Дигитализацијата, клучен елемент од реформата на администрација, ќе се забрзува во 2022 година

Јетон Шаќири (во средина). Фото: МИОА/веб

Според последните најави искажани на 4-тиот Дигитален самит во Подгорица, дигитализацијата во РСМ во наредната година треба да биде драстично забрзана. Се најави Агенција за дигитализација и зголемување на средствата од буџетот за таа намена за 500 отсто

Според последните најави искажани на 4-тиот Дигитален самит во Подгорица, дигитализацијата во РСМ во наредната година треба да биде драстично забрзана. Се најави Агенција за дигитализација и зголемување на средствата од буџетот за таа намена за 500 отсто

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Реформата на јавната администрација е нужност, бидејќи со реформата ќе се исполни еден од критериумите за пристапување на земјата во Европската унија. Реформата опфаќа повеќе сегменти, а еден од клучните е дигитализацијата, која ќе овозможи граѓаните да имаат што повеќе услуги што ќе можат да ги извршуваат од дома, наместо на шалтерите на јавната администрација.

Како таква значајна активност, дигитализацијата е вклучена и во едно од начелата врз кои ќе се реформира Јавната администрација што се наброени во Стратегијата за реформа на ЈА 2018-2022, при што е забележано:

Дигитализација: давањето на квалитетни, брзи и лесно достапни услуги ќе се потпира на  модерните  технологии  и нивно  иновативно  користење  преку  постојано  техничко  надградување и градење на соодветни капацитети;

Упростено кажано, ова начело треба да се преточи во давањето е-услуги, како еден дел од концептот за е – Влада, кој што полека, но сигурно, го пробива патот до конечното заокружување на сите активности. Во тие рамки значаен дел од патот е изоден, но престојат бројни предизвици.

Најзначајното, веќе две години функционира Националниот портал за електронски услуги кој може да се најде на линкот uslugi.gov.mk при што во моментов, 15.10.2022 се нудат 155 услуги.

За да се има вистинска претстава колку е тоа, многу или малку, треба да се има предвид дека првичната каталогизација на услугите што беше изработена од граѓанската организација Центар за управување со промени (ЦУП) изнесуваше околу 1300, по што беше филтриран од надлежното министерство (МИОА) на околу 800 (види повеќе на овој линк). На почетокот на 2020 година на порталот се нудеа околу 130 услуги, а денес, повеќе од една и пол година подоцна 155, што ја покажува бавноста на процесот, иако да повториме, тој континуирано се одвива.

 

Дигиталните самити и забрзување на дигиталната трансформација

Значаен импакт на дигиталната трансформација даваат Европската унија, како и Соединетите Американски Држави. ЕУ тоа најчесто го прави преку ИПА претпристапните фондови, додека САД најчесто преку фондовите на УСАИД. Но, на дигитализацијата влијае и меѓусебното поврзување на регионално ниво на Западен Балкан, што ЕУ, како и други меѓународни организации, го туркаат со помош на Советот за регионална соработка (РСС) од Сараево, кој од 2018 година заедно со владите од регионот досега коорганизраше четири Дигитални самити.

Првиот се одржа во Скопје, на третиот во Белград во 2019 беше потпишан договорот меѓу земјите од Западен Балкан (ЗБ) и телеком операторите со кои се постигна укинување на роамингот на ЗБ од 1-ви јули 2021 година, а на 4-тиот самит, кој штотуку заврши во Подгорица (на кој учествуваше и претставничка од Метаморфозис), се потврди и планот за значително намалување на роамингот меѓу земјите од ЗБ и Европската унија.

Но, на овој самит се најави уште нешто. РСС побара од земјите на ЗБ да изготват систем за дигитален идентитет на своите граѓани како клучен предуслов за поврзување на бизнисот со граѓаните и трансформација на неформалната во формална економија, но и како предуслов за овозможување на достапност на услугите на администрацијата до граѓаните по електронски пат.

Она што е ново и поради кое веројатно надлежниот министер за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, изјави дека РСМ е лидер во регионот, де факто значи дека државата е определена да ја реализира таа идеја:

Размената на податоци е исто толку важна колку и движењето на луѓе, стоки и услуги. Дигиталниот идентитет ќе му овозможи на секој граѓанин да ги има сите услуги од јавните институции, приватни компании, банки, разни економски оператори на дофат на раката во секое време, исто како што имаме паметни телефони на дофат на раката во секое време. Дигиталниот идентитет во соработка со земјите од регионот, а потоа и со земјите од ЕУ, ќе им овозможи на нашите граѓани да бидат европски граѓани во целосна смисла на зборот – да ги добиваат сите услуги не само од нашите институции, туку и од институциите и економските оператори во овие држави.

Агенција за дигитализација во најава

Шаќири најави уште две важни работи, кои, ако се реализираат, секако дека ќе го забрзаат процесот на дигиталната трансформација и на давањето на е-услуги на граѓаните. Првата е формирање на Агенција за дигитализација, за што рече дека до крајот на 2021 МИОА предложила да се донесе посебен закон:

МИОА и јас како министер, додаде тој, инсистираме дека до крајот на 2021 година усвоивме закон со кој ќе се создаде Агенцијата за дигитализација, централна институција која ќе се спои на едно место – инфраструктура на јавна мрежа, центар на државните податоци, сите електронски услуги на органите на државната управа, над 1000 на број. (извор: МИОА).

Втората, исто така клучна работа што е новина, се однесува на драстично зголемување на средствата во буџетот за 2022 година, за што веќе била постигната согласност:

Инаку, вчера (13.10.2021 – н.з.) МИОА со Министерството за финансии, и по претходен заклучок на Владата, на барање на министерот Шаќири, се согласивме за предлог на буџетот на МИОА за 2022 година со кој ќе се зголемат инвестициите во дигитална трансформација за околу 500%, со што употребата на хартија ќе припаѓа на минатото. Нашето општество ќе биде дигитално, додека животната средина ќе биде зелена.

Овие информации – како и фактот што Шаќири споменува над 1000 услуги, што значи дека МИОА и Владата на РСМ се подготвени да го зголемат бројот на услугите и целат кон сите оние што беа каталогизирани – доколку се остварат, ветуваат забрзување на дигиталната трансформација на општеството, што пак, да повториме, е еден од неколкуте клучни услови за реформа на Јавната администрација.

 


Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција