Детските вакцини се безбедни и имаат одобрение за ставање во промет од МАЛМЕД
Министерството за здравство на својата веб-страница за задолжителна имунизација покрај календарот за задолжителна имунизација, ги има поставено сите производители на вакцините кои им се администрираат на децата во земјава, сите имаат одобрение од МАЛМЕД за ставање во промет и сите вакцини веќе се користат во државите на Европската Унија
Министерството за здравство на својата веб-страница за задолжителна имунизација покрај календарот за задолжителна имунизација, ги има поставено сите производители на вакцините кои им се администрираат на децата во земјава, сите имаат одобрение од МАЛМЕД за ставање во промет и сите вакцини веќе се користат во државите на Европската Унија
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
РОДИТЕЛИ: ДАЛИ ЗА ТАКАНАРЕЧЕНИТЕ ДЕТСКИ ВАКЦИНИ ИМАТЕ НА УВИД ДЕКЛАРАЦИЈА ОД malmed.mk ЗА БЕЗБЕДНОСТ???Како може ботоксите и филерите да станат општа опасност по здравјето и животот и мора да има декларација за безбедност, а детските вакцини ги протнуваат без декларација од malmed.mk ???За ботоксите и филерите направија акција “драма” со приведувања дури и на доктори, што немале декларација од malmed.mk за проверка на безбедност??? Филерите и ботоксите го загрозувале здравјето и животот на граѓаните и предизвикувале општа опасност???А колку граѓани употребуваат ботокси, филери, наспроти децата со задолжителни вакцини во календар, без валиден документ/декларација од кај нас???Зошто се повикуваат на производителот и нивните контроли, каде вакцините за деца не се задолжителни по календар???А колку изумреа од К19 вакцинин, “ненадејно почина”, срцеви и мождани удари млади луѓе, малигни заболувања во епидемиски размери, ниту извештај од обдукции ниту статистика ниту некој смее да спомне по заробени медиуми од партиски џаболебари???За разлика од други земји каде јавно се говори за помор на луѓе и деца, дури се објавуваат и статистички податоци???ДО КОГА ЌЕ ВЕРУВАТЕ НА ОВИЕ КРЕАТУРИ НА КРИМИНАЛЦИ ВО ВЛАДА, КОИ КРЕИРААТ ПОЛИТИКИ ПО ДИКТАТ НА САТАНИСТИЧКА ОРГАНИЗАЦИЈА – СЗО И ЗА ДЕТСКИ ВАКЦИНИ, КОИ СЕ БИОЛОШКО/ХЕМИСКО, ГЕНЕТСКА КОДИРАНА БОМБА ЗА ГЛОБАЛЕН ТИВОК ГЕНОЦИДЕН ЕКСПЕРИМЕНТ???
Наспроти наведеното во објавата што ја рецензираме, за лековите, вклучително и вакцините, клучен документ е одобрението за ставање во промет. Самата Агенција за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) наведува дека лек може да се стави во промет само ако има издадено одобрение за ставање во промет. Одобрението го издава Агенцијата врз основа на стручна проценка од Комисијата за лекови. Во официјалните документи на Институтот за јавно здравје од мај 2026 година се гледаат конкретни вакцини, меѓу нив HEXAXIM и ENGERIX-B, за кои има кореспонденција и службени писма од МАЛМЕД поврзани со нивната документација. Вистиномер и претходно има објавено документи за одобренијата на детските вакцини.
Значи, тврдењето дека детските вакцини едноставно се „протнуваат“ без регулаторна документација не е поткрепено со достапните официјални документи. Согласно утврдените законски надлежности Агенцијата за лекови и медицински средства е одговорна за издавање на одобренија за ставање на лекови во промет, како и промена, дополнување или обнова на одобрението. Согласно член 17 од Законот за лековите и медицинските средства, лек може да се стави во промет ако има издадено одобрение за ставање во промет. Барање се поднесува за секоја фармацевтска форма јачина и пакување. Агенцијата ги издава одобренијата врз основа на предлог на Комисија за лекови која претставува постојана стручно – советодавна комисија. Комисиите се стручно независни и самостојни во рамките на својот делокруг на работа и работат врз основа на деловник за нивната работа. МАЛМЕД има воспоставен систем за фармаковигиланца на вакцини, односно следење на нивните ефекти.
Во Северна Македонија постои официјална Програма за задолжителна имунизација на населението. Министерството за здравство ја објавува како официјална здравствена програма.
Не е точно наведеното дека „вакцините се биолошко/хемиско, генетски кодирана бомба“. Различните вакцини имаат различни технологии и компоненти. На пример, рутинските детски вакцини вклучуваат различни типови: инактивирани, рекомбинантни, конјугирани и други вакцини. За мРНК вакцините, кои се користеа против ковид-19, СЗО објаснува дека мРНК носи инструкции за создавање протеин кој го активира имунолошкиот одговор. Тоа не значи дека вакцината го менува човечкиот генетски код.
Во врска со наведеното за ботоксите и филерите, исто како и вакцините и тие треба да имаат одобрение и да бидат регистрирани од страна на МАЛМЕД (Агенцијата за лекови и медицински средства), бидејќи нелегално увезени супстанци коишто може да се и фалсификувани, може да предизвикаат сериозни ризици по здравјето. Производот мора да има соодветна дозвола за промет издадена од МАЛМЕД.
Како што информираа од Универзитетската клиника за пластична хирургија, пред употреба на филери, ботокс, колаген стимулатори или мезотерапија пациентите мора да проверат дали апликацијата ја изведува доктор со соодветна медицинска едукација.
Производот треба да е регистриран во Malmed. Оригиналното пакување се отвора пред вас. Бар код и рок на употреба. Декларација / сертификат. Доказ што точно е аплицирано (земете го производот во раце).
Црвени знаменца се прениската цена, ако нема пакување или бар код, како и третманите во немедицински услови.
Вашето лице не е место за експерименти. Бирајте соодветен доктор и проверени производи, напишаа од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија.
Ботоксот (ботулински токсин) воопшто не е наивна супстанција туку претставува лек и мора да биде регистриран во МАЛМЕД исто како и дермалните филери.

Инаку, Министерството за здравство на својата веб-страница за задолжителна имунизација покрај календарот за задолжителна имунизација, ги има поставено сите производители на вакцините кои им се администрираат на децата во земјава, сите имаат одобрение од МАЛМЕД за ставање во промет и сите се вакцини кои веќе се користат во државите на Европската Унија.
Агенцијата за лекови и медицински средства води Регистар на сите регистрирани лекови на територијата на Р.С. Македонија за кои е издадено соодветно одобрение за ставање на лек во промет во земјава. Така е и за вакцините.
Не е точно дека ковид вакцините убиваат млади луѓе, предизвикуваат срцеви и мозочни удари и малигни заболувања во епидемиски размери. Иако постојат пријавени несакани реакции после ковид-19 вакцините тоа не покажува причинско последична врска. EMA потврдува дека миокардитис и перикардитис се многу ретки несакани реакции поврзани со одредени мРНК вакцини, особено кај помлади мажи. Но од ова не произлегува дека вакцините предизвикале масовни смртни случаи, мозочни удари или „епидемија“ на малигни заболувања. EMA конкретно наведува дека анализите не покажале доказ за зголемување на смртноста поврзана со ковид-вакцинацијата во која било возрасна група, вклучително и кај децата.
Како и за другите лекови, EMA доби извештаи за смртни случаи по вакцинацијата против ковид-19. Во периодот од јануари 2021 до декември 2023 година, при што беа аплицирани околу 1 милијарда дози од вакцините против ковид-19, во системот EudraVigilance беа примени околу 12.000 спонтани извештаи за смртни случаи од здравствени работници и од јавноста. Ова не значи дека вакцините против ковид-19 ги предизвикале овие смртни случаи. Кога се вакцинираат милиони луѓе, веројатно е дека некои од нив, сосема случајно, ќе заболат или дури и ќе починат во деновите или неделите по вакцинацијата, без тоа да биде предизвикано од самата вакцина. Во повеќето случаи, овие настани би се случиле и без вакцинацијата, особено кај постарите лица и кај луѓето со веќе постоечки или недијагностицирани здравствени состојби, пишува на сајтот на ЕМА.
Не е точно дека ковид вакцините се „глобален тивок геноциден експеримент“. Центарот за контрола на болести на САД анализирал 13 американски јурисдикции во периодот април–јули 2021 година. Кај невакцинираните стапката на смртност од ковид-19 била значително повисока од кај целосно вакцинираните. Во тој период кај невакцинираните биле регистрирани 6.132 смртни случаи, а кај целосно вакцинираните 616. Тогаш, стапката на смртност била приближно 11 пати повисока кај невакцинираните. Уште појасни податоци има од анализа на 25 американски јурисдикции за 2021 година. Во периодот октомври–ноември, невакцинираните имале 13,9 пати поголем ризик од инфекција и 53,2 пати поголем ризик од ковид-смрт во споредба со вакцинирани лица кои примиле бустер.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар