Дезинформации за починати од корона вирусот во Србија се шират преку гласовни пораки на WhatsApp

DFID - UK Department for International Development, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Една од работите што предизвика големо внимание изминативе денови во Србија е сериозна дезинформација за состојбата со новиот корона вирус во земјата – преку апликацијата WhatsApp се шири гласовна порака, на која женски глас кажува дека најмалку петмина луѓе умреле од новиот корона вирус COVID-19 во главниот град Белград.

„Двајца луѓе починале на Инфективната клиника и уште двајца или тројца луѓе починале во Клиничко-болничкиот центар на Бежаниска Коса од корона вирусот“ е дел од гласовната порака, која кажува уште дека возило на Итна помош од Његошева улица во Белград однела заразен пациент, а екипата била во заштитна опрема.

Со оваа дезинформација се зафати српскиот сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите raskrikavanje.rs, којшто ги консултирал надлежните и утврдил дека станува збор за тенденциозна„ дезинформација, која нема никаква реална поткрепа.

Пораката почнала да се споделува во вторникот, а во неа неидентификувана жена предупредува дека новиот корона вирус стигнал во Србија а на лекарите „им е строго забрането да зборуваат за вирусот“. Според наводите во пораката, тие информации ги добила од лекарка од Инфективната клиника.

Иновативно во овој случај е што за ширење дезинформации наместо текст или видео се користи гласовна порака.

Од raskrikavanje.rs се обратиле на Институтот за јавно здравје „Батут“ за да побараат мислење за ваквите наводи. Од таму им рекле дека станува збор за лажна вест, а веќе била поднесена и кривична пријава за оваа дезинформација. Истото го потврдиле и од српското Министерство за внатрешни работи.

Во однос на наводите за Итна помош која „однела полумртов пациент“ од Његошева улица во белградската населба Врачар, српскиот сервис за проверка на факти контактирал со Службата за итна помош од каде им било кажано дека немале повици на таа улица и дека најверојатно станувало збор за некаков транспорт при кој вработените морале да застанат во таа улица.

Исто така напоменале дека поради превентивни причини нивните вработени мора да бидат заштитени, исто како што биле опремени кога пред пет дена двајца српски државјани од туристичкиот крстосувач во Јокохама биле донесени во Белград, се сметале за сомнителни случаи, но потоа се потврдило дека немаат корона вирус.

извор: Meta.mk

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција