Дезинформациски наративи: Уставот не го даваме, Бугарите не ги сакаме! 

Фото: Национално собрание на Република Бугарија, CC BY 4.0

Во изминатиот период зачестија наративите дека Бугарија води геноцидна политика кон македонскиот народ, зeмјата се претставува како фашистичка, а Бугарите се ословуваат со погрдни имиња – „бугаришта, тататри, клошари“. Ова е особено присутно на социјалните мрежи каде се забележува нетрпеливост, омаловажувачки и навредлив говор кон Бугарите 

Во изминатиот период зачестија наративите дека Бугарија води геноцидна политика кон македонскиот народ, зeмјата се претставува како фашистичка, а Бугарите се ословуваат со погрдни имиња – „бугаришта, тататри, клошари“. Ова е особено присутно на социјалните мрежи каде се забележува нетрпеливост, омаловажувачки и навредлив говор кон Бугарите 

 

Обврската за внесување на Бугарите во Уставот како услов за отпочнување на преговорите со Европската Унија, стана за нас преголем, па и горчлив залак, ја подели јавноста и ги сензибилизираше односите во државата. Оваа чувствителна тема предизвика негативен сентимент кон источниот сосед, што е особено присутно на социјалните мрежи каде се забележува нетрпеливост, омаловажувачки и навредлив говор кон Бугарите. 

 

Бугаришта, клошари, татари 

Во изминатиот период зачестија наративите дека Бугарија води геноцидна политика кон македонскиот народ, за што наводно има поддршка од Европската Унија. Притоа, зeмјата се претставува како фашистичка, а Бугарите се ословуваат со погрдни имиња – „бугаришта, тататри, клошари“. Такви објави на социјалната мрежа Фејсбук има повеќе, а тука ќе прикажеме само некои покарактеристични.  

Татари: 

  • А бре бугари татари, ние кога бевме демократска држава вие бевте концентрационен логор на Тодир Живков – линк 
  • Браќа татарски бугари, или поточно кажано, ОДРОДЕНИ МАКЕДОНЦИ! – ЛИНК 
  • Македонска вистина, 31 декември истриско писание, проблем е во коментарите…. „Градот Болгар, на реката Волга, претставува едно од најзначајните историски и духовни средишта на денешните Казански Татари – ЛИНК 
  • Tрганите има да ви ги одкорнам и одлепам бугаришта едни непрокопсани татари. На цела бугарска нација – ЛИНК 
  • Погледнете какви психо Бугари од Пиротска 5 не пријавуваат. Жални татари заведени од Каракачани цинцари за да мразат Македонци – ЛИНК 
  • На мајмуните татаро-бугарски многу им е смешно , ама кој паметен внесува мајмуни во устав – ЛИНК 
  • Македонскиот народ не ги сака во уставот, затоа не треба многу со монголците да се објаснуваме!!! – ЛИНК 

Бугараши:  

  • Бугараши, овој е Карпош партизан на НОБ, народен херој. Борец против фашизмот, Хитлер и неговте верни слуги, меѓу кои бевте и вие. – линк 
  • Бегајте вечерва од паркот од Ѓорче ! Собир на северџани. На бугараши. На ПРЕДАВНИЦИ. На мразачи на сопствената држава. На слуги на ДУИ ! – ЛИНК 
  • Гнидо Бугарсшка како мал те сакав, а сега многу радо би те плукнал, ама само со Љубов. Ти тоа време си сакал да ја поделиш Македонија меѓу Бугарија и Албанија. Со Доста ве пронашле во курортниот комплекс “Дружба” помеѓу Варна и Златни Пјасци, кој е Центар на бугарските служби – ЛИНК 
  • ТИТО ОД АВСТРАЛИЈА ГИ ПОЗДРАВУВА КЛЕТИТЕ БУГАРАШИ – линк 
  • СМРТ НА ДУШМАНИ ТУРКОМОНГОЛИ И БУГАРАШИ ПАРАЛОВЦИ – ЛИНК 

 Фашисти/фашизам: 

  • ОВОЈ ДОШЛАК , ФАШИСТ , КОЈ УЖИВА да ИЗГОВАРА  ФАШИСТИЧКО , АНТИМАКЕДОНСКО СЕВЕРНА , се ТЕПА БУГАРСКИ ФАШИСТИ да сме  ВНЕСЛЕ ВО НАШ МАКЕДОНСКИ УСТАВ – ЛИНК 
  • Какви Бугари, какви врагови, таква нација не постои, за фашисти нема место во уставот, Македонија има потреба од Македонци. Ако Бугарите влезат во уставот на македонската нација, црно и се пишува – ЛИНК 
  • Micko ti ostanuva da gi ponistis predavnickite dogovori so prljavata i smrdliva fasisticka bugaria. Ako pomislis na predavstvo znaj koga ce ima izbori ti ce izgubis sigurno. VMRO nema da postoi – ЛИНК 

Бугаришта: 

  • Органите има да ви ги одкорнам и одлепам бугаришта едни непрокопсани татари. На цела бугарска нација – ЛИНК 
  • НА СИТЕ БУГАРИ ИМ ПОРАЧУВАМ ДА СЕ САМОБЛОКИРААТ. ЕКУМЕНИСТИЧКИ ЕРЕТИЦИ БУГАРИШТА НА ПРОФИЛОВ НЕ МИ ТРЕБААТ – ЛИНК 
  • Гнасни бугаришта еве што вели овој слепец од Бугарија гнаса смрдена бугарска – ЛИНК 
  • Затоа прекин на преговорите со овие Бугаришта крај со нив ,Бугарски договор скине те го ! Преспа исто и враќање на името ! Доста со уцени – ЛИНК 
  • НИКАКО ПРИФАЌАЊЕ ЗАЕДНИЧКА ИСТОРИЈА , И БУГАРИШТА ВО УСТАВОТ НЕ НИ ТРЕБААТ  ,  НАС ЌЕ НЕ НАПРАВАТ ФАШИСТИ , БОЖЕМ ТИЕ НЕ БИЛЕ  ФАШИСТИ  И ТИЕ СЕ БОРЕЛЕ ПРОТИВ ФАШИЗМОТ… – ЛИНК 

Зошто е споредбата со Татари? 

Многу голем дел од објавите каде што може да се сретне говор на омраза или подбуцнувачки говор се однесува на именувањето на Бугарите како Татари. Зад ова стојат историски тези, чија крајна цел е да се прикажат Бугарите како не-Словени, како потомци на диви азијатски племиња и слично, т.е. како народ со пониска вредност. На пример, во една објава се наведува

Па кои биле Бугарите? На Балканот до 6 век не се среќава името Бугари и тоа само како Татари. Бидејќи Македонците на Балканот од Бугарите биле постари преку еден милениум, никако белите Македонци не можеле да бидат Бугари (Татари). Токму Бугарите биле познати кај реката Волга, а Македонците живееле на Балканот, во Египет, Пакистан…Тибет…   

Ваквите назначувања поврзани со историјата и со зачетоците на бугарската држава во раниот среден век и современите Бугарите, на социјалните мрежи често се поврзуваат и со режимот во Бугарија по Втората светска војна, со што се прават повеќевековни скокови кои немаат никаква смисла, како што може да се види од примерот во следната објава 

А бре бугари татари, ние кога бевме демократска држава вие бевте концентрационен логор на Тодир Живков 

Ваквите објави иако на прв поглед не се чинат многу страшни – на пример, посочениот се однесува на историска споредба на југословенскиот социјалистички со бугарскиот социјалистички систем – знаат како овој да предизвика лавина коментари во кои има навредливи, недолични зборови и омраза, при што се употребуваат не само „татари“, туку изрази како „хитлеровски ѓубриња“ „секогаш со ѓаволот“.  А во дел од коментарите под оваа објава се наведува и следново:

Добро му кажа на Татариве фашисти.
Уште е учат Живковата историја,толку му работи мозокот .Треба кутрите да посетуваат психијатри и да се лечат. Племе нивно Татарско,вештачка создадена држава од западот во 1878 година, кнез Германец со жена Италијанка нивни потомок цар Борис слуга на нацистот Хитлер.

Bugarite Bea fasisti site go znaat toa gadovi gospod ke gi kazni za toa sto ni pravat vo eu parlamentot

PA,TOKMU ZARADI TOA GO POKAZUBAAT NA SEKOJ CEKOR SVOJOT KUCESKI KARAKTER.

Или следниов коментар што може да се прочита под друга објава: 

Тие татаришта како лешинари само чекат без никаков респект 

одговорност тоа е гадно племе никако не смее да им се верува 

 „Червената“ и женомрзието 

Покрај вообичаените навреди, многу честа e и онаа со „червената“, односно југословенската банкнота од 100 тогашни динари, која беше со црвена боја и немаше некоја голема вредност во Југославија, но со неа можеше да се плати „под рака“ и во Бугарија. Па оттаму доаѓаат и мизогините коментари, како следниов под објавата за кој пишуваме: 

ТАТАРИШТА ГНАСНИ 

ИМАМ ЕДНА ЧРВЕНА 

ЗА ТАТАРКИТЕ 

КИКИКИКИИИ 

Зошто е споредбата со фашисти? 

Тенденциозното именување на современите Бугари како „фашисти“ влече корени од историскиот период на Бугарија во Втората светска војна – кога државата од декларирана неутралност на почетокот на војната, тајно пристапува кон силите на Оската или Третиот пакт на 1 март 1941. Со тоа Бугарија и формално станува дел од сојузот што претходно го имаат направено Германија, Италија и Јапонија. 

Еден месец подоцна, кога Германија и Италија го нападнале Кралството Југославија, Бугарија иако не учествувала во воените дејства првите недели, при крајот на април на покана од Берлин навлегува во територии на Србија, Македонија и делови од Грција, по што владее со најголем дел од територијата на денешната современа македонска држава. Според повеќе историски извори, Царството Бугарија за време на Втората светска војна со окупираните територии управувало со цврста рака, како авторитарен режим со пронацистички и профашистички погледи и без дилеми биле окупатори во рамки и на денешната територија на современа Македонија.  

Поради постојаните судири и казни спроведувани за време на периодот на окупацијата од април 1941 до септември 1944 година, во поствоениот период, а и денес во широка употреба, но и во делови од образовниот процес, често се користи терминот „бугарски фашисти“ за бугарската војска, администрацијата и полицискиот апарат.

Сепак, без оглед на сè, денешната употреба на терминот фашисти за современите Бугари и современа Бугарија е неоправдан. Кога тој ќе се употреби во некоја објава, како примерот даден погоре („за фашисти нема место во уставот“), тој се транспонира во коментарите како кон денешните Бугари севкупно, што бездруго може да се толкува и како говор на омраза. Тоа се случува дури и кога објавата нема споредба со историска Бугарија, како што е овој пост во кој се наведува изјава од премиерот Христијан Мицкоски, кој бара исполнување на претходни гаранции за С. Македонија да пристапи кон промена на Уставот. Во коментарите под оваа објава може да се прочита и овој, во кој има закани со насилство кон владејачката партија:  

АКО НЕКОЈ САКА ДА ГО СМЕНИ УСТАВОТ ЗА ДА ФАШИСТИЧКИТЕ ЃУБРИЊА ГИ СТАВИ ВО УСТАВ,ТОГАШ ЈАС ЌЕ ПОЧНАМ ДА ТЕПАМ СЕ ПО РЕД ОД ВМРО

ДОСТА Е ВЕЌЕ 

„Бугараши“ и „Бугаришта“

Покрај неодговорното и недолично користење на описот „фашистичка“ за модерната бугарска држава и „фашисти“ за бугарскиот народ, во јавни објави и коментари на Фејсбук може да се најде и друга нишка на етикетирање. Но, овојпат гневот или омразата кон Бугарите се пренесува и на македонски граѓани коишто не се доволно критични кон Бугарија, па тие се нарекувани „бугараши“.

Во оваа објава, во кое е споделено видео од бившиот премиер и актуелен претседател на политичката партија ВМРО-НП, Љупчо Георгиевски, кој говори за тоа дека Хрватите, Бугарите и Словенците во државата ја поддржале независноста на Македонија во 1990 година, тој е наречен „гнида бугарашка“, бидејќи  сакал „да ја подели Македонија меѓу Бугарија и Албанија“.  

Во друга објава, во која е споделена фотографија снимена од подготовка на бина за изборен митинг на коалицијата на СДСМ насловен „Се бориме за народот“, пишува: 

Бегајте вечерва од паркот од Ѓорче ! Собир на северџани. На бугараши. На ПРЕДАВНИЦИ. На мразачи на сопствената држава. На слуги на ДУИ !

Договорот од Преспа, со кој се затвори долгогодишниот спор за името меѓу Скопје и Атина, како и Договорот за Добрососедство беа двата клучни договора што треба да го одблокираат патот на С. Македонија за пристапување кон Европската Унија. И, бидејќи и двата договора беа потпишани од Владата предводена од СДСМ, оттогаш на социјалните мрежи социјалдемократите редовно се обвинувани дека се предавници. Па, не само што социјалдемокартите се нарекувани „северџани“ – овој термин се користи за да се навредат и сите кои ја поддржувале одлуката да се промени името на државата, туку многу често се означувани како „бугараши“, термин којшто на овие простори се користи уште од 19 век од време на експанзијата на црквите на соседните земји, а во голема употреба бил присутен и после Втората светска војна

Може да се најдат повеќе објави (види тука и тука) во кој „бугараш“ се користи или како директна навреда кон сите што го поддржувале Договорот со Бугарија, но и како своевиден „пуритански“ повик на соединување кон цврсти националистички обележја. Во некои случаи, тоа е користењето на старото знаме со ѕвездата од Кутлеш или користење на слогани како „Никогаш Северна, само Македонија“, но понекогаш е и преку директно напаѓање на оние „кои ги сменија името на државата и знамето“. 

Вистиномер претходно пишуваше за како тоа како во минатото, особено во земји каде дијаспората е поактивна, редовно се користат старите знамиња, што пак, доведува до тоа да се прават ненамерни грешки од странски организации (како случајот со организаторите на тенискиот турнир Австралија Опен). 

Во секој случај, без разлика за кого се однесува или на кого конкретно е упатен, терминот „бугараш“ е моќна подбуцнувачка реторичка алатка, затоа што лесно поттикнува националистички чувства и тензична атмосфера на социјалните мрежи.

Освен „бугараши“, во објавите на социјалните мрежи многу често може да се сретне и терминот „бугаришта“ – види тукатукатука и тука – но тој се однесува на бугарскиот народ или Бугарите.

Незадоволство на нашите граѓани поради блокадите што ни ги прави Софија на патот кон ЕУ, е легитимно и разбирливо. Но користењето на вакви етикети и недоличен речник може да резултира и со посериозни општествено-политички последици. Ваквата реторика, со која се генерализира и се навредуваат сите бугарски граѓани, води кон продлабочување на нетрпеливоста и копање на уште подлабоки ровови, како кај граѓаните, така и кај власта. 

И, додека се разгорува „битката“ на социјалните мрежи, голем дел од граѓаните гледаат во Бугарија најголем непријател на С. Македонија. Токму за ова неодамна пишуваше Вистиномер, анализирајќи ги податоците  од Истражувањето на јавното мислење на Фондацијата „Метаморфозис”, кое го спроведе агенцијата „Индаго“, во период од 6 до 17 октомври 2025 година, а во кое се вклучени репрезентативен број од 1.100 испитаници преку телефонска анкета. Според Истражувањето дури 45 отсто од испитаниците ја идентификуваат Бугарија како најголем непријател на С. Македонија.  

Сето ова може да доведе говорот на омраза кон источниот сосед и неговите жители да се нормализира на социјалните мрежи (во другите сфери од јавниот дискурс во С. Македонија, тоа не е ни приближно случај) со што се креира цела низа нови опасности и по односите на двете земји и во однос на европската иднина на С. Македонија, но и засилување на внатрешните поделби во земјата до нивото кое постоело пред креирањето на македонската држава и кои доведувале до меѓусебни оружени пресметки меѓу револуционерните кругови и поединци, кои, пак, вообичаено вклучувале и смртни последици.

Недоличниот, навредлив говор, говорот од кој извира омраза, никогаш не смее да стане вообичаено средство за изразување во ниеден сегмент од јавниот дискурс на која било демократска земја, зашто така, всушност, замира демократијата. Ширење навреди и омраза кон соседна држава и нејзините граѓани за постапки од пред 2 или 3 генерации или измислици за нив во периодот од пред 200 или 300 генерации е спротивно на идеалите на европската демократијата и цивилизација и не враќа далеку назад во времето кога долгорочната и вековна омраза била вообичаена и кога поединците не биле вреднувани според нивниот карактер и етички вредности, заедниците не биле вреднувани според нивните достигнувања во економијата, технолошкиот напредок и демократските вредности, туку исклучиво според нивното историско потекло и постапките на предците.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција