Детските вакцини не се отрови и не ја менуваат ДНК

Вакцини за деца Фото: Julien Harneis., CC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons

Глобално истражување што опфати повеќе од 1,2 милиони деца во период од 24 години покажа дека нема докази дека детските вакцини предизвикуваат аутизам, астма или други хронични болести

Глобално истражување што опфати повеќе од 1,2 милиони деца во период од 24 години покажа дека нема докази дека детските вакцини предизвикуваат аутизам, астма или други хронични болести

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Најголемото зло за едно бебе е токму неговиот родител кој мислејќи дека му прави добро (оти нели он знае се) му ги лупа сите можни отрови кои ја оштетуваат и менуваат ДНК низ вакцини, и после ќе се чудат од каде сите тие болести и алергии кај детето… Премногу жално што се уште постојат луѓе што слепо веруваат на она нешто „trust the science “, што го труби и пропагира Tell-lie-vision.

Објавата во моментот на рецензирањето има 20 споделувања, над 240 коментари и над 370 реакции. Детските вакцини (кои се даваат на бебињата) наспроти наведеното во објавата не се „отрови“ коишто „ја оштетуваат и ја менуваат ДНК“. Не е точно ни дека предизвикуваат „болести и алергии“. Прегледот на научни студии покажува дека „вакцините кои се даваат во детството не предизвикуваат алергиски заболувања. Германскиот институт RKI наведува: „Вакцините не го зголемуваат ризикот од алергии.“

Вакцините кои се препорачуваат во раното детство се безбедни и строго тестирани. Тие не ја менуваат и не ја оштетуваат ДНК на бебето. Тие не го зголемуваат ризикот од алергии или хронични автоимуни заболувања. Ако бебето има позната тешка алергија на некоја состојка на вакцина, лекарот може да направи соодветна прилагодена препорака — но тоа не значи дека вакцините генерално предизвикуваат алергии. Студијата Immunization practices in children with a history of allergies (Barış et al., 2020) каде деца со историја на алергии (на пример на јајце) се вакцинирани и покажале минимални реакции,  ја поддржува идејата дека алергијата сама по себе ретко претставува пречка за вакцинирање.

Редовните вакцини за деца само во последните 60 секунди спасиле 5 животи. Тоа се уште 5 деца што се заштитени од смртоносни болести и ќе можат среќно да растат и да водат здрав живот. Вакцините се најбезбеден, најлесен и ефикасен начин за заштита на здравјето во детството и низ целиот понатамошен живот, се наведува на страницата на Министерството за здравство за детските вакцини.

Тие според истиот државен здравствен извор, обезбедуваат здраво поколение, придонесуваат за колективен имунитет, го спречуваат ризикот од заболувања, ги намалуваат трошоците за боледување и лекување, спречуваат инвалидитет и други последици, ја спречуваат смртноста од заболувањето, создаваат отпорност на организмот кон заболувањата и спречуваат појава на епидемии од заразни болести.

Детските вакцини не се отров и сите големи медицински и научни институции во светот јасно потврдуваат дека вакцините се безбедни и не се токсични. Детските вакцини содржат многу мали, прецизно измерени количини на антигени — делови од вируси или бактерии (или нивни ослабени/инактивирани форми) кои го обучуваат имунолошкиот систем да се брани без да ја предизвикаат самата болест. Тие содржат и стабилизатори, конзерванси и адјуванси — супстанции кои ја чуваат вакцината стабилна и помагаат имунитетот подобро да реагира. Овие материи не се отрови; тие се во микроскопски, безбедни количини, многу подолу од токсично ниво. На пример: количината на алуминиум во сите вакцини кои бебето ги прима во првите 6 месеци е помала од количината алуминиум што природно ја внесува преку мајчино млеко или формула. Вакцините се безбедни и се даваат на милиони бебиња, деца, адолесценти и возрасни. Регулаторни тела работат на нивната постојана контрола, а пред да се пуштат во употреба се тестираат ригорозно. 

Детските вакцини не ја менуваат и не можат да ја изменат ДНК на детето. Ова прашање е темелно научно истражено, и сите докази покажуваат дека вакцините немаат никакво влијание врз човечката генетика. ДНК (дезоксирибонуклеинска киселина) е генетскиот код сместен во јадрото на клетките. За нешто да ја промени ДНК, тоа мора да влезе во јадрото на клетката и да се вгради или препише во хромозомите — нешто што вакцините не можат да го направат. Ниту една детска вакцина што се користи во редовниот календар не содржи состојки кои можат да се интегрираат во човечката ДНК.

Митовите и фактите за детските вакцини ги дебанкира и Американската академија за алергија, астма и имунологија.

Редовните вакцини за деца се безбедни и ефикасни. Тие се темелно тестирани и докажано спречуваат сериозни болести, спасувајќи милиони детски животи секоја година. Со редовната вакцинација децата развиваат долгорочна заштита – за да имаат здрав и квалитетен живот, без последици од детство поминато во борба против болести кои можат да се спречат, пишува на сајтот на УНИЦЕФ.

Таму се додава дека секоја вакцина содржи мало количество или делови од микроби (вирус или бактерија) што ја предизвикуваат болеста.

Меѓутоа, за разлика од живите микроби, од вакцините детето не може да се разболи, бидејќи во нив микробите се умртвени или многу ослабени. Дополнителните хемиски состојки (конзерванси и стабилизатори) кои ги содржат вакцините имаат важна улога за нивната безбедност и ефективност, помагајќи да се зајакне имунолошкиот одговор, односно им помагаат на вакцините подобро да функционираат. Конзервансите овозможуваат вакцините да останат ефективни, а стабилизаторите овозможуваат вакцината да остане стабилна за време на складирање и транспорт, додава УНИЦЕФ.

УНИЦЕФ исто така тврди дека вакцините се безбедни и поминуваат низ ригорозни тестови за безбедност и ефикасност, вклучително и клиничко тестирање, пред да се дозволи нивна употреба.

Откако ќе се стават во употреба, нивната безбедност постојано се следи. Вакцините кои не ги исполнуваат условите за квалитет и безбедност не се одобруваат и не се достапни за употреба. Повеќето родители и згрижувачи ширум светот одлучуваат да ги вакцинираат своите деца бидејќи разбираат дека вакцините се безбедни и се најдобрата алатка да им се помогне на децата да имаат здрав раст и да бидат заштитени од опасни инфекции. Поголема е веројатноста децата да имаат сериозни последици од болест што може да се спречи со вакцина, отколку од самата вакцина. На пример, тетанус може да предизвика екстремна болка, мускулен спазам и згрутчување на крвта. Малите сипаници може да предизвикаат енцефалитис (инфекција на мозокот) и како последица слепило. Многу болести што може да се спречат со вакцина може да завршат со смртен исход. Придобивките од вакцинацијата се многу побројни од ризиците, наведува УНИЦЕФ.

Глобално истражување што опфати повеќе од 1,2 милиони деца во период од 24 години покажа дека нема докази дека детските вакцини предизвикуваат аутизам, астма или други хронични болести.

На следниот линк се сите вакцини во календарот за имунизација на децата во Северна Македонија и кога ќе се кликне на зелените квадратчиња од секоја вакцина таа ве води кон листата на состојки од кои тие се направени.

Буквално сите вакцини од задолжителниот календар за имунизација имаат детални описи на тоа што содржат, дозирање, збирен извештај, упатство за употреба, претставништва преку кои се набавени во земјава и се разбира, сите имаат одобрение од МАЛМЕД, единствената овластена државна агенција која има право да им даде дозвола. Понатаму, сите вакцини како и сите лекови воопшто, подлежат на систем на фармаковигиланца. Тоа значи дека доколку се јави несакан ефект, тој се пријавува во МАЛМЕД каде има оддел што ги следи несаканите ефекти. Доколку нешто со вакцините не било во ред, овој оддел досега тоа ќе го детектирал и тоа би било детектирано на светско ниво, што се разбира се нема случено.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција