Дезинформациите за скопската вода се опасни по здравјето
Кога граѓаните стравуваат за своето здравје, празниот простор меѓу нивното прашање и официјалниот одговор лесно може да биде исполнет со гласини. Затоа, довербата не се гради само со демантирање на лажните тврдења, туку со постојана, навремена и транспарентна комуникација.
Кога граѓаните стравуваат за своето здравје, празниот простор меѓу нивното прашање и официјалниот одговор лесно може да биде исполнет со гласини. Затоа, довербата не се гради само со демантирање на лажните тврдења, туку со постојана, навремена и транспарентна комуникација
Пишува: Мирослава Симоновска
Пораки со невистинита содржина, во кои лажно се тврдеше дека водата во Скопје е загадена со бактеријата Ешерихија коли и наводно не треба да се пие, за само неколку часови предизвикаа сериозна паника во главниот град. Граѓаните панично ја споделуваа ваквата невистинита содржина во приватни пораки барајќи одговори, но таа ги демнеше и во големи групи на Фејсбук и во комуникациите на алатките за испраќање пораки.
Во анатомијата на пораката се содржеа сите елементи на теорија на заговор: се тврдеше дека водата е наводно загадена ама тоа „го знаат само мал број луѓе“, за да се креира чувство на конспиративност; се тврдеше дека изворот на информациите е вработена во лабораторија и е „блиска пријателка“ што сака да им помогне на сограѓаните и да ги предупреди. Додадена беше и невистината дека на Клиниката за инфективни болести имало зголемен број на заразени со ешерихија коли.

Директорот на Клиниката за инфективни болести доктор Фадил Цана ги демантираше овие гласини – имало повеќе хоспитализации, но ниедна не е асоцирана со водата од скопски Водовод. Токсикологот професор доктор Андон Чибишев, пак, посочи дека кога би имало зараза со Ешерихија коли, таа би предизвикала масовни последици кои не би можеле да се игнорираат и побара одговорност за оние што шират дезинформации.
МВР е на потег, итно да се откријат нарачателите, креаторите и промоторите на оваа гнасна лага која внесе надоверба и страв кај граѓаните на Скопје, вели тој.
Оваа здравствена дезинформација беше третирана поинаку од органите на прогонот од останатите од ваков вид. Тоа што голем број граѓани почнаа да се сомневаат во квалитетот на водата за пиење и паниката која настана, ги алармираше властите за спроведување на законот.
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, во врска со ширењето на лажните информации на социјалните мрежи за наводно загадување на водата за пиење во Скопје, до сега повика 13 лица на информативен разговор, велат од Министерството за внатрешни работи за „Вистиномер“.
Со лицата е извршен службен разговор, при што сите се изјасниле дека информациите ги објавиле или споделиле откако претходно виделе слична објава на социјалните мрежи или слушнале од друго лице.
Притоа, никој од нив не посочил конкретен, потврден или веродостоен извор кој би ги поткрепил тврдењата за загадување на водата. Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика ќе продолжи со прибирање и анализа на податоци со цел да се потврдат сите околности поврзани со настанот, како и начинот на кој информациите се појавиле и понатаму се ширеле во интернет просторот, додаваат оттаму.
Министерството за внатрешни работи укажува дека ширењето на непроверени и неточни информации, особено кога станува збор за прашања што се однесуваат на здравјето и безбедноста на граѓаните, може да предизвика неоправдана паника и вознемиреност во јавноста.
Апелираме до граѓаните да не споделуваат информации чија точност не е проверена и да се информираат исклучиво од официјални и релевантни извори. Одговорното користење на социјалните мрежи и проверката на информациите пред нивно објавување или споделување се од суштинско значење за спречување на дезинформации и заштита на јавниот интерес, потенцира МВР.
Оваа опасна здравствена дезинформација почна да се распаѓа како кула од карти откако официјалните власти и ЈП Водовод Скопје излегоа со официјален демант и со докази – документи од лабораториските испитувања на примероците. Водата во Скопје е безбедна и се врши обемен дневен мониторинг на нејзиниот квалитет.

И министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски смета дека ширењето дезинформации за здравствени аспекти, треба да подлежи на одговорност.
Според мене, мора да има одговорност за ова што се случи. Не може туку-така да се споделуваат таков тип информации и да се шири масовна хистерија и паника кај граѓаните, вели тој.
Вистиномер и претходно алармираше за дезинформации поврзани со водата за пиење во земјава. Тие почнаа да се множат по епидемијата што беше прогласена во Гостивар откако зголемен број граѓани почнаа да бараат медицинска помош во болниците со слични тегоби.
Случајот со водата во Скопје покажува зошто здравствените дезинформации се посебна категорија. Кај политичката или економската дезинформација, последицата може да биде погрешно формирано мислење. Кај здравствената дезинформација, последицата може да биде конкретна одлука што директно влијае врз здравјето – што ќе пиеме, што ќе јадеме, дали ќе побараме лекарска помош, дали ќе земеме одреден лек или дали ќе послушаме официјална здравствена препорака.
Светската здравствена организација (СЗО) нотира дека при здравствени кризи, понекогаш се создава и „инфодемија“, термин со кој ја опишува прекумерната количина информации, меѓу кои има и неточни или погрешни тврдења, што го отежнува пронаоѓањето на веродостојни информации. Според СЗО, инфодемијата може да создаде конфузија, да поттикне ризично однесување, да ја намали довербата во здравствените институции и да го поткопа одговорот на јавно-здравствените власти.
Тоа предизвикува збунетост и однесување што вклучува преземање ризици, а може да му наштети на здравјето. Исто така, доведува до недоверба кон здравствените власти и го поткопува одговорот на јавното здравство. Инфодемијата може да ги интензивира или продолжи епидемиите кога луѓето не се сигурни што треба да направат за да го заштитат своето здравје и здравјето на луѓето околу нив. Со зголемената дигитализација – односно ширењето на социјалните мрежи и употребата на интернет – информациите можат да се шират побрзо. Ова може да помогне побрзо да се пополнат празнините во информациите, но може и да ги засили штетните пораки, наведува СЗО.
Токму затоа, борбата против здравствените дезинформации не треба да се сведува само на нивно демантирање откако ќе предизвикаат паника. Управувањето со инфодемијата подразбира поширок и системски пристап, чија цел е граѓаните навреме да добијат точни, разбирливи и проверливи информации и врз нивна основа да носат одлуки за своето здравје.
Тоа, според Светската здравствена организација, подразбира четири клучни активности: слушање на загриженоста и прашањата на заедницата, поттикнување подобро разбирање на здравствените ризици и советите од експертите, градење отпорност кон дезинформациите и вклучување и зајакнување на заедниците за преземање позитивни дејства.
Случајот со лажните тврдења за загадена вода во Скопје покажува зошто сите четири елементи се важни. Кога граѓаните стравуваат за своето здравје, празниот простор меѓу нивното прашање и официјалниот одговор лесно може да биде исполнет со гласини. Затоа, довербата не се гради само со демантирање на лажните тврдења, туку со постојана, навремена и транспарентна комуникација.
На крајот, најважната одбрана од здравствената дезинформација не е само способноста да препознаеме една лажна порака, туку општество кое знае да постави прашање, да го препознае веродостојниот извор, да го разбере ризикот и да донесе одлука заснована на докази, а не на страв. Само така следната здравствена гласина ќе има помалку простор да прерасне во нова паника.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар