Дезинформации за протест на 3,5 милиони луѓе во Берлин против мерките за ковид-19 се шират и во Грција
Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.
Грчкиот сервис за борба против дезинформациите ellinikahoaxes.gr анализираше фотографија што се појави на социјалните мрежи и се споделува од Грци, а за која се тврди дека прикажува маса од 3,5 милиони демонстранти што во саботата протестирале во Берлин против мерките за заштита од корона вирусот што се на сила во Германија.
Обемните проверки што се направени од грчките проверувачи на факти покажуваат дека фотографијата што се користи за да се илустрира таквото невистинито тврдење е од годишниот уличен фестивал на толеранцијата, љубовта и слободата „Боите на заедништвото“ во Цирих, Швајцарија.
Дополнително, фотографијата што е објавена на социјалните мрежи и не е од годинашното издание на тој фестивал – бидејќи тоа е откажано поради пандемијата на ковид-19, туку од минатогодишното. Исто така, според проверката на официјалниот сајт на фестивалот, на фестивалот во 2019 година учествувале околу 850.000 луѓе, а не 3,5 милиони, на која бројка наведува спорната фотографија.
Анализата, пак, на тврдењето за учество на 3,5 милиони луѓе на протестот во Берлин во саботата што го направил грчкиот сервис за борба против дезинформациите ellinikahoaxes.gr ја разоткрива главната невистина.
Според „Берлинер Моргенпост“, во Берлин во саботата навистина се протестирало, но не бил еден протест на 3,5 милиони луѓе, туку два протеста, од кои на едниот имало 17.000 луѓе, а на вториот 20.000 луѓе, што вкупно изнесува 37.000 луѓе, односно повеќе од 95 пати помалку отколку што се тврди во спорниот пост на социјалните мрежи на грчки јазик. На помалиот протест, на кој се собрале 17.000 негирачи на корона вирусот, главното мото било „најголемата теорија на заговор е таа за пандемијата“.
На вториот протестен марш наречен „Крај на пандемијата – ден на слободата“ дошло до полициски интервенции поради непочитување на мерките за заштита од корона вирусот.
The police have just announced for the third time that they’re dissvolving the protest because noone is adhering to distancing rules or wearing a face mask. They ask people to leave, the protestors are chanting “freedom” and “we are the people”, not moving anywhere. #b0108 pic.twitter.com/ACTyg9Z2qu
— Leonie Hammerstein (@hammerstein_leo) August 1, 2020
извор: Meta.mk
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар