Дезинформација е дека Tрамп ги помилувал оние кои упаднаа во Конгресот

Фото: принтскрин

Трамп ниту ги помилува ниту им ја намали казната на оние кои упаднаа во Конгресот. Целата листа на помилувани лица може да се погледне на веб-страницата на американското министерство за правда. Таму јасно се гледа дека ниедно од помилуваните лица нема поврзаност со насилниот упад во Конгресот

Трамп ниту ги помилува, ниту им ја намали казната на оние кои упаднаа во Конгресот. Целата листа на помилувани лица може да се погледне на веб-страницата на американското министерство за правда. Таму јасно се гледа дека ниедно од помилуваните лица нема поврзаност со насилниот упад во Конгресот

 

Уставот на Соединетите американски држави му овозможува на претседателот да издаде помилувања за сторени кривични дела или намалување на затворската казна. Ова право го искористи и сега веќе поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, во последните часови од неговото владеење.

Тој во средата издаде 73 помилувања и 70 комутации (замена за помала казна од досудената).

Фејсбук објава тврди дека Трамп со овој бран на помилувања ги амнестирал и оние кои упаднаа во зградата на Конгресот на САД, за време на седницата на која се потврди победата на новиот претседател, Џо Бајден:

Трамп ги амнестирал дечките што влегоа у Конгресот…..

Ќе беше до крај македонската ако и овде поминеше аболицијата на Хорхе за дечките што влегоа у парламент.

Бајден не се замара со аболицијата. Тоа се вика помирување у старт.

Кај нас уште се бара гилотина за нашиве деца патриоти! Со фрижидерите до кај сме бе? Болна нација! Злобна и расипана до срж!

Ова не е точно.

Трамп ниту ги помилува ниту им ја намали казната на оние кои упаднаа во Конгресот. На листата на помилувани се најдоа низа службеници, блиски соработници на Трамп, пријатели и поддржувачи, вклучувајќи ги и неговиот поранешен стратег Стив Банон, раперот Лил Вејн и поранешниот градоначалник на Детроит, Квами Килпатрик.

Целата листа на помилувани лица може да се погледне на веб-страницата на американското министерство за правда. Таму јасно се гледа дека ниедно од помилуваните лица нема поврзаност со насилниот упад во Конгресот.

Освен оваа дезинформација, Фејсбук објавата манипулира со уште една неточна информација. Се прави паралела помеѓу помилувањата на американскиот и на македонскиот претседател. Па така, во објавата се тврди дека поранешниот македонски претседател, Ѓорѓе Иванов сакал да ги помилува оние кои насилно упаднаа во македонското Собрание на 27 април 2017 година, познат и како „крвавиот четврток“.

И ова не е точно.

Поранешниот претседател Иванов немаше никаква врска со амнестијата за дел од обвинетите за упадот во Собранието. Тие беа амнестирани од Собранието, согласно Законот за амнестија за настаните од 27 април, донесен на 18 декември 2018 година со 95 гласа „за“, без воздржани и против. Единствената инволвираност на Иванов во овие случувања, беше неговиот потпис на овој закон на 20 декември, а потпишување на законите е дел од задолженијата на претседателот. Тој не е ја иницираше амнестијата, ниту ги амнестираше вклучените со правото на амнестија што го има, како што ги помилува обвинетите во дел од случаите што ги покрена Специјалното јавно обвинителство.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција