Дезинформации и за странските и за капиталните инвестиции

Најсериозната политичка партија во опозиција во државата, ВМРО-ДПМНЕ, издаде соопштение/изјава, со тврдења кои во голем дел се дезинформација, т.е. невистина, пред сè, околу странските инвеститори во земјава, поточно германските, па потоа и за други економски параметри, меѓу кои и за реализацијата на капиталните инвестиции

 

Најголемата опозициска партија во Собранието на РСМ лиферуваше соопштение/изјава кое има повеќе дезинформации, меѓу кои ги издвојуваме:

Германските инвеститори во земјава потврдија дека СДСМ во овие две години ништо не сработи освен што ги распродаде државните интереси. Тие ги потврдија и криминалните и матни тендери на картелот на власт како и правната несигурност која создава СДСМ во државата….

Неспособноста на власта ја покажува и нивото на реализација на капиталните инвестиции кое е најниско досега.  За првите два месеци тие изнесуваат мизерни 3,53% што ни кажува дека и оваа година како и минатата нема да успеат да реализираат ни половина  од капиталните инвестиции кои самите си ги проектираат…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение датум: 29.03.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Најсериозната политичка партија во опозиција во државата, ВМРО-ДПМНЕ, издаде соопштение/изјава, со тврдења кои во голем дел се дезинформација, т.е. невистина, пред сè, околу странските инвеститори во земјава, поточно германските, па потоа и за други економски параметри, меѓу кои и за реализацијата на капиталните инвестиции.

Во соопштението/изјава има и други проблематични и невистинити податоци. Така, на пример, се вели дека „јавниот долг за прв пат во историјата на државата надмина 5 милијарди евра и ја премина психолошката граница од 50%“. Како прво, јавниот долг го надмина износот од 5 милијарди евра уште во првиот квартал лани. Така што тоа не е вест. Но, со таквото ниво на јавниот долг, тој не изнесува 50% од БДП, туку лани се движеше меѓу 47,4% и 48,5% од БДП. Податоците за движењето на јавниот долг за годинава, поточно за првите два месеци од годинава, сè уште не се објавени, а заслугата за тоа ја има ВМРО-ДПМНЕ, кое динамиката на објавување на состојбата со јавниот долг ја смени од еднаш месечно на еднаш во три месеци додека беше на власт. Па, според последните расположливи податоци, тој се уште изнесува 48,5% што значи дека тврдењето оти јавниот долг ја преминал психолошката граница од 50% е едноставно дезинформација. А, да не говориме за фактот што јавниот долг на ова ниво од под 50% е уште од времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, поконкретно уште од 2016 година. Таа година, јавниот долг беше дури и на повисоко ниво од 48,8% пред да падне во 2017 година на 47,8%, како што покажуваат долните графикони од Министерството за финансии. И, за работите да бидат уште полоши, овие манипулативни и невистинити податоци се повторуваат од страна на партијата, за што сведочи второто соопштение изјава од ВМРО-ДПМНЕ неколку часа по првото, со што се создава погрешна слика за пошироката јавност, т.е. за гласачите во земјата.

За првото тврдење околу странските инвеститори во земјата, партијата дезинформира, поаѓајќи пред сè од перспективата со која ја гледа интерната анкета што ја спровеле инвеститорите меѓу себе. А, таа перспектива е, де факто, чашата ја гледаме како полупразна, а не како до половина полна.

Па, така, поаѓајќи пред сè  и од песимистичката варијанта – полу празна, што ја пласираа и некои од медиумите, со наслови „апсолутна нула“, партијата се фокусира на апсолутната нула и констатира дека „германските инвеститори во земјава констатираа дека СДСМ ништо не сработи освен што ги продаде државните интереси“. Медиумите барем ги прикажале и дел од другите бројки во анкетата. Партијата не.

Но, затоа, истиот претставник на германските инвеститори кој беше цитиран од медиумите и врз чија изјава ВМРО-ДПМНЕ ја искажа невистината што ја оценуваме, даде друга изјава и други податоци по средбата во Владата на СРМ со економскиот тим:

Дури 78% од германските компании ијзавиле подготвеност повторно да инвестираат во Северна Македонија, ова е високо ниво и за да се задржи потребно е да се работи уште посилно и посветено – изјави Патрик Мартенс, дректор на делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија

Во анкетата прикажана во целост биле искажани и многу други позитивни показатели, а биле разјаснети и причините за дел од негативните, што може да се види ако се погледнат детално изјавите и бројките презентирани на линкот на Владата.

Втората дезинформација што ја оценуваме се однесува на капиталните инвестиции. Дури и од едно прашање што не предмет на спор за никого во приказната, ни за владата, ни за опозицијата, ни за стручната јавност – фактот дека реализцијата на капиталните инвестиции е слаба – ВМРО-ДПМНЕ во својата изјава соопштение повторно дозволува дезинформација:

За првите  два месеци тие изнесуваат мизерни 3,53% што ни кажува дека и оваа година како и минатата нема да успеат да реализираат ни половина  од капиталните инвестиции кои самите си ги проектираат

Нивото на реализација на капиталните инвестииции во државата е проблем од повеќе децении, а не од вчера. Иако и лани проектираните капитални инвестиции од над 400 милиони евра не се реализараа во целост, факт е дека нивната реализација е над 67 отсто, што, секако, е повеќе од под 50 отсто колку што тврди ВМРО-ДПМНЕ. Доказ за ова има на повеќе места, но доволно е само да се отвори линкот на Министерство за финансии, каде има завршна сметка од „Извршување на Буџет на Општа Влада за 2018 година“, со податоци за реализацијата, при што ќе се види дека реалзизацијата на капиталните расходи изнесувала точно 268,9 милиони евра.

Поради погоре изнесените аргументи, оценуваме дека ставовите од изјавата/соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, што ги цитираме погоре, се невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција