Џафери има надлежност за сè во Собранието, па и за патните трошоци

Може не е, ама треба да биде чувар! Фото: скриншот

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, изкажа став во интервју за емисијата „360 Степени“ на „Алсат-М“ телевизија, дека Собранието не било надлежно ако имало злоупотреби за надомест за патните трошоци на пратениците, а исто и тој не бил надлежен по ова прашање, што не одговара на вистината

 

Во емисијата „360 степени“ на ТВ „Алсат-М“ нa 17.11.2017 година се водеше следниот дијалог помеѓу новинарот и Претседателот на Собранието на РМ, Талат Џафери:

– Ако има злоупотреба, тоа не е надлежност на Парламентот. Врз што констатирате дека има злоупотреби? Тоа е суштината на дебатата. Кој има надлежности за тоа?

– Но, Вие знаете, господине Џафери, дека со една кола доаѓаат четворица, а сите наплаќаат патни трошоци.

– Кој сум јас да го знам тоа, јас не сум чувар.

– Не велам дека сте тој што треба да ги казни за тоа, но треба да иницирате евентуално промена.

– Јас не сум тој што треба да внимавам дали одат со едно или пет возила. Има други институции кои се занимаваат со тоа. Ако има таков случај, институцијата која се занимава со тоа, треба да го извести Собранието. За тоа известување, ако Собранието извршило исплата, за известувањата за можната злоупотреба, тогаш Парламентот има одговорност за тоа.

[Извор: 360 Степени, Џафери: Не сум чувар…, датум: 17.11.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, изкажа став во интервју за емисијата „360 Степени“ на „Алсат-М“ телевизија, дека Собранието не било надлежно ако имало злоупотреби за надомест за патните трошоци на пратениците, а исто и тој не бил надлежен по ова прашање, што не одговара на вистината.

Џафери во еден момент одговара дека не бил чувар па да ги контролирал пратениците дали доаѓале со едно или со пет возила и правеле злоупотреба и дека за тоа си имало надлежна институција. Не наведувајќи која е таа надлежна институција (веројатно мисли на Државен завод за ревизија или, пак, на МВР, не е јасно), Џафери, сепак, заборава дека тој и метафорички и буквално треба да биде чувар на сè во Собранието и дека тој како прв човек го претставува, па оттаму е одговорен и доколку има злоупотреби, а не сторил ништо да ги спречи, т.е да го измени системот за правење злоупотреби.

На крајот од 2016 година, Државниот завод за ревизија издаде Конечен Извештај за извршена ревизија на финансиските извештаи на Собранието на РМ во делот на основниот буџет….(точка 1.1., стр. 3 од Извештајот)

На истата страница од Извештајот, во точка 1.4 пишува:

Финансиските извештаи од точка 1.1 од овој Извештај е одговорност на раководството на Собранието застапувано од : Трајко Вељаноски –Претседател на Собранието на РМ

 Според ова, сосема е јасно дека за финансиските извештаи за трошењето на парите со кои располага Собранието, т.е. за контролата на тие пари, а тоа се близу 600 милиони денари годишно (над 9,7 милиони евра), директно е одоговорно раководството на Собранието, т.е. во овој случај сегашниот претседател Талат Џафери.

Оваа одговорност вклучува, дизајнирање, имплементација и одржување интерна контрола, која што е релевантна за подготвување и објективно презентирање на финансиските извештаи, кои што се ослободени од материјално погрешни прикажувања, без разлика дали се резултат на измами или грешки – пишува веднаш под името на претседателот на Собранието во Извештајот на Државиот завод за ревизија, во точката 1.4.

Според ова, Талат Џафери има одговорност и за контрола, но и за „дизајнирање, имплементација и одржување на интерна контрола“, исто како што има одговорност да иницира изнаоѓање нов начин на надомест на трошоците за патување на пратениците, нешто што е препорака на ДРЗ веќе во неколку последователни извештаи, па макар било тоа и да нарача истражување и анализа однадвор, ако веќе Парламентарниот институт е неактивен.

Точката 1.4 за тоа кој го претставува раководството на Собранието, всушност, произлегува од Уставот на РМ (чл. 67), од Законот за Собрание (чл.17 и други членови) и од Деловникот на работата на Собранието (чл.67 и други членови).

Оттука, изјавата на Претседателот на Собранието дека Собранието не било надлежно ако имало злоупотреби за надоместокот за патните трошоци на пратениците, а исто и тој не бил надлежен по ова прашање, е невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција