Дезинформации за ритуални принесувања на човечки жртви по пожарот во Кочани
Фејсбук објава сее паника за масовни убиства, кои, наводно, власта ги маскира како „несреќни случаи“, при што веројатно се мисли на пожарот во Кочани, а зад тоа стоеле некакви „владетели во сенка“, масони, сатанисти и слични дежурни „страшила“ од теориите на заговор. Објавата дезинформира и дека т.н. Ден на Пи (Меѓународниот ден на математиката) е празник на кој се принесуваат жртви на египетскиот бог Птах и дека 1 Мај кај нас се слави во чест на основањето на Илуминатите во 1776 г., иако тој се слави во спомен на работничките протести во Чикаго во 1886 г.
Фејсбук објава сее паника за масовни убиства, кои, наводно, власта ги маскира како „несреќни случаи“, при што веројатно се мисли на пожарот во Кочани, а зад тоа стоеле некакви „владетели во сенка“, масони, сатанисти и слични дежурни „страшила“ од теориите на заговор. Објавата дезинформира и дека т.н. Ден на Пи (Меѓународниот ден на математиката) е празник на кој се принесуваат жртви на египетскиот бог Птах и дека 1 Мај кај нас се слави во чест на основањето на Илуминатите во 1776 г., иако тој се слави во спомен на работничките протести во Чикаго во 1886 г.
Објава на социјалната мрежа Фејсбук од 8.4.2025 г. изнесува:
Сезоната за сатанското ритуално човечко жртвопринесување е започната.
Официјално сезоната им започнува со влегување на Сонцето во астролошкиот знак на Овен(жртвено јагне) од 21 Март и трае 40 дена до 1 Мај.
А, 1 Мај е денот на баварските сатанисти : илуминати. Не вртете скара како класични синдикалци на 1 Мај и не го славете денот на сатанистите и денот на вашето ментално и духовно ропство.
Бидете си будни , и внимавајте кај одите и каде – вашите деца одат…
Избегнувајте јавни музички ,уметнички настапи, концерти,театри или било какви масовни собири, дали во Македонија или надвор од неа.
Сатанистите, масонеријата, череп и коски, го слават “воскреснувањето на луцифер” на 3.22 .
Март и Април е нивна сатанска сезона на човечко жртвопринесување.
Вардарска Македонија е одамна поделена и под контрола на темните, влашко лоби, и Ватикан…(бугарска и албанска масонерија-вброучкне)…
На 3.14 им беше денот на Пи, и тој датум го користат за жртвопринесување на човечки жртви на нивниот бог кој го слават уште од Вавилон и Египет (Птах).
Сите извршени човечко-жртвени ритуали од сатанистите ќе бидат покриени од општествениот систем, полиција, политичари, религија, судство, здравство, и ќе бидат претставени и класифицирани како “несреќни околности”, “терористички напади”…итн.
Текстот, кој е полн со теории на заговор, е преземен од друг автор, а тој тоа го објавил на 16.3.2025 г., откако на тој датум избувна смртоносниот пожар во Кочани. Иако тие теории не се ни научно, ни судски, ни како било потврдени, како што гледаме, тие сепак се шират.
Објавата сее паника за некакви масовни убиства, кои, наводно, власта ги маскира како „несреќни случаи“, при што најверојатно се мисли на настани како оној во Кочани. Тоа, наводно, претставувало „ритуално принесување на човечки жртви“, а зад тоа стоеле некакви „владетели во сенка“, илуминати и масони, кои објавата ги изедначува со сатанисти, или слични дежурни „страшила“ од теориите на заговор.
Вакви теории на заговор се среќаваат низ сиот свет, но авторот на објавата на тоа си додал и свои „зачини“: етничка нетрпеливост кон Власи, Бугари и Албанци, но и нешто што личи на православен фанатизам и антикатолицизам, кој, како што сме пишувале, кај нас нема традиција и тој се увезува како штетно странско влијание.
Објавата дезинформира и дека 14 март или т.н. Ден на Пи (англ. Pi Day) e празник на кој се принесуваат човечки жртви на египетскиот бог Птах, но тоа е празник посветен на математичката константа π=3,14, кој се одбележува по иницијатива на американскиот физичар Лери Шоу, а тоа е воедно и прослава на роденденот на Алберт Ајнштајн, па УНЕСКО го прогласиле за Меѓународен ден на математиката.
И, иако е точно дека на 1 мај 1776 г. било формирано тајното друштво на баварските илуминати (околу нив: тука, тука и тука), тоа нема врска со празнувањето на 1 Мај кај нас, а објавата неосновано ги поврзува тие нешта. Кај нас 1 Мај се одбележува во спомен на протестите во Чикаго во 1886 г. со кои се барало 8-часовно работно време, што подоцна било прогласено за Меѓународен ден на работниците, кој особено се празнувал во социјалистичките земји каква што некогаш била и нашата.
Но, да се навратиме на илуминатите. Тоа било тајно друштво, слично на масоните и за него не се знае сè, но од она што е познато нема доказ дека тоа било сатанистичко – како што тврди објавата.
Неговиот назив произлегува од илуминација (просветлување), затоа што се појавило во времето на Просветителството, рационализмот, емпиризмот и сличните идеи, кога Европа излегла од Средновековниот мрак и кога веќе се барало религијата да не доминира со општеството, а се барала и негова демократизација и трансформација од монархија во република.
Илуминатите биле секуларисти, но објавата ги опишува небаре биле верска заедница која го обожувала ѓаволот, што самите илуминати веројатно би го отфрлиле како суеверие, претпочитајќи ја науката. Тие биле доживувани како сатанисти заради нивното несогласување со црквата, но нема доказ дека тие тоа буквално биле. Слични теории на заговор има за масоните.
Според објавата, сатанистите се водат согласно астрологијата, па тргнуваат во засилена акција во периодот на хороскопскиот знак Овен. Ова застрашувачко тврдење авторот на објавата не го поткрепува со ништо, освен со тоа дека знакот Овен го асоцирал на жртвено јагне.
Ако одиме по таа „логика“, бран на насилство би требало да има во периодот на знакот Јарец, затоа што постои и поим жртвен јарец, кој е дури и пораширен, но, се разбира, тоа што постои таков поим само по себе не е никаков научен доказ дека такво нешто ќе се случи.
Објавата го споменува и тајното студентско друштво од САД, Череп и коски (англ. Skull and Bones). Дел од симболиката му е бројот 322, што објавата го толкува како 22 март (во американски формат: 3/22), што, наводно, ја потврдува тезата околу периодот на знакот Овен. Но, тука можеби се мисли на 322 г. п.н.е. кога починал старогрчкиот оратор Демостен, а има и други објаснувања.
Немаме индиции дека пожарот во Кочани и сличните немили настани, кои се случија кај нас во поблиското минато, се должат на некакви принесувања на жртви, сатанисти, илуминати, масони и слични тајни организации, туку тоа најверојатно се должи на неодговорноста и корупцијата, а сè друго е обид за дефокусирање од проблемите, доведување на јавноста во заблуда и несовено поигрување со чувствителни теми и со болката на блиските на загинатите.
Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар