Дезинформација е дека Царовска, Груби и Маричиќ се вакцинирале преку ред

Фото: pixinio.com

Тројца министри од македонската влада добиле ВИП третман за вакцинација, објави албански медиум, а дел од македонските портали го преземаа без да ги проверат наведените тврдења и ја доведоа јавноста до заблуда. Оваа вест стана вирална и експресно се прошири на социјалните мрежи

 

Тројца министри од македонската влада добиле ВИП третман за вакцинација, објави албански медиум, а дел од македонските портали го преземаа без да ги проверат наведените тврдења и ја доведоа јавноста до заблуда. Оваа вест стана вирална и експресно се прошири на социјалните мрежи.

Албанскиот медиум „Њуз 1“ објави текст базиран само на шпекулации дека министерката за образование Мила Царовска, министерот за правда, Бојан Маричиќ и првиот заменик на премиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, се вакцинирале преку ред.

Слични гласини за ВИП-Вакцинација има и на Балканот, а последните денови такви информации доаѓаат и од Македонија, која е негативен лидер на црните ковид-статистички листи на светско ниво, според бројот на заразени и починати. Земјата истовремено ја тресе скандал и за сомнителни обиди за набавка на вакцини преку посредници за дупло повисока цена. Во оваа земја се шпекулира дека ВИП-вакцинација преку ред обезбедиле министерката за образование Мила Царовска, министерот за правда Бојан Маричиќ и вице-премиерот Артан Груби.

Притоа во текстот се користат фрази како „слични гласини“, „во оваа земја се шпекулира“, „постојат сомнежи“, што го прави текстот апсолутно шпекулативен и непроверен.

Македонските медиуми што го презедоа текстот, и го објавија без дополнително да го проверат, само додаваат во ширењето на дезинформации, манипулации и нечии непроверени шпекулации.

Од Владата веднаш ги демантираа овие наводи на албанскиот медиум, кои беа пренесени во дел од македонските портали и споделувани на социјалните мрежи, а веста ја сподели и пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Најостро демантираме, не постои никакво вакцинирање министри! Ги повикуваме пратеникот и порталите кои ја шират оваа тешка дезинформација да се откажат од манипулациите со населението во овие моменти на тешка здравствена состојба во државата.

Демант објави и министерот за правда, Бојан Маричиќ, кој вели дека целосна невистина и лажна вест е информацијата дека се вакцинирал.

Категорично демантирам дека јас или било кој член од моето семејство има примено вакцина. Дополнителна потврда дека се работи за целосна измислица е фактот дека информацијата ја сподели Антонио Милошоски, кој во македонското општество е познат како генератор и ревносен ширач на лажни вести, човекот кој е ретко успешен колекционер на деманти. Не би ме изненадило Милошоски и да е „бриферот“ дека наводно јас и членови на Владата сме се вакцинирале преку ред. Ваквите удари секако нема да ме поколебаат од намерата правдата целосно да завладее во нашата земја, а сите оние кои го прекршиле законот да одговараат. Комплетно е јасно дека целта на ваквите дезинформации е само да ми се наруши честа и угледот.

Демантираше и министерката за образование Мила Царовска која на Фејсбук напиша:

Пратеникот Антонио Милошоски, кој се етаблираше како главен извор на лажни вести, повторно споделува лаги. Во целост ги демантирам информациите дека сум се вакцинирала, не ми паѓа на памет да ја злоупотребам позицијата

Со вакви објави, јавноста стекнува впечаток дека дел од функционерите се специјални и добиваат привилегии преку ред, додека обичните граѓани или мора да чекаат долго за вакцинација во државата или да се туркаат во големите редици во Србија. Притоа, се постигнува емотивна реакција и револт кај граѓаните за нешто што не е вистина, а резултатот на крај е изманипулирана јавност.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција