Детските вакцини спасуваат животи, а не плацебото

Фото: Image by Alexandra_Koch from Pixabay

Објавата изобилува со дезинформации за наводната небезбедност на детските вакцини, но и промовира опасен наратив, а тоа е дека ,,плацебото е побезбедно и поделотворно од вистинската вакцина”. Дополнително, се сатанизираат медицински и светски здравствени организации, кои ја промовираат и гарантираат за безбедноста на вакцините, а се промовираат и застарените и секогаш актуелни теории на заговор со кемтрејлс

Објавата изобилува со дезинформации за наводната небезбедност на детските вакцини, но и промовира опасен наратив, а тоа е дека ,,плацебото е побезбедно и поделотворно од вистинската вакцина”. Дополнително, се сатанизираат медицински и светски здравствени организации, кои ја промовираат и гарантираат за безбедноста на вакцините, а се промовираат и застарените и секогаш актуелни теории на заговор со кемтрејлс

 

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

За да не сторат многу големи гревови и да не бидат соучесници во масовни злосторства над човештвото, во здобивање на многу разни потешки болести и масовни смртни случаи на луѓето, дај Боже да кај нас во Македонија и во целиот свет има што повеќе неопчинет, отрезнет, незатупен, свесен и некорумпиран медицински персонал (од страна на злосторничката фармакомафија, СЗО и Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс), кои што ќе вршат ,,вакцинирање” со безопасни ,,плацебо” вакцини, а не со експериментални генетски, отровни и други токсични, смртоносни наводни ,,вакцини”, особено над нвороденчиња и други малолетни деца! Вакцинацијата е еден од најголемите гревови и злосторства вршени над човештвото!

Во склоп на објавата се споделува линк до објава која шири теорија на заговор околу МРП вакцината која ја примаат децата, објава во која вакцините невистинито се нарекуваат генетска терапија, теоријата на заговор за кемтрејлс, но и дека вакцини не биле потребни, бидејќи наводно, природниот имунитет на луѓето бил доволен за да ги заштити од болести.

Првата невистина која произлегува од објавата е дека вакцинацијата претставува злосторство против човештвото, односно дека лекарите што учествуваат професионално во процесот на имунизација, требало да даваат „плацебо вакцини“, наместо вистинските за така наводно, да спречат смрт и болести кај оние што се вакцинираат. Сите вакцини што ги примаат децата се сигурни и проверени. Токму со вакцинирањето, а не со плацебо, се спречуваат епидемии од заразни болести и смртни случаи на населението, бидејќи вакцинацијата е најголемата придобивка на современата медицина.

Придобивките од вакцинацијата се обезбедување на здраво поколение, колективен имунитет, спречување на ризикот од заболување, намалување на трошоците за боледување и лекување, спречување инвалидитет и други последици, спречување смртност од заболувањето, создавање отпорност на организмот кон заболувањето.

Во врска со МРП вакцината која се споменува на еден од поставените линкови од објавата, таа во Северна Македонија е дел од редовниот календар за имунизација на децата и е од врвен и проверен производител. Станува збор за МРП вакцината ММР Вакспро, произведена од Мерк, Шарп и Доме Холандија (Merck Sharp & Dohme), со производствени капацитети во Германија и САД.

Од истиот производител е и рота вакцината.

Буквално сите вакцини од задолжителниот календар за имунизација имаат детални описи на тоа што содржат, дозирање, збирен извештај, упатство за употреба, претставништва преку кои се набавени во земјава и се разбира, сите имаат одобрение од МАЛМЕД, единствената овластена државна агенција која има право да им даде дозвола. Понатаму, сите вакцини како и сите лекови воопшто, подлежат на систем на фармаковигиланца. Тоа значи дека доколку се јави несакан ефект, тој се пријавува во МАЛМЕД каде има оддел што ги следи несаканите ефекти. Доколку нешто со вакцините не било во ред, овој оддел досега тоа ќе го детектирал и тоа би било детектирано на светско ниво, што се разбира се нема случено.

Фондацијата на Бил Гејтс и Светската здравствена организација се предмет на сатанизација од противници на вакцинацијата, иако тие тела само придонесуваат да се подобри опсегот на достапноста на вакцините и инвестираат и промовираат во научните капацитети.

Само еден пример е написот на Гардијан во кој се известува дека Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс со нивниот проект за вакцинација – Гави,  спасила 3.4 милиони животи во период од 8 години.

Тоа што со текот на годините се имплементирани поголем број на вакцини во имунизациските календари за децата, овозможи да се искоренат болести и да се заштитат децата. Доказ за ова е, тоа што во сиромашните држави каде што ги нема овие вакцини за децата, сè уште има епидемии за болести што во САД се искоренети благодарение на имунизацијата. Ниту вакцините се експериментални, ниту генетски, ниту токсични, ниту смртоносни за новороденчињата и децата. Во земјава дел од вакцините кои ги примаат децата се увезени од европски држави и пред да дојдат во земјава подлежат на ригорозна контрола. Некои од нив се користат со децении. Тие се сериозно испитани, сигурни и проверени, а одобрението во Македонија го добиваат врз основа на документи за таа испитаност и провереност.

Не е точно дека вакцините се непотребни и дека детскиот имунитет е доволен за да ги заштити од болести.

Бебињата се родени со имунолошки систем кој може да се бори со патогени ама има некои сериозни болести со кои тој не може да се справи. Затоа се потребни вакцини за да им се зајакне имунолошкиот систем. Овие болести во минатото убиваа многу бебиња, деца и  возрасни. Но сега, со вакцините, вашите деца може да стекнат имунитет од овие билести без да мора да се разболат. А за некои вакцини, самата вакцинација може да им даде подобар имун одговор отколку заразувањето со болеста, пишува американската библиотека за здравство од каде што се посочува и тоа дека вакцините не го преоптоваруваат имунолошкиот систем на детето.

Врвни здравствени инстанци со професионален капацитет и кредибилитет, задолжени да контролираат квалитет на вакцините и да даваат дозволи, препорачуваат вакцини за децата, и наведуваат, спротивно на она што го пишува во објавата што ја рецензираме, дека без вакцини новороденчињата се во ризик сериозно да се разболат па дури и да починат од детски болести како сипаници и магарешка кашлица. Во Белград веќе има смртни случаи од магарешка кашлица кај мали деца.

Вакцините може да превенираат чести болести кои сериозно им наштетуваа, па дури и ги убиваа новороденчињата и возрасните. Без вакцини вашите деца се во ризик сериозно да се разболат, па дури и да умрат од детски болести како сипаници и магарешка кашлица. Секогаш е подобро да се превенира болест отколку да се третира кога таа ќе се случи. Вакцинацијата е безбедна и многу ефективна. Препорачаниот вакцинален календар е создаден согласно тоа кога за детето има веројатност да биде изложено на болести и која вакцина би била најефективна. Вакцините се тестирани за да се осигури дека може да се даваат безбедно и ефективно кај препорачаните возрасти, наведува Центарот за контрола и превенција на болести.

УНИЦЕФ исто така посочува дека вакцините поминуваат низ ригорозен процес на проверка и регулација. Не може да станува збор за вакцини чија што формулација е штетна, ниту пак, нејзините последици би можеле да го надминуваат интензитетот на придобивките!

Нема потреба да бидете загрижени за потеклото на вакцините. Без разлика на земјата на производство, вакцините поминуваат низ ригорозен процес на одобрување и регулаторен процес пред да се стават во употреба. Бидете сигурни дека вашите деца се вакцинирани според националниот календар за имунизација во соодветна здравствена установа или во рамки на кампањите за имунизација што ги спроведува Министерството за здравство, пишува на страницата на УНИЦЕФ.

Вистиномер повеќе пати ја има дебанкирано теоријата на заговор која ја има и во оваа објава а која се однесува на кемтрејлс, односно на невистината дека некоја заговорничка светска скриена елита, од авиони ги труе граѓаните низ светот.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција