Дезинформацијата за 5Г и корона вирусот ја „засеа“ човек што речиси ништо точно не кажа

Фото: Томас Коуен, скриншот, 2020

Парадоксално, првиот во светот што ја пласираше погрешната и медицински непоткрепена теза дека 5Г технологијата е поврзана со ширењето на новиот корона вирус, односно со распламтувањето на пандемијата, е лице со високо медицинско образование

 

Парадоксално, првиот во светот што ја пласираше погрешната и медицински непоткрепена теза дека 5Г технологијата е поврзана со ширењето на новиот корона вирус, односно со распламтувањето на пандемијата, е лице со високо медицинско образование

 

 

Лекарот од САД, Томас Коуен, во видео што беше поставено на Јутјуб на 12 март годинава, а кое потоа многу бргу почна да се споделува по социјалните мрежи, изнесе низа неточности и бесмислици што не се очекува да се слушнат дури ни од медицински техничари, а не, пак, од лекар. Лесно проверливите факти ги негираат неговите тврдења и целосно ја разбиваат неговата теза како неоснована, односно ненаучна. Видеото бргу се ширеше и предизвика низа постови со истоветни или многу слични тврдења како тие на Коуен. За среќа, со одлука на операторите на социјалните мрежи, во меѓувреме интензивно се отстранува од социјалните мрежи, заедно со други дезинформации за новиот корона вирус.

Како што наведува  канадскиот јавен сервис CBC, самиот Коуен моментално е под пробација наложена од Медицинскиот совет на Калифорнија, со многу ограничувања за работење, откако во 2017 година е добиена пријава за некои неправилности, меѓу кои и тоа што на пациентка со канцер на дојка, без да ја прегледа и да се запознае со нејзиниот медицински историјат, ѝ пропишал лек кој воопшто не бил одобрен од Американската агенција за храна и лекови и не ја известил пациентката за тоа.

Иако има формално медицинско образование, Коуен сега се занимава главно со „холистичко лекување“ и е заговорник на „штетноста на вакцинирањето“.

Една од најголемите безмислици што ги изнел Коуен во видеото, кое инаку е снимено на една псевдо-научна конференција, е дека вирусите се, всушност,  отпадок од клетки што биле затруени, а дел од труењето доаѓало од електромагнетното зрачење, вклучително од новата 5Г технологија. Затоа, вели овој „холистички лекувач“ во видеото од 12 март, „Африка не е зафатена со Ковид-19, бидејќи таму нема 5Г“ .

Оваа елементарна невистина во разговор за канадскиот јавен сервис CBC, ја раскринкува Џејсон Киндрачук, еден од најдобрите канадски вирусолози и истражувач на нови вируси од универзитетот во Манитоба.

Вирусите не се само остатоци, отпад. Вирусите не се создаваат како начин за справување со отров, тие се мали парчиња генетски материјал окружен од протеинска обвивка. Вирусот во основа е неактивен се додека базично не се поврзе со одреден тип клетки. Откако ќе влезе во нашите клетки, тој го ослободува својот геномски материјал и потоа во основа ги користи механизмите на нашите клетки-домаќини за да создаде нови копии на себе – вели Киндрачук, поткрепувајќи го своето тврдење дека причината за пандемијата не се „остатоци“ со меѓународните истражувања на новиот корона вирус, вклучително и фактот дека научниците го расчлениле, а потоа пак го составиле, по што со него потоа инфицирале примати.

Што се однесува до тврдењата на Коуен за самата 5Г технологија, и тука има многу невистини. Тој тврди дека Вухан, кинескиот град во кој изби пандемијата на новиот корона вирус, бил првиот град во светот што целосно бил покриен со 5Г сигнал. Но, тоа е целосно неточно. Според познавачите, земји во кои е најзастапена 5Г технологијата во комерцијална употреба, се Кина, Јужна Кореја (која е и првата земја  во која почна со употреба оваа технологија на почетокот на април  2019), Обединетото Кралство и САД. Кина во октомври 2019 почна со комерцијални 5Г услуги во 50 градови, а не само во Вухан. Според тоа, ако беше Коуен во право, вирусот би се појавил и во голем број други кинески градови, а не само во Вухан, каде почна епидемијата, а дури потоа таа се ширеше на другите градови. Исто така, да беше 5Г технологијата виновна за ширењето на вирусот, и Јужна Кореја ќе имаше многу повеќе случаи со Ковид-19. И, како последен аргумент, Ковид-19 косеше и коси и во земји како Иран, Малезија, Франција, Нигерија, каде што не е пуштена 5Г мрежа или има многу ограничен територијален опфат.

Исто така, во САД 5Г мрежата на Т-Мобиле ги користи старите УХФ телевизиски фрекфенции – па да имал тој спектар на зрачење такво влијание за ширење вируси, веројатно човештвото ќе изумреше уште во првите децении на распространувањето на телевизијата.

Во обид да си ги поткрепи своите тврдења, Коуен прави паралела со пандемијата на шпанскиот грип во 1918 година и воведувањето на комерцијалните радиостаници, велејќи дека новата технологија ја предизвикала тогашната пандемија, но експерименталните радиоцентрали и станици се пуштаат во употреба години пред избувнувањето на оваа епидемија, а отворањето вистински комерцијални радио станици, и тоа на ограничени подрачја, се интензивира во 1919 година, односно радиозрачењето не е поврзано со ширење вируси – ниту пак ги предизвикува.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција