Дезинформација за министерот Филипче, стара година и пол, се шири низ регионот

 

 

Пишува. Стојан Синадинов

 

Улогата на министерот за здравство д-р Венко Филипче во справувањето со пандемијата на вирусот ковид -19 кај нас наидува на прилично голема поддршка од јавноста.

Во последната анкета објавена во „Детектор“ дури 71,2 отсто од граѓаните велат дека се задоволни од работата на надлежните во справувањето со епидемијата со корона вирусот, објави порталот nezavisen.mk. на 16.05.2020.

Анализирајќи едно од последните соопштенија на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, порталот заклучува дека:

Во главната опозициска партија решиле да одиграат ризичен политички гамбит, па од денеска, сабота, тргнаа во потера во симнување на аурата и кредибилитетот на министерот за здравство, Венко Филипче, во справувањето со епидемијата на корона кризата. Секако, тоа е поврзано со одлуката за датумот на изборите, од кој веќе, очигледно не може да се бега по позитивниот одговор од ОБСЕ/ОДИХР да ја продолжат набљудувачката мисија за предвремените избори прекината поради епидемијата на корона вирусот.

Ако, пак, се погледнат рејтинзите од екот на пандемијата кон крајот на март, тогаш рејтингот на министерот Филипче изнесувал и вртоглави за наши услови 82 отсто! Треба ли тогаш да нè чуди што откако е констатирано дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ тргнала во политички „лов на Филипче“, почнуваат да циркулираат лажни вести (и) во регионот? Не треба, тоа веќе стана редовна пракса. Но, овојпат е употребена и алатката на антиваксерите…

На 18.05.2020 на социјалните мрежи почна да се препраќа текст со бомбастичен наслов: „СКАНДАЛ: Македонски министер ја лажирал вакцинацијата за да ги убеди гражаните да ги вакцинираат децата! “ Со едноставно пребарување за неколку моменти може да се утврди дека овој текст, всушност, веќе бил објавен на порталите во регионот на српски и хрватски јазик пред речиси една година, а сега, со минимални корекции, е само преобјавен.

Но, повторно се работи за пласирање лажни вести на регионално, кои веќе биле дебанкирани на национално ниво. Овојпат ова застарена лажна вест ја реобјавува анонимен блог, на чии страници можат да се најдат реклами за чудотворни лекови, антиваксерски написи и текстови каде за идните вакцини против корона вирусот се цитираат политичари, наместо научни студии или барем ставови на експерти. Овој популистички блог изгледа како да произлегува од најдобрата „традиција“ на велешките тинејџери, само овојпат во Србија, каде целта е преку лажни и сензационализстички вест ида се заработат пари од реклами без да се обрати внимание на нивната вистинитост.

Наводниот скандал со признанието на министерот Филипче дека глумеле вакцинирање на внуката со МРП-вакцина во два наврати било дебанкирано на crithink.mk веќе на почетокот на 2019 година.

Но, да тргнеме по ред и да се обидеме да разјасниме како се шират овие дезинформации кај нас.

Министерот за здравство сакал да им испрати порака на граѓаните дека вакцините не се опасни, па наводно ја вакцинирал неговата внука пред камерите, а сето тоа го пренеле државите медиуми. Но нечие остро око приметило дека на инјекцијата не е симнато пластичното капаче, и дека очигледно се работи за измама, тврди српскиот портал.

Ама, уште пред година и пол ова лажно тврдење што сега се повторува е дебанкирано:

Не станува збор за капаче, туку за адаптер, кој овозможува иглата да се закачи за шприцот со кој на детето му се дава вакцината. Во случајов се користи мала игла за бебиња поради што таа не се гледа на сликата, туку се гледа адаптерот за кој e погрешно констатирано дека е капаче. Еве како изгледа шприц за вакцинирање деца.

Порталот понатаму тврди дека јавноста и медиумите со сета сила се нафрлиле на министерот за здравство, па тој по кратко негирање признал дека го лажирал вакцинирањето на неговата внука, без да има лоша намера…

Меѓутоа, и ова тврдење, исто така, е дебанкирано:

Министерот Филипче и да сакал да ја вакцинира внуката со МРП – не можел, бидејќи според Календарот за имунизација, таа се прима на 12 месеци, а децата ги вакцинираат на 13 месеци. По прогласување на епидемијата во Скопје на 2 јануари 2019 година, здравствените власти дадоа наредба со половина доза МРП да се вакцинираат и бебиња над шестмесечна возраст. Според фотографијата на која Филипче ја вакцинира внуката, јасно се гледа дека бебето не е на таа возраст. И од Министерство за здравство испратија демант за оваа вест и апелираа до граѓаните да ги проверуваат вестите што се пласираат во дел од медиумите, бидејќи станува збор за лажни вести.

Мојата внука е мала, и не може да биде вакцинирана со МРП-вакцината. Но, јас како дел од здравствените работници ги уверувам сите граѓани дека вакцините се безбедни. Процесот на вакцинација е апсолутно безбеден и тоа е вистинска инвестиција во здравјето на децата. Демантирам дека иглата при вакцинацијата била со капаче. Станува збор за адаптер што се надоврзува на шприцот. Поради тоа, на фотографијата не се гледа иглата на вакцината, изјавува Филипче во демантот.

Порталот што посакувал одново „откриен“ скандал, тврди дека антиваксерските организации и други групи кои се борат против задолжителната вакцинација на децата ќе поднесат кривични пријави против министерот за здравство и Владата, бидејќи сакале ги измамат своите граѓани, да ги доведат во заблуда и да го загрозат нивното здравје.

Секако дека фактите говорат друго:

Текстот што го рецензираме е еден од серијата написи, главно објавени на опозициски портали, во кои одговорот на министерот е изваден од контекст и од тоа е направена лажна вест. Во кампањата за зголемување на свеста за вакцинирањето, на која се појави и Филипче со внука си, како пропуст може да се нотира тоа што не беше јасно специфицирано која точно вакцина ја прими внуката на министерот, за да не дојде до ваква забуна, погрешно толкување на намерата и нејзина злоупотреба. Бидејќи целата фама во јавноста околу вакцините се однесува токму на споменатата вакцина МРП, граѓаните добија погрешен впечаток дека во кампањата министерот ја вакцинира внука си токму со оваа вакцина, објави crithink.mk пред година и пол.

Заклучокот на дебанкирањето на оваа вест со право посочува:

Во ситуација кога постои можност некоја постапка да биде злоупотребена, каков што е овој случај, со оглед на постоењето на не така мало движење против вакцинација, треба навремено да се излезе со сите релевантни информации за на потенцијалните манипулатори да не им се остави простор за лажни толкувања, евтини напади или, накусо кажано, за правење лажни вести.

Ете, дури и година и пол по дебанкирање на вакви лажни вести, тие остануваат „живи“. Не е тешко да се претпостави дека политичкиот „лов во матно“ во услови на пандемија со вирус за кој медицината засега нема лек некому може да му биде од корист.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција