Дезинформациска војна против Франција: Брижит Макрон повторно обвинета дека е транс-жена
Американската јутјуберка Кендис Овенс минатиот месец објави видео со стари „докази“ дека првата дама на Франција, Брижит Макрон, е трансродова жена. По нејзе, разни Твитер сметки објавија свои видеа со „дефинитивни докази“ кои наводно го потврдуваат тој факт. Ништо од тоа не е вистина. Брижит веќе еднаш беше на суд и го доби случајот заради слични клевети. А, новиот извештај на ЕЕАЅ, покажува дека напливот на дезинформации и сајбер кампањи против семејството Макрон и Франција, е дел од поголем бран на ФИМИ против државата
Американската јутјуберка Кендис Овенс минатиот месец објави видео со стари „докази“ дека првата дама на Франција, Брижит Макрон, е трансродова жена. По нејзе, разни Твитер сметки објавија свои видеа со „дефинитивни докази“ кои наводно го потврдуваат тој факт. Ништо од тоа не е вистина. Брижит веќе еднаш беше на суд и го доби случајот заради слични клевети. А, новиот извештај на ЕЕАЅ, покажува дека напливот на дезинформации и сајбер кампањи против семејството Макрон и Франција, е дел од поголем бран на ФИМИ против државата
Пишува: Матеј Тројачанец
Повторно се споделуваат дезинформации дека првата дама на Франција, Брижит Макрон, е трансродова жена, односно родена како маж. Сега, според новиот заговор, не само што е транс, туку е и биолошки татко на претседателот Емануел Макрон! Вистиномер претходно пишуваше на оваа тема, но затоа што сега повторно неосновано се обвинува семејството на Макрон вреди да се разгледаат новите извори на ваквите дезинформации.
Прво и најосновно што треба да се наведе е дека ова се целосни измислици засилени со монтирани фотографии. Овие дезинформации се, всушност стари, бидејќи за првпат се појавуваат низ француските медиуми уште за претседателските избори во 2017 годинa, но добиваат огромно внимание кога независната новинарка Наташа Реј дава интервју на Јутјуб, чиј водител е интернет гатачката Амандина Рој, каде ги изложува своите „докази“ – фотографија од Брижит и нејзиното семејство Троњо.
Првата дама ги тужеше двете жени кои ја проширија дезинформацијата дека Брижит Макрон никогаш не постоела, туку дека нејзиниот брат Жан-Мишел го преземал овој нов идентитет откако направил промена на полот. Случај што понатаму го доби на суд.
Но, заради проминентноста на инволвираните, тогаш почна да се шири и хаштагот #ЖанМишелТроњо (Jean Michel Trogneux), што беше споделуван илјадници пати со различни фотографии како „доказ“ дека таа во детството била родена како момче. Жан-Мишел е името на братот на првата дама на Франција, кој неосновано се обвинува дека го променил своето оригинално име во Брижит.

Сега, оваа дезинформација повторно се прошири, бидејќи американската јутјуберка Кендис Овенс направи серија од шест видеа каде повторно ја реактуелизира оваа дезинформација. Франс прес ја опишува Овенс како „сериски ширач на теории на заговор“ и „персона нон грата во Австралија и Нов Зеланд“. Нејзините видеа беа дотолку вирални што беа споделувани и од редовните теоретичари на заговор на македонските социјални мрежи.
А, „доказ“ за нејзината успешна истражувачка работа беше тоа објави видео со наслов „…добив правна закана од актуелен претседател на држава“. Овенс открива дека ја контактирала адвокатска фирма која ја застапувала Брижит Макрон. Англискиот Телеграф пренесува дел од писмото што Кендис Овенс го добила од адвокати кои ја претставуваат првата дама:
Оваа дезинформациска кампања е речиси целосно заснована на „негатива“ – г-ѓа Макрон не изложила дефинитивен доказ дека е жена; затоа, таа мора да биде маж“. Во писмото се тврди дека г-ѓа Макрон не ѝ должи доказ на Овенс – „искрено, тоа не е ваша работа“ – и тврди дека Овенс ја „клевети“ [Брижит] пишуваат во написот.
На целата оваа хајка, се надоврзуваат и други Твитер сметки кои не само што велат дека Брижит е транс-жена, туку и дека е биолошки татко на Макрон! Доказ за ова е наводно интервју со бивши соученик на францускиот претседател. Но, финтата е дека овој „доказ“, односно ова сведоштво, е достапно само со претплата на Твитер сметката.
Што всушност се работи?
Целата премиса на „истрагата“ што Реј и Рој ја започнаа, а Овенс дополнително ја прошири, се темели на фотографии од детството на Брижит. Односно, сличноста на лицата на Брижит и нејзиниот брат Жан-Мишел (фотографијата погоре). Другиот ударен „доказ“ е заклучен и не може да знаеме што содржи и колку е веродостоен наводниот извор, па во отсуство на каков било друг доказ или официјална информација, се пласира како да е вистина дека Брижит е всушност Жан-Мишел по направената транзиција.
Она што дополнително ги потхранува шпекулациите и оние што ги шират е фактот што Жан-Мишел, иако е брат на првата дама на Франција тој не е јавна личност и за него нема многу фотографии, ниту информации.
Од друга страна, факт е дека родени браќа и сестри неретко имаат слични црти на лицето и наликуваат еден на друг.
Поширокиот контекст со француските дезинформации
Покрај овие за Брижит Макрон, Вистиномер има направено еден куп рецензии на дезинформации за францускиот претседател Емануел Макрон, за минатогодишната олимпијада во Париз и генерално за Франција и нејзината поврзаност со Европската Унија. Огромната бројка на дезинформации е неслучајна, бидејќи Франција е долго време мета на руските сајбер напади и кампањи.
Францускиот сервис Вигинум, како и европската мрежа за борба против дезинформации ЕДМО, во своите извештаи темелно ја опишаа структурираната и координирана руска мрежа на сајтови кои шират дезинформации во Европа и други држави низ светот
Нивните наоди дополнително се докажуваат во новиот извештај на Европската служба за надворешна акција (European External Action Service – ЕЕАЅ), односно дипломатската гранка на Европската Унија. Фокусот на извештајот е на Манипулации со информации и опструкции од странство (ФИМИ), каде што се наведува дека токму Франција е една од најпогодените нации:
По Украина, Франција беше исто така една од примарните цели на непријателските актери, со 152 случаи откриени од страна на ЕЕАС кои потекнуваат од рускиот и кинескиот екосистем ФИМИ. Олимписките и Параолимписките игри во Париз и француските парламентарни избори беа меѓу главните цели, пишува во извештајот.
По санкциите на ЕУ против РТ и Спутник во 2022 година, Русија ја пренасочи својата медиумска стратегија, значително зголемувајќи го своето присуство во Африка. Според извештајот, истата година кога беа воведени санкциите Русија ги лансираше „Sputnik Afrique“, направи уреднички промени во „RT en Français“ и се обиде да основа регионална канцеларија на РТ во Јужна Африка. Дополнително, беа регистрирани неколку веб-домени фокусирани на Африка, како што се rt-afrique.com и rtafrique.online.
Сите овие потези сугерираат стратешка промена насочена кон зајакнување на медиумското влијание на Русија во регионите помалку погодени од европските ограничувања. А, генерално трансфобичните дезинформации против Брижит и Емануел Макрон генерално се преклопуваат со руските долгорочни дезинформациски наративи. Наративи што ја потхрануваат т.н. „културолошка војна“ помеѓу традиционалните вредности, како што се истакнување на значењето на семејството, почитта, верата, итн, наспроти модерните и прогресивните идеи. Културолошка војна во која Кендис Овенс беше редовен „воин“.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар