Демостат: Телеграм е ефективна алатка за ширење дезинформации од Русија
Разновидноста на јазиците на кои функционираат овие канали им овозможува да достигнат максимален дофат и ефективно да влијаат на глобалното јавно мислење
Телеграм стана една од главните алатки за ширење про-Кремљ дезинформации и пропаганда на глобално ниво, пишува Демостат. Само во 2024 година, биле идентификувани околу 800 про-Кремљ канали, кои работат на повеќе од 30 јазици, пренесува српската Н1, анализирајќи ја објавата на Демостат.
Овие канали станаа замена за официјалните руски медиуми како РТ и Спутник, откако нивната работа беше ограничена во САД, ЕУ и други земји по почетокот на рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година.
Како што пишува Демостат, оваа апликација има значителен број корисници во земјите од Западен Балкан, особено во Србија. Целна група на Телеграм се пред сè младите на возраст од 16 до 30 години. Освен што служи за информирање, Телеграм се користи и за меѓусебна комуникација помеѓу корисниците на оваа апликација.
Овие канали се клучни за ширење дезинформации поддржани од Кремљ, чија цел е да ја поткопаат довербата во западните влади и меѓународните организации, како и да ја намалат поддршката за Украина од Европската Унија, сојузниците во НАТО и другите земји-партнери. Тие активно шират пропагандна содржина која ја оправдува руската воена агресија во Донбас и промовираат различни теории на заговор кои им служат на интересите на Кремљ, наведува Демостат.
Несомнено, овие содржини имаат за цел да формираат и зајакнат позитивна перцепција за постапките на руската влада како на домашен така и на меѓународен план. Внимателно конструираните написи ја оправдуваат анексијата на Крим и ги поддржуваат воените операции во источна Украина, оправдувајќи ги со заштита на руското население од наводните закани од Киев. Наведените наративи вклучуваат и обиди да се дискредитираат западните нации и нивните сојузници, прикажувајќи ги нивните постапки како агресивни и антируски, се додава во текстот.
Интересно е, според Демостат, што вкупната публика на овие канали достигнува дури 15,7 милиони луѓе, додека публикациите т.е. објавените содржини се прегледуваат речиси 100 милиони пати на ден. Токму овој обем им овозможува на каналите ефективно да шират дезинформации и да манипулираат со јавното мислење ширум светот. Нивната целна публика е Европа, Америка, Азија и Африка. Разновидноста на јазиците на кои функционираат овие канали им овозможува да достигнат максимален дофат и ефективно да влијаат на глобалното јавно мислење.
Така, треба да се забележи дека во пресрет на Олимписките игри во Париз во 2024 година, про-Кремљ Телеграмски канали го зголемија своето влијание во Франција, според новинската агенција АП, „ширејќи кампањи за дезинформации оркестрирани од Русија со цел да се насочи кон Франција“, обидувајќи се да се сее недоверба кон владата и да се предизвика загриженост за безбедноста на игрите.
Примери за такви дезинформации, според Демостат, вклучуваат лажни тврдења за наводни слаби безбедносни подготовки за настанот и обиди да се дискредитираат француските политичари кои се залагаат за поддршка на Украина. Како одговор на овие закани, француските власти одлучија, според „Монд“, „да го ограничат пристапот до Олимписките игри на руските новинари, техничкиот персонал и другите експерти“. Дополнително, на некои руски новинари, за кои постои сомнеж дека се поврзани со руската разузнавачка служба, им се одбиени визи.
Со користење на Телеграм како платформа, Русија се обидува да влијае на јавното мислење во целните земји, особено кај младите. Каналите често се фокусираат на чувствителни прашања како што е миграцијата, со цел да поттикнат конфликти во општеството и да ја поткопаат довербата во демократските институции на државите. Ова претставува посебна закана за земјите каде што има високи социјални и политички тензии. На пример, темата за мигрантите активно се искористува за да се создаде лажен впечаток за хаос и неуспеси на западните влади. Не само што ова придонесува за растот на ксенофобијата и расизмот, туку го поткопува и единството во ЕУ и другите земји, што на крајот е од корист за Москва, според Демостат.
Неодамна бевме сведоци на протести низ Велика Британија, вклучувајќи ги Лондон, Белфаст, Саутпорт, Хал, Бристол, Манчестер, Белфаст, Ротерам, Мидлсборо, Болтон и други градови, каде масовните протести и жестоките судири меѓу полицијата и демонстрантите траеја повеќе од една недела. Нередите, меѓу другото, биле предизвикани од „лажни објави на социјалните мрежи дека напаѓачот е имигрант од муслиманска вероисповед, пишува CNBC.
Британските власти изразија длабока загриженост за можна руска вмешаност преку кампањи за дезинформација што може да придонесе за поттикнување на социјалните тензии и улично насилство. Овие настани го поставуваат прашањето дали Британија и другите земји се подготвени да се справат со масовните немири предизвикани на овој начин. Затоа, прашањата за тоа како таквите активности ќе влијаат на внатрешната стабилност и како владите ќе одговорат на потенцијалните закани стануваат релевантни не само за Британија, туку и за другите земји.
Доколку меѓународната заедница е решена да се заштити од руското мешање во внатрешните работи на други земји и да ја зачува стабилноста, потребни се одлучни мерки за борба против ширењето на дезинформации преку руските веб-страници, социјални мрежи и канали на Телеграм, наведува Демостат.
Ова може, на пример, да вклучи ограничување на пристапот до овие платформи, поактивно следење и блокирање, како и развој на национални и меѓународни стратегии за спротивставување на нападите во медиумскиот простор. Заедничките напори на владите и меѓународните организации за зајакнување на сајбер безбедноста, одбраната од дезинформации преку афирмација на медиумската писменост ќе помогнат да се заштитат демократските процеси и да се зачува стабилноста.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар