Демографската криза се продлабочува, во Тетово и Гостивар стотици раѓања помалку отколку во 2021

Фото: © Vyacheslav Argenberg / http://www.vascoplanet.com/, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Најмногу деца родени во Скопје, ниту едно во општина Зрновце. Откако и првиот и вториот квартал од годинава донесоа нов демографски „шамар“, со пад на бројот на живородени деца и негативен природен прираст на државата, извесно е дека и на крајот од оваа 2026 г. ќе се соочиме со поразителна демографска состојба, пишува Порталб. Тетово и Куманово го изгубија „водството“ на општини со по над 1.000 живородени деца

Најмногу деца родени во Скопје, ниту едно во општина Зрновце. Откако и првиот и вториот квартал од годинава донесоа нов демографски „шамар“, со пад на бројот на живородени деца и негативен природен прираст на државата, извесно е дека и на крајот од оваа 2026 г. ќе се соочиме со поразителна демографска состојба, пишува Порталб. Тетово и Куманово го изгубија „водството“ на општини со по над 1.000 живородени деца

 

Се намалува бројот на живородени, во најголем дел од општините повеќе починати од родени

Порталб направи детален увид на демографските податоци во базата на Државниот завод за статистика – какви се компаративните бројки за природниот прираст и за живородени? На крајот на второто полугодие најголем дел од општините се со негативен природен прираст, што значи повеќе починати од родени.

Во Скопје природниот прираст изнесува -36, а најдлабок природен прираст има во Битола  -118, Аеродром -62, Куманово и Прилеп -59,  Гостивар и Кочани -58, Велес -57 и Охрид -51.

Во дел од општините состојбата е различна. Тетово во првиот квартал било во „негативна зона“ со природен прираст од –18, додека на крајот на јуни во ова општина имало 44 повеќе родени од починати.  Слична е состојбата и во Струга, каде до март природниот прираст бил – 37, а на крајот на јуни преминува во 20. Во Куманово и во првиот и во вториот квартал има повеќе починати од родени, заклучно со март – 81, а на крајот од јуни -59. Во Кичево се одржува негативниот тренд на природен прираст од -80 на крајот на март и -26 на крајот на јуни. И состојбата во Гостивар е со негативен предзнак, -50 односно  -58 на крајот на второто тримесечје.  Арачиново е во зоната на позитивен природен прираст со 32 односно 33 повеќе родени од починати. И во Чаир позитивен тренд со природен прираст од 12 во првиот квартал со значајно зголемување на 92 во второто тримесечје.

Иако бројките на ниво на тримесечје варираат, сумираните статистики на крајот од годината се поразителни.

Деталните податоци од ДЗС покажуваат дека во 2025 година за првпат во државата бројот на живородени се спушти под 16.000. Скоро сите општини се соочуваат со пад на бројот на живородени деца во период од пет години. Тетово и Куманово ја изгубија предноста на единствени општини каде има по над 1.000 живородени деца.

Во општина Тетово во 2021 г. имало 1.025 живородени и оваа бројка во годините потоа се намалува до 822 во 2025 година. И во Куманово повеќе не се раѓаат над 1.000 деца – во 2025 г. бројката се намали на 829.  Пред пет години во Струга имало 543, а лани 474 живородени деца. Во скопски Чаир во Арачиново, во анализираниот период, бројките не се значајно променети.

Податоците за состојбата на крајот на јуни навестуваат дека на повидок е уште една година во која ќе имаме демографски пораз.

Во второто тримесечје од 2026 година, во споредба со истиот период од 2025 година, бројот на живородените деца изнесува 3.684 и е намален за 3.0 %. Природниот прираст е негативен и изнесува  -1.005, што значи дека за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица – наведуваат од Заводот за статистика.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во својата предизборна програма најави пакет мерки за борба со демографската криза заедно со Национална стратегија за демографија. По повеќе од две години на власт, овој документ сè уште не е донесен.

Нашата определба е јасна, наместо политика на страв, градиме политика на отпорност. Наместо краткорочни мерки, создаваме долгорочна стратегија. Наместо декларативни заложби, поставуваме системски решенија. Токму затоа ја подготвивме новата Стратегија за демографска отпорност 2026–2046. Не како формален документ што ќе остане на хартија, туку како национална рамка за иднината на државата – изјави премиерот на почетокот на мај, годинава.

Во меѓувреме дел од пратениците најавија иницијативи за законски измени за подобрување на финансиската состојба на мајките и на семејствата со деца.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција