Дезинформациите се исто толку опасни како и пандемијата КОВИД-19 (ВИДЕО)

Фото: Obi Onyeador, on Unsplash

Во текот на 2021 година се заостри дезинформациската кампања (инфодемија) поврзана со пандемијата на вирусот Ковид-19 на социјалните мрежи во целиот свет, а пак на локално ниво, само тимот на платформата за утврдување факти Вистиномер.мк демистифицираше над 500 лажни содржини за пандемијата и вакцинацијата на албански и македонски јазик. Последиците од дезинформациите се различни, а меѓу нив најголема е загубата на човечки животи

 

Како што истакнува д-р Александра Георгиева во интервју за Порталб.мк, во Северна Македонија негирањето на пандемијата е директна последица на „инфодемијата“. Како последица на тоа луѓето не се обраќаа за помош во болница во рана фаза на инфекцијата со Ковид-19 или пак бараа алтернативи за третман без консултација со лекар, и сето тоа резултираше со оптоварување на болничките капацитет во нашата земја.

„Живееме во ерата на социјалните мрежи, каде пристапот до интернет на општата популација е се поголем. Разбирливо е дека ова има свои ризици и предизвици, еден од нив се таканаречените „лажни вести“. Последиците од овој феномен ги гледаме во секојдневната пракса, каде што имаме пациенти кои се лекуваат со помош на упатства и видеа од интернет без консултација со медицинскиот персонал или одбиваат да се вакцинираат поради идејата дека во нивното тело ќе се стави микрочип. Светот моментално се бори со две пандемии, едната пандемија предизвикана од вирусот Ковид-19, а другата од лажните вести. Ова второто навистина потешко е да се спречи. Друг аспект е психолошкиот, кој остава психолошки последици врз граѓаните бидејќи кога се шират со сензационализам, лажните вести често и даваат апокалиптични димензии на пандемијата со Ковид-19“, изјави д-р. Александра Георгиева.

Д-р Александра Георгиева, за Порталб (Видео)

Дезинформациите беа предизвик и за самите лекари, од кои многумина, иако со соодветно медицинско знаење за пандемијата, честопати мораа да се сомневаат во нивната професионалност.

„Понекогаш, лажните вести во еден пост се толку добро скриени што дури и на здравствен работник му е тешко да каже дали информациите се вистинити или не. Во овие случаи, за да се избегнат лажните вести, потребно е да се бара изворот на лажните вести или релевантниот извештај за истите. Проблемот е што од еден извор произлегуваат повеќе контрадикторни информации. На почетокот на пандемијата имаше толку многу вести, што јавноста беше навистина збунета и не знаеше кому да му верува. Накратко, понекогаш помалку вести се подобри вести“, рече д-р. Александра Георгиева.

Одредени медиуми, кои на разни начини придобиваат од дезинформациите, сега се насочени кон болеста „Флурона“, болест што се јавува кога едно лице истовремено е заразено и со Ковид-19 и со сезонски грип.

„Иако Флурона е најновата сензација за медиумите, во пракса кај овие пациенти не сме наишле на сериозни компликации. Да појасниме, станува збор за пациент кој е болен од Ковид-19. Во овој случај, најверојатно станува збор за варијантата Омикрон, која има тенденција да стане доминантна варијанта и да ја надмине варијантата Делта која моментално е подоминантна кај пациентите. Но, во исто време, пациентот е болен и од сезонски грип. Комбинацијата на симптоми е комбинација на симптоми предизвикани од Ковид-19, но во исто време и оние на сезонскиот грип, како што се: болки во мускулите и зглобовите, треска и сл. За среќа, во нашите болници не се зафатени сите капацитети и во овој поглед не чувствуваме притисок врз јавното здравство. Во пракса се соочуваме со уште еден проблем, а тоа е недостигот на стручен кадар. Повеќето од нив се лекари и медицински сестри кои поради инфекцијата со Ковид-19 моментално се во изолација. Дури и да се работи за асимптоматска инфекција, изолацијата трае и до 10 дена, што предизвикува големи проблеми во болниците“, нагласи д-р. Александра Георгиева.

Иако во изминативе денови во јавноста се зборуваше дека пандемијата е при крај, д-р Александра Георгиева вели дека луѓето треба да научат да живеат со коронавирусот. Според научните податоци интензитетот на вирусот ќе се намали и со тоа ќе се намали и инциденцата на смртност, но нема да го снема целосно.

„На почетокот на 2022 година генералниот директор на СЗО излезе со една оптимистичка изјава, при што рече дека оваа година очекуваме да и ставиме крај на пандемијата со Ковид-19. Секако, доколку имаме рационална вакцинација, поконкретно вакцините да стигнат до земјите со ниски приходи како и придржување на  епидемиолошките мерки во сите земји кои чувствуваат притисок врз здравствените системи поради големиот број на хоспитализирани. Во пракса, никој не може точно да предвиди кога ќе заврши пандемијата со Ковид-19, затоа што тоа зависи од многу фактори кои го оневозможуваат ова предвидување. Меѓутоа, последиците врз здравствениот систем, како и врз социјалниот систем несомнено ќе го надминат времетраењето на пандемијата. Според моето лично мислење, земјите не треба да се оптоваруваат со т.н. Нула Ковид, затоа што вирусот ќе продолжи да биде присутен меѓу нас и ќе продолжува да се шири и по завршување на пандемијата. Затоа, важно е да не предизвика сериозни последици кај луѓето и да се минимизира смртноста“, рече д-р. Александра Георгиева.

Лекарите апелираат на сета оваа ситуација се пристапи со оптимизам и што побрзо да се вратиме во нормален живот.

„Сепак, оваа нова година мора да ја гледаме со оптимизам и да го чекаме крајот на пандемијата, со што ќе се вратиме во нормален живот како што беше порано и ќе можеме да имаме поинтензивна социјализација со нашите најблиски.  Ова е важен аспект бидејќи луѓето пред се се општествени суштества и според дефиницијата на СЗО, здравјето претставува здрава психолошка благосостојба и среќа“, додаде д-р. Александра Георгиева.

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција