Дезинформации: Витаминот Ц и прополисот не се лек за корона вирусот

Claudius Tesch 2, CC BY-SA 3.0 , via Wikimedia Commons

Хрватскиот сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите „Фактограф“ анализира тврдење изнесено на Фејсбук-страницата „Valeduto – Nenad Roso“, од еден натуропат, дека од корона вирусот може да се излекувате со големи дози витамин Ц.

„Тоа е неточно тврдење, бидејќи немамe никакви докази за тоа. Натуропатијата е псевдонаука што ги игнорира медицинските сознанија, а која вистинските лекари ја сметаат за неефикасна, штетна и неетична“, пишува „Фактограф“.

Хрватскиот сервис за проверка на факти наведува дека Фејсбук-страницата „Valeduto – Nenad Roso“ се повикува на објава на Втората болница на кинескиот универзитет Сјиан Ѓиаотонг, дека таму се испитуваат ефектите на витаминот Ц на лицата заразени со корона вирусот и дека досегашните резултати се ветувачки.

Но, тоа не е доказ дека витаминот Ц лекува од корона вирус, пишува „Фактограф“, кој ја наведува и изјавата на Руан Гуангфенг од Кинескиот центар за информации за храната кој за државниот дневен весник на англиски јазик „China Daily“ рекол дека нема никакви докази дека витамин Ц помага во третирањето или лекувањето настинка, како и дека таквото верување не е поткрепено од науката.

Слично тврдење, дека со прополис може да се лекува човек заразен со корона вирусот, анализирал босанско-херцеговскиот сервис за борба против дезинформациите raskrinkavanje.ba.

Станува збор за текст објавен на босанско-херцеговскиот портал „Аура“, во кој имало и изјави од Самир Баралија „сараевски апитерапевт“, кој тврдел дека со сложена емулзија на прополис лекува различни типови грип и други вирусни заболувања. Апитерапијата, исто како и натуропатијата, е форма на алтернативната медицина која ги третира болестите и повредите со пчелни производи.

Текстот што raskrinkavanje.ba го анализирал содржи и мислење на Баралија дека „корона вирусот е најсличен на вирусот на бронхитисот и дека двата спаѓаат во едно семејство“.

Тоа тврдење босанскиот сервис за борба против дезинформациите го спротивставува на информацијата од Светската здравствена организација (СЗО) дека моментално не постои лек со кој се спречува или се лекува новиот корона вирус COVID-19. Исто така, пишува raskrinkavanje.ba сосема е неточно тврдењето на пчеларот дека новиот корона вирус е од истото семејство со „вирусот на брохитисот“, оти бронхитисот е воспаление на бронхиите што го предизвикуваа различни вируси и бактерии, а од вирусите најчесто вирусот на грипот.

За крај, пишува босанскиот сервис за борба против лажните вести, во текстот на „Аура“ се изнесува тврдењето на Баралија дека новиот корона вирус и грипот Х1Н1 тој ги лекува за пет до седум дена.

„Бидејќи досега немаше забележани случаи на COVID-19 во БиХ, нејасно е како опишаната „терапија“ со пчелни производи е ефикасна“, нагласува raskrinkavanje.ba.

 

(meta.mk)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција