Демократските општества и толеранцијата: Зошто повеќе социјални врски водат кон зголемена поларизација?
Новото истражување објавено во престижното научно списание „Proceedings of the National Academy of Sciences“, покажува дека еден од највлијателните фактори за пораст на општествено-политичката поларизација е појавувањето и експанзијата на паметните телефони и социјалните мрежи. Ако во минатото луѓето одржувале во просек околу двајца блиски пријатели кои можат да влијаат на нивните мислења за важни прашања, некаде од 2008 г. има нагло зголемување на тој просек – од двајца блиски пријатели на четири или пет. Нужно се поставува прашањето како поголемата социјална поврзаност доведува до поголема поларизација и поделба? Според истражувачите за да се намали општествената фрагментација, луѓето треба да научат како да се справуваат со различни мислења, но и активно да се поттикнува толеранцијата
Новото истражување објавено во престижното научно списание „Proceedings of the National Academy of Sciences“, покажува дека еден од највлијателните фактори за пораст на општествено-политичката поларизација е појавувањето и експанзијата на паметните телефони и социјалните мрежи. Ако во минатото луѓето одржувале во просек околу двајца блиски пријатели кои можат да влијаат на нивните мислења за важни прашања, некаде од 2008 г. има нагло зголемување на тој просек – од двајца блиски пријатели на четири или пет. Нужно се поставува прашањето како поголемата социјална поврзаност доведува до поголема поларизација и поделба? Според истражувачите за да се намали општествената фрагментација, луѓето треба да научат како да се справуваат со различни мислења, но и активно да се поттикнува толеранцијата
Едно од значајните прашања на денешницата е зошто поларизацијата се зголеми толку драматично во последните децении. Светскиот економски форум ја идентификува политичката поларизација како трет најголем ризик на краток рок, а податоците од „Our World in Data“ покажуваат дека во изминатите две декади има значителен пораст на политичката поларизација низ светот.
На што се должи зголемувањето на политичката поларизација? Ова прашање е доста комплексно, односно инволвира бројни социополитички фактори, големи историски настани како војни, економски кризи, пандемии…
Но, во новото истражување објавено во престижното научно списание „Proceedings of the National Academy of Sciences“, Стефан Тарнер, Јан Корбел и Маркус Хофер лоцираат еден од причинителите на сосема друго место. Според нив, еден од највлијателните фактори што довел до раст на општествено-политичката поларизација е појавувањето и експанзијата на паметните телефони и социјалните мрежи. Тоа им овозможило на луѓето многу полесно и ефективно да комуницираат со своите пријатели, како и да воспоставуваат и одржуваат нови социјални релации.
Односно, новите социолошки трендови покажуваат дека во минатото луѓето одржувале во просек околу двајца блиски пријатели кои можат да влијаат на нивните мислења за важни прашања. А, некаде од 2008 г. има нагло зголемување на тој просек – од двајца блиски пријатели на четири или пет.
Парадоксална поврзаност меѓу поларизацијата и бројот на социјални релации
На прв поглед, нужно се поставува прашањето како поголемата социјална поврзаност доведува до поголема поларизаија и поделба, односно како овие два феномена воопшто се поврзани?
Токму оваа релација ја испитуваат Тарнер, Корбел и Хофер користејќи модел базиран на вистински податоци. Резултатите од нивното истражување индицираат дека колку што густината на социјалната мрежа се зголемува со повеќе врски (или колку блиски пријатели имаат луѓето), толку и поларизацијата во колективот неизбежно нагло се зголемува.
Како што вели Корбел за „Complexity Science Hub“, како што луѓето стануваат сè повеќе поврзани, тие почесто се среќаваат и со спротивставени ставови oд нивните. Таа постојана изложеност на несогласување може да ги зголеми тензиите, односно да избувнуваат повеќе расправии, потешко се избегнуваат конфликти, а општеството може да се доживува како да е повеќе поделено.
Но, според истражувачите, иако поларизацијата не е нов феномен, она што го гледаме денес ги надминува вообичаените подеми и падови на поларизацијата од минатото. Потпомогнато од социјалните мрежи, луѓето сè повеќе се собираат во помал број на блиски социјални кругови каде што повеќето членови размислуваат слично, или во она што се нарекуваат „идеолошки меури“. А, малкуте врски што остануваат помеѓу овие „меури“ честопати не се пријателски расположени. Тие може да се појават како критика или непријателство, а не како дијалог.
Што покажува споредбата на поларизацијата низ годините?
Во нивното истражување, Тарнер, Корбел и Хофер комбинирале 30 различни анкети со вкупно над 57 илјади испитаници од Европа и САД. Прво, бидејќи прашањата што се користеле во анкетите биле речиси исти, тоа им дозволило да направат директна споредба на поларизацијата низ годините.

Во текот на последните две децении, Американците многу повеќе се оддалечија во своите политички убедувања, при што бројот на луѓе кои постојано имаат „целосно либерални“ или „целосно конзервативни“ ставови двојно се зголеми. Како што може да се види од графиконите од Pew Research, порано имало поголемо идеолошко преклопување, за разлика од 2014 г. кога има речиси целосно одвојувањето. Со други зборови, речиси секој републиканец сега е поконзервативен од типичниот демократ, а речиси секој демократ е полиберален од типичниот републиканец.
Паралелно на ова, Ховер вели дека „и покрај малите разлики помеѓу индивидуалните анкети, податоците постојано покажуваат дека просечниот број на блиски пријателства се зголемил од 2,2 во 2000 година на 4,1 во 2024 година“.
Ова ни овозможи да покажеме дека зголемената поврзаност мора да доведе до ненадејна поларизација откако ќе се надмине критичната густина на поврзаност – исто како фазен премин во физиката, како што е претворањето на водата во мраз. Фасцинантно е што овие фазни транзиции постојат и во општествата. Точната локација на овие критични прагови сè уште треба да се разјасни. Според нашите резултати, за блиските врски, таа се наоѓа некаде помеѓу три и четири лица, забележуваат истражувачите за „Complexity Science Hub.

Како што може и да се види од податоците во истражувањето, наглиот пораст и на поларизацијата и на бројот на блиски пријатели се случува меѓу 2008 и 2010 г. Токму во овој период започнува т.н. „бум“, односно масовното користење на социјалните медиуми и паметните мобилни телефони кои стануваат сè подостапни за огромен број на луѓе низ светот.
Демократијата зависи од тоа сите делови од општеството да бидат вклучени во донесувањето одлуки, што бара секој да може да комуницира едни со други. Но, кога групите повеќе не можат да разговараат едни со други, овој демократски процес се распаѓа, нагласува Тарнер за „Complexity Science Hub“.
Токму затоа толеранцијата има централна улога во овие процеси.
Ако имам двајца пријатели, правам сè што можам за да ги задржам – многу сум толерантна кон нив. Но, ако имам петмина и работите станат тешки со едниот од нив, полесно е да се прекине тоа пријателство бидејќи сè уште имам „резерви“. Повеќе не треба да бидам толку толерантна, објаснува Тернер „Complexity Science Hub“.
Оттука, може да се заклучи дека ако сакаме да се заштитат демократиите низ светот, општествата во нив треба да имаат некое основно ниво на толеранција. Кога пошироката општествената толеранција се намалува, со текот на времето централните демократски институции еродираат. Затоа, истражувачите нагласуваат дека за да се намали општествената фрагментација, луѓето треба да научат како да се справуваат со различни мислења, но и активно да се поттикнува толеранцијата.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар