Дезинформациските кампањи бараат постојани анализи и соодветни мерки

Фото: ЕУ

Актуелното Романско Претседателство на Европскиот совет на ЕУ денеска излезе со извештај за состојбата со борбата против дезинформациите и за научените лекции од изборите во Европската унија ко исе одржаа пролетва во мај.

Севкупната оценка во извештајот укажува на фактот дека дезинформациските кампањи користат наративи чија цел е да се зголеми недовербата во демократијата и во Европската унија, во нејзините политики и основни вредности, целејќи да се поларизираат европските општества, да се експлоатираат јавните дебати кои предизвикуваат поделби и да се создаде клима на недоверба. Дезинформациите, исто така, имаат за цел да создадат внатрешни тензии во земјите членки, ги напаѓаат темелите на демократијата и влијаат врз вклучувањето на граѓаните во демократските процеси, вклучувајќи тука и обиди да се влијае врз преференциите на гласачите и да се потисне самиот чин на гласање.

Начините, пак, за мешање во демократскиот процес се бројни. Тие вклучуваат манипулација со информациите, сајбер напади, ко-оптирање на елитите и финансирање на политички партии и поединци. Во извештајот се вели и дека потешкотиите да се идентификуваат изворите, атрибуирањето кој стои зад дезинформациските кампањи, заедно со брзите промени во начините на ширењето на дезинформациите и нивната растечка софистицираност изискуваат постојана оценка и одговор.

Мерките на ниво на ЕУ и на ниво на земјите членки во блиска соработка со медиумите, граѓанското општество и разните мрежи на проверувачи на факти ја кренаа јавната свест во текот на предизборието, се вели во извештајот.

Кога станува збор за предизвиците, извештајот ги наведува проблемот со постигнувањето на адекватен баланс меѓу слободата на говорот и спротивставувањето на дезинформациите, недостиг од координација на национално ниво, недоволна медиумска писменост и критичко мислење кај општата јавност, потоа недостиг на разбирање за природата на проблемот и податливоста на експлоатација на ранливите групи.

Во сопштението, кое Европскиот совет го издаде по повод објавувањето на овој извештај на Романското Претседателство, се повикува на вложување постојани напори за подигање на свеста, зголемување на подготвеноста и засилување на отопорноста на европските демократии кон дезинформациите. Советот ја поздрави и намерата на Европската комисија да спроведе длабинска евалуација на имплементацијата на ветувањата кои ги дадоа он-лајн платформите и другите потписници на Кодексот за однесување за оваа тематика.

Кога станува збор, пак, за новите закани што ќе донесат нови видови влијание со задни намери во демократската политика и нови видови на он-лајн манипулации, а се однесуваат на развојот на вештачката интелигенција и новите техники за собирање податоци, Советот, исто така смета дека и за спротивставување на овие закани е потребна постојана оценка на заканите и евалуација на проблемот, како и одговор во рамките на демократските политики.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција