Демант на лагите искажани од СОС за Фондацијата „Метаморфозис“

Фондацијата „Метаморфозис“ најостро ги осудува и ги квалификува како тешка лага и клевета и во целост ги демантира изјавите на претставниците на групата од три граѓани наречена „Стоп операција Сорос“ (СОС), искажани на прес-конференцијата на 4 февруари 2017 година.

На прес-конференцијата беа изнесени лаги за „Метаморфозис“, вклучително и неточни обвинувања дека на сметки на фондацијата легнувале „милионски суми“ кои, наводно, биле користени за партиски активности и за цели на СДСМ.

Најостро ги отфрлуваме ваквите клевети и навреди. Средствата на „Метаморфозис“ никогаш не биле и нема да бидат користени за активности на која било политичка партија. Ваквите конструкции и манипулации имаат цел да ја дефокусираат јавноста од вистинските проблеми и да го нарушат угледот на „Метаморфозис“ и на целиот невладин сектор што не е под контрола на владејачката партија.

Напротив, спротивно на принципите на дејствување на невладиниот сектор како непартиски коректив на која било власт, групата од тројца граѓани претставувана како невладина организација или невладина иницијатива под името „Стоп операција Сорос“ ја одработува јавно објавената агенда на една политичка партија за пресметка со независниот и прогресивниот дел од граѓанскиот сектор. Еден од гласноговорниците на таа група е вработен во државна новинска агенција, откако ја вршеше функцијата советник за односи со јавноста на претседателот на РМ, кој, пак, на таа функција дојде како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.

Фондацијата „Метаморфозис“ постои од 2004 година како независен непартиси субјект и оттогаш постојано работи на градење информатичко општество и зајакнување на позицијата на граѓаните во општеството без оглед кои партии се на власт. Ниту фондацијата „Метаморфозис“, ниту кој било од донаторите со кои соработуваме, не финансираат ниту спроведуваат проекти базирани на партиски или идеолошки ориентации. Сите наши активности и финансиски извештаи се достапни за јавноста.

Најостро ја отфрламе и квалификацијата дека сме организација што работи по нечија наредба. Поради изнесените груби лаги, клевети и обид за уривање на угледот на „Метаморфозис“ и на нејзините вработени,  од претставниците на групата СОС бараме јавно извинување. Во спротивно ќе поднесеме тужба за навреда и за клевета.

Од медиумите што ги пренесоа клеветите бараме објавување на овој демант на исто место и со исто времетраење како и изнесените дезинформации. Тие медиуми што нема да ја исполнат оваа уставна и законска обврска, ќе ги сметаме за соучесници во кампањата против невладиниот сектор и ќе бидат опфатени со тужби.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција