Депонијата Краста во Куманово сè уште не е дислоцирана

Фото: Nick Fewings на Unsplash

Во предизборието во 2017 година актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски даде крупно ветување околу решавање на деценискиот проблем со постоечката кумановска депонија Краста. Ова е едно од покомплицираните ветувања кога станува збор за оценка. Прво, има два рока за изведба – во електронската верзија на предизборната програма на Димитриевски рокот е 2020 година, а во печатената форма на програмата, според  неговото тврдење, тој рок е многу подолг. Второ, станува збор за заеднички проект во кој има многу актери и трето, депонијата нема да се дислоцира, туку во тек е нејзина трансформација во претоварна станица… Но, како и да се земе, со оглед на тоа што досега – јуни 2021 г., на само неколку месеци пред крајот на мандатот на Димитриевски, не е направена дислокација на постоечката депонија во Куманово и не е изградена првата меѓурегионална депонија за СИПР и ИПР, „Вистиномер“ го смета ова негово изборно ветување за неисполнето

Во предизборието во 2017 година актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски даде крупно ветување околу решавање на деценискиот проблем со постоечката кумановска депонија Краста. Ова е едно од покомплицираните ветувања кога станува збор за оценка. Прво, има два рока за изведба – во електронската верзија на предизборната програма на Димитриевски рокот е 2020 година, а во печатената форма на програмата, според  неговото тврдење, тој рок е многу подолг. Второ, станува збор за заеднички проект во кој има многу актери и трето, депонијата нема да се дислоцира, туку во тек е нејзина трансформација во претоварна станица… Но, како и да се земе, со оглед на тоа што досега – јуни 2021 г., на само неколку месеци пред крајот на мандатот на Димитриевски, не е направена дислокација на постоечката депонија во Куманово и не е изградена првата меѓурегионална депонија за СИПР и ИПР, „Вистиномер“ го смета ова негово изборно ветување за неисполнето

 

 

ВЕТУВАЊЕ: Справување до отпад и дислокација на постоечката депонија

…Со помош на Европска Унија, преку ИПА програмата направени се законските подготовки, израборена е студијата, а во тек е подготовката на тендерскиот повик за изградба на првата меѓурегионална депонија за СИПР и ИПР.
Во оваа модерна меѓурегионална депонија која ќе ги исполни сите европски стандарди, ќе има микробиолошки третман на отпадот, примарна селекција и делумно компостирање.
Со реализација на овој проект ќе се унапреди справувањето со отпадот, заштитата на животната средина и меѓуопштинската соработка помеѓу 18 општини од двата региона. (Рок: 2020 година)

[Извор: Изборна програма од 2017 г. на Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово; датум: октомври 2017 г. ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски за дислокација на постоечката депонија во Куманово и изградба на првата меѓурегионална депонија за Североисточниот плански регион (СИПР) и Источниот плански регион (ИПР), е неисполнето. Ова ветување е дел од неговата програма за локалните избори (2017-2020г.) „Живот во Куманово! За сите!“ (стр.19).

Ветувањето за дислокација на депонијата Краста во Куманово е ветување кое го даваше и претходникот на Димитриевски, Зоран Дамјановски и истото сè уште не е реализирано, иако многу подготвителни активности се во тек и некои од нив се завршени. Следува кратка хронологија на факти од нашето истражување за „патешествието“ за реализација на ова ветување.

На 24.04.2019 година, советниците на општина Куманово едногласно ја усвоија предлог-одлуката за утврдување на предлог за воспоставување на меѓуопштинска соработка. Претседателката на советот, Атина Мургашанска ги информирала советниците и граѓаните дека во оваа фаза е донесена одлука за двата региона дека би било најцелисходно да се изгради една станица за преработка на отпад во Свети Николе, а со цел да започнат постапките за објавување јавен повик, неопходно било да се формира заедничко јавно претпријатие.

 

Два различни рока за реализација – во печатена форма еден, во електронската друг!?

На истата седница, советникот Зоран Петрушевски побарал одговор од градоначалникот Максим Димитриевски во врска со ветената дислокација на депонијата Краста:

Прилика е да го прашам градоначалникот кој е тука, во неговата изборна програма го најавува овој проект, дека регионално ќе се решава, но тој во неговата програма вели дека до 2020-та година ќе изврши дислокација на постоечката депонија.

На тоа, Димитриевски му одговорил дека  навистина ветил таков проект, но со период на реализација од осум години, а притоа се повикал на печатената верзија на програмата.

Точно е дека во рамките на програмата имам ветено такво нешто, периодот на имплементација е осум години, бидејќи таа депонија се создава многу години наназад и ниту технички или на било кој друг начин не може да се затвори одеднаш. ко ја гледате принтаната форма на програмата има отстапувања, земете ја принтаната форма, која беше принтана во 20.000 примероци, ние оваа депонија не можеме да ја затвориме веднаш, бидејќи истата е планирано да служи како трансфер станица за целиот отпад, кој ќе се претовара на ова место од Куманово и Старо Нагоричане и ќе се користи како трансфер станица, изјавил Димитриевски.

На 26.11.2019 година, Димитриевски даде отчет за сработеното, во кој се осврна и на дислокацијата на депонијата Краста.

Еден од покапиталните проекти на кој ќе се работи во иднина е затворање на депонијата Краста и започнување на проектот за Регионална депонија. Конечно се формираше регионално претпријатие кое во следните четири години, следува инвестиција капитална од 20 милиони евра со донација од Европската унија каде конечно ќе го решиме проблемот со затворањето на депонијата на локацијата Краста и тоа ќе биде еден од најкапиталните проекти, но во рамки на предизборната кампања и програма има проекти кои што се дадени за реализација во четири години и во осум години. Тие капитални проекти се наведени за реализација во рамки на осум години, појасни Димитриевски.

На 17.11.2020 година, Димитриевски ги информираше општинските советници дека депонијата Краста ќе стане претоварната станица за складирање на отпад од општините од североисточниот регион. Советниците ја изгласаа предлог одлуката за формирање заедничко претпријатие за регионално управување со отпад, а ја ставија вон сила претходната одлука донесена кон крајот на минатата година за формирање на претпријатие кое ќе управува со отпад наменето за 18 општини од североисточниот и источниот плански регион.

Претоварната станица ќе биде современа, опремена со посебни технологии и ќе има можност за рециклирање, појаснил Димитриевски, прашан од советникот од опозицијата, Сашо Стошевски дали отпадот што ќе опфати поголема територија од границите со Арачиново, па се до Крива Паланка ќе се носи во Куманово, пренесе Вечер.

На 29.03.2021 година, Димитриевски, на својот официјален Фејсбук профил, објави дека се пуштени во употреба 8 нови камиони за собирање на смет во ЈП Чистота и зеленило обезбедени преку проектот за Поддршка во воспоставување регионален систем за управување со отпад – Набавка на опрема и возила за собирање на отпад во Источен и Североисточен регион.

Проектот се реализира со помош на ЕУ и конечната цел е да се затвори депонијата Краста, да се изгради нова претоварна станица за отпад и целата количина на комунален отпад од североисточниот и источниот плански регион да се преработува во фабриката за преработка на отпад во Општина Св.Николе која би требало да започне да се гради следната година, напиша Димитриевски.

На 01.05.2021 година, во гостувањето во емисијата „Став“ на телевизија „Плус Куманово“ Димитриевски изјави дека се решава најстратешкото прашање за кое го обвинува опозицијата, а тоа е затворањето на депонијата Краста и регулирање на комуналниот смет.

Нашиот комунален смет во иднина ќе се транспортира и ќе се носи во фабрика за преработка на смет, коешто ќе се гради од страна на Европска Унија. Добиен е грантот, Министерството за животна средина го спроведува целиот проект од 40 милиони евра и таму ќе се преработува тој отпад. А нашата депонија којашто е повеќе од 70, 80 години на таа локација, која во минатото континуирано беше предмет на опожарување итн, ние веќе три години немаме проблем со пожар. Тука ќе се направи претоварна станица каде сметот ќе се колектира во големи контејнери и ќе се транспортира. Една од причините зошто беше пробиен коридорот и изграден патот од село Биљановце до село Доброшане е токму таа причина. Бидејќи еден од коридорите кој ќе се користи како транспорт на тој смет секојдневно ќе биде таа релација, рече Димитриевски.

Од сето погоре изнесено, може да се заклучи дека депонијата Краста во Куманово сè уште не е затворена и дислоцирана. Таа ќе стане претоварна станица за отпад каде сметот ќе се селектира и транспортира. Димитриевски во неколку наврати, повикувајќи се на печатеното издание на неговата изборна програма, изјавува дека рокот за реализација на овој проект е осум години, иако во електронската верзија на предизборната програма е наведено дека депонијата ќе биде затворена во 2020 година.

Но, како и да се земе, со оглед на тоа што градоначалничкиот мандат на Димитриевски завршува за неколку месеци – во октомври оваа година, а досега не е направена дислокација на постоечката депонија во Куманово и не е изградена првата меѓурегионална депонија за СИПР и ИПР, „Вистиномер“ го смета ова негово изборно ветување за неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Ана Анастасовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција