата се шири двојно побрзо од оригиналниот коронавирус.

Варијантата „делта“, која за првпат беше откриена во Индија во октомври 2020 година, според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), е присутна во повеќе од 100 земји и се очекува овој вирус да предизвика вистински проблеми во земјите каде што процесот на имунизација е слаб.

Според една студија на британските истражувачи најизложени на ризик од оваа варијанта на коронавирусот се младите, невакцинираните и делумно вакцинираните, додека пак, постарите лица се уште повеќе во ризик од фатален исход по евентуалната инфекција.

 

Не е јасно дали оваа варијанта е поопасна од другите варијанти

Иако, некои здравствени власти изјавија дека веруваат дека „делта“ варијантата е поопасна од другите соеви на коронвирусот, нема докази кои го потврдуваат тоа.

Јасно е дека мутацијата „делта“ е позаразна од другите варијанти, но никој досега не може да каже дали е повирулентна или патогена – или дека предизвикува повисок морбидитет.

Според Cи-Ен-Ен, оваа варијанта во себе не ги содржи двете загрижувачки мутации познати како E484K и N501Y. Тие се пронајдени во Б.1.1.7 или британската алфа варијанта, (што се прошири во многу земји кон крајот на 2020 година и почетокот на 2021 година), како и во Б.1351 (бета варијантата која беше идентификувана во Африка), како и во Р.1 или гама варијантата.

Што се однесува до симптомите на „делта“ варијантата, сè уште не е познато дали тие се различни од оние на оригиналната варијанта. Сепак, професорот Тим Спектор  во едно интервју за Би-Би-Си истакна дека од месец мај тие регистрирале симптоми различни од вообичаените.

Од почетокот на месец мај видовме дека главните симптоми што се појавуваат кај луѓето не се исти со претходните симптоми, рече професорот Тим Спектор.

Покрај класичните симптоми на коронавирусот, треската, губењето на апетит, главоболката и болките во мускулите беа некои од симптомите што професорот ги спомена за време на интервјуто.

Анализирани се  92.029 брисеви од луѓе заразени со „делта“ варијантата. Што откривте?

Од средината на февруари до средината на јуни биле анализирани вкупно 92.929 брисеви на лица заразени со индиската варијанта на вирусот корона, односно „Делта“ варијантата.

Повеќето од лицата кои биле предмет на истражувањето  (вкупно 82.500) биле на возраст под 50 години и во најголем дел (52. 822) со оваа варијанта се заразиле невакцинираните лица.

Меѓу невакцинираните и инфицираните со „делта“ варијанта, повеќето биле на возраст под 50 години (52.846 случаи) и само 976 случаи на возраст над 50 години.

Сепак, податоците покажуваат дека во Англија имало 117 смртни случаи како резултат на „Делта“ варијантата на коронавирусот, од кои наголем дел биле луѓе повозрасни од 50 години.

Имало 8 смртни случаи на лица под 50-годишна возраст, од кои шестмина не биле вакцинирани, додека  пак двајца примиле само една доза од вакцините против ковид-19.

 

„Делта“ и вакцините

Вакцините, сепак, се доста ефикасни против „делта“ варијантата. Иако ефикасноста на вакцините во борбата против инфекцијата се намалува, тие сепак спречуваат сериозни форми на болеста кај повеќето луѓе кои примиле вакцина. „Фајзер“ овозможува  96 проценти ефикасност во превенцијата на тешки форми на болеста, „АстраЗенека“ околу 92 проценти, „Џонсон и Џонсон“ 85-90 проценти.

Една студија од Обединетото Кралство заснована врз реални податоци (т.е. истражување извршено врз луѓе), покажала дека две дози вакцина „Фајзер“ се многу ефикасни во спречувањето на ковид-19, односно против „делта“ варијантата на вирусот. Според оваа студија, заштитата од овој сој на вирусот е само малку пониска отколку онаа против помалку преносливите варијанти на вирусот.

Меѓутоа, ова исто истражување покажало дека кај лицата кои примиле само една доза на вакцината „Фајзер“ или „АстраЗенека“,  ефикасноста против „Делта“ варијантата била само  33 проценти. Само за потсетување, ефикасноста на првата доза во спречување на другите варијанти на корона вирусот била 51 процент.

Овие резултати се од лабораториски анализи за антитела по примање на две дози на вакцината на „Фајзер“. Тие антитела успеале да ја неутрализираат „делта“ варијантата, иако со 9,6 проценти помала ефикасност. Според ЛА Тајмс, ова е едно скромно намалување на ефикасноста на вакцината против оваа варијанта, имајќи предвид дека вакцината создава армија на „неутрализирачки“ антитела.

 

Што со вакцините кои не се одобрени од Европската агенција за лекови?

Кина не обезбеди информации засновани на веродостојни истражувања за ефикасноста на вакцината „Синофарм против „делта“ варијантата. Сепак, кинеските експерти постојано им сугерираат на луѓето што побрзо да се вакцинираат, а досега во Кина вакцинирани се повеќе од 1 милијарда луѓе.

Според Ројтерс, недостигот на податоци за кинеската вакцина од кинеска страна во однос на „делта“ варијантата од странските експерти е опишан како лош гест.

Сепак, истражувачите откриле дека кинеските вакцини се ефикасни во намалувањето на ризикот кај симптоматските пациенти со „делта“ варијанта, изјави за Репортери Жонг Наншан, кинески епидемиолог.

Спутник В

За разлика од кинеските власти кои не даваат информации, руските власти изјавиле дека вакцината „Спутник В“ покажала  90 проценти ефикасност кон  „делта“ варијантата на коронавирусот.

Оваа вакцина, која веќе е дистрибуирана во повеќе земји (вклучително и Северна Македонија), е 92 проценти ефикасна против оригиналната варијанта на коронавирусот.

За потсетување, голем дел од граѓаните на Северна Македонија примија една од горенаведените вакцини и, според последните податоци, се заштитени од „делта“ варијантата на вирусот корона.

 

Хемичарот Егзон Адеми за Порталб.мк истакна дека Република Северна Македонија има само една задача – масовна вакцинација.

Според Адеми, здравствените власти треба да направат поголем број на секвенционирања за да видат колку оваа варијанта е присутна во нашата земја. Тој смета дека ако вакцинирањето на популацијата во текот на летото се спроведе со поголем интензитет, тогаш нема да се соочиме со нов бран на вирусот.

Без оглед на тоа колку е опасна варијантата што има висока вирулентност, се зависи од ситуацијата на теренот каде таа циркулира, затоа доколку Северна Македонија продолжи со целосна вакцинација со 2 дози, влијанието на варијантата може да биде минимално и ако во текот на летото се вакцинира поголемиот дел од популацијата, не верувам дека наесен оваа варијанта ќе предизвика бран како оние претходните. Се разбира, треба да се направат повеќе секвенционирања за да се види колку оваа варијанта циркулира во заедницата за да бидеме подобро подготвени, вели Адеми.

Тој додаде дека „Делта“ варијантата се шири повеќе и инфицира побрзо, но сепак се шири главно кај невакцинираните за околу 15 пати повеќе од првите варијанти. Според него ова се должи на загрижувачките мутации на спајк протеинот на вирусот, кои се појавиле кај некои претходни варијанти.

 

„Делта“ пристигна и во Северна Македонија. Што сега?

Индиската варијанта е потврдена и во Македонија.

Очекувано беше оваа мутација да пристигне во земјата, а сигурно е и дека ќе биде доминантна кај нас, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

Затоа, она што е важно е граѓаните масовно да се  вакцинираат.

Комисијата за заштита на населението од заразни болести до крајот на неделава ќе одлучи дали се потребни нови ограничувања и дали Северна Македонија ќе почне да бара негативен ПЦР тест, потврда на вакцинација или потврда за прележана болест за лицата кои влегуваат во земјава.

Министерот за здравство, Венко Филипче, ги повика сите јавни личности да покажат внимателност во  своите јавни изјави во врска со пандемијата и да објавуваат само проверени информации. Исто така, зборуваше и за важноста на вакцината во спречување на пандемијата.

Во период кога се бориме да вакцинираме што повисок процент на граѓани, исклучително е важно да се споделат само проверени и научнo издржани  податоци поврзани со вакцинацијата. Апелирам до медиумите, поединците кои имаат пристап до самите медиуми, како и сите граѓани кои ги споделуваат своите ставови на социјалните мрежи, да бидат максимално одговорни.

Навистина не смееме да дозволиме со непроверени информации, непрецизни формулации или  научно неиздржани анализи да го поткопаме процесот на вакцинација. Уште еднаш информирам  дека сите вакцини што ги имаме се безбедни,  ефикасни и штитат од развој на тешки симптоми на болест или смртен исход од сите соеви. Вакцинацијата е единствен начин да ја победиме пандемијата, изјави Филипче.

Инаку, по анкетирањето на пациентите заразени со „делта“ варијантата на коронавирусот во Северна Македонија, беше потврдено дека ниту еден од нив не примил ниту една доза на ниту една од вакцините против ковид-19.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција