Деталите за договорите со Обединетото Кралство допрва следат – еуфоричните настапи непотребни
Додека Владата со договорите со Обединетото Кралство најавува историски денови и пресврт, опозицијата најавува историско промашување и банкрот на државата поради некапацитетноста да се потрошат толку пари. Засега, не може да се потврди ниту едното, ниту другото, па од таму, опозициските повици можат да се наречат еуфоричен политички песимизам и дефетизам, додека изјавите од власта, иако таа знае повеќе детали ама не и се уточнети, можат да се оценат како еуфорично преувеличување на моментот заради политички пи-ар и список на добри желби. Она што е добро за поголемиот дел од граѓаните, е тоа што и власта и опозицијата се согласуваат со политичките бенефити од идниот договор за стратешко партнерство на ОК и МКД
Додека Владата со договорите со Обединетото Кралство најавува историски денови и пресврт, опозицијата најавува историско промашување и банкрот на државата поради некапацитетноста да се потрошат толку пари. Засега, не може да се потврди ниту едното, ниту другото, па оттаму, опозициските повици можат да се наречат еуфоричен политички песимизам и дефетизам, додека изјавите од власта, иако таа знае повеќе детали ама не и се уточнети, можат да се оценат како еуфорично преувеличување на моментот заради политички пи-ар и список на добри желби. Она што е добро за поголемиот дел од граѓаните, е тоа што и власта и опозицијата се согласуваат со политичките бенефити од идниот договор за стратешко партнерство на ОК и МКД
Пишува: Теофил Блажевски
Засега, ниту еден економски експерт не може во детали да зборува за бенефити или штетност од клучните документи со Обединетото Кралство во врска со економскиот развој на РСМ, бидејќи истите не се потпишани, освен Договорот Влада со Влада. А и тој, иако е од „формална природа“, како што се напоменува во официјалната вест, сѐ уште не е објавен (до петокот, 23.05. до средина на денот).
Ова произлегува од краткото пребарување по официјални информации и на страниците на македонската, но и на британската влада, како и следејќи ги изјавите на високите претставници на двете земји (види и во овој текст), како и следејќи ги првичните изјави на дел од економските експерти.
Така што, кога лидерот на опозицијата Венко Филипче ќе каже „не знаеме какви се роковите, колку се каматите, дали се споредил тој кредит и тој извор на средства со некој друг, дали навистина Владата избрала најповолен извор на средства“, е само делумно во право, бидејќи деталите навистина не ги знаеме зашто договорите не се потпишани. Но, од друга страна спинува кога вели: „Зошто шест милијарди евра и толку драстично да се зголеми јавниот долг? Јавниот долг ќе надмине 100% и тогаш нема да имаме фискален простор буквално за ништо“. А спинува, затоа што од оние познати генерални информации кажани и од двете страни, бројката од 6 милијарди е само РАМКА, која ѝ стои на располагање на македонската Влада. Затоа малку помалку еуфоричен настап на опозицијата не е одвишен, дотолку повеќе што кога и таа се задолжуваше, на пример со еврообврзници, знаеше да направи скандалозни непотребни долгови, без оглед на моментумот на тогашните повисоки реални каматни стапки на пазарот („случајот со оставката“ на тогашниот министер за правда Никола Тупанчевски).
Што се однесува до јавниот долг, тој секако ќе порасне кога ќе тргнат првите транши кон земјава, ама не се знае дали малку или малку повеќе. Дури ни економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ, од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, не предвидува повеќе од 75 насто од БДП доколку се точни официјалните изјави дека планот за заем од договорите со ОК нема да надминат 2,2 милијарди евра во следните пет години. Кредибилноста на Јовановиќ е неспорна без оглед на неговите левичарски уверувања, а секако и неговиот непартиски поглед, имајќи предвид дека е сериозен критичар и на последната (на СДСМ 2020-2024 г.), и на оваа владина гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова го гледаме како одлична можност“

Еуфорија секако има и од власта, а таа иако ги нема сите детали, знае за договорите многу повеќе од опозицијата и граѓаните во овој момент. Иако овие договори „се историски“ и за вицепремиерот Александар Николоски и за премиерот Христијан Мицкоски, она што е реална оценка кога таа не е наменета за широките народни маси, всушност го кажа самиот Николоски на денот на потпишувањето на Договорот Влада со Влада во Лондон:
Инструмент за поддршка на надворешно финансирање, постави рамка од 5 милијарди фунти, што е најголемиот договор што Македонија го потпишала во својата историја во однос на економијата. Навистина сме благодарни за тоа и ова го гледаме како одлична можност за целата држава да се развива.
Од можност до реализација, патот е долг и со многу стапици. Од тоа колкава ќе биде каматната стапка, која ако е поврзана со ЕУРИБОР, како што вели премиерот, треба да биде со основа 2 проценти, па сѐ до грејс периодот и рочноста, кои ако се соодветно од 2027 г. и до 2035 г., можеби и ќе го зголемат македонскиот БДП и ќе донесат економски бенефит пошироко, а не само во градежниот сектор. Под услов, ако не се завртат парите коруптивно во свои, а некапацитетни компании и под услов да се позајмува со усул или што би рекла министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска, онолку колку што ќе дозволуваат јавниот долг и буџетските можности.
Поради ваквата засега „само можност“, не е одвишно и власта да си ја намали еуфоријата и иако е изборна година, па наместо со недоследни изјави или спинови, со јавноста повеќе да комуницира со факти што произлегуваат од реалноста, а не со проекции за следните 10 години.
Засега, две работи се неспорни. Во целава приказна со Обединетото Кралство има недостиг на транспарентност и за политичкиот, но особено за економскиот дел, за што веќе реагираа и од Коалицијата за борба против корупцијата, а која делумно се должи и на фактот дека договорите допрва ќе се потпишуваат!
Она што е добро за поголемиот дел од граѓаните, е што и власта и опозицијата се согласуваат со бенефитите од политичкиот момент за договор за стратешко партнерство на ОК и МКД, кој беше потврден на средбата во Тирана меѓу премиерите Ким Стармер и Христијан Мицкоски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар