Дигитализацијата предизвик за малите судови

Фото: vsrm.mk

Дигитализацијата на судството е голем предизвик особено за малите основни судови низ државата, посебно тие што работат со минимумот од три судии, често се без информатичари и неопходниот персонал. Пандемијата со ковид-19 само го забрза овој процес секаде во светот и покажа дека тоа е перспективата од која нема бегање. За да се спроведе дигитализацијата неоходни се усогласувања на неколку закони, како на Законот за кривична постапка и Законот за парнична постапка, потоа техничка опременост на судовите, но и поврзување и размена на податоци помеѓу институциите, како што се Катастар, МВР, Јавното обвинителство, банките

Дигитализацијата на судството е голем предизвик особено за малите основни судови низ државата, посебно тие што работат со минимумот од три судии, често се без информатичари и неопходниот персонал. Пандемијата со ковид-19 само го забрза овој процес секаде во светот и покажа дека тоа е перспективата од која нема бегање. За да се спроведе дигитализацијата неоходни се усогласувања на неколку закони, како Законот за кривична постапка и Законот за парнична постапка, потоа техничка опременост на судовите, но и поврзување и размена на податоци помеѓу институциите, како што се Катастар, МВР, Јавното обвинителство, банките

 

Пишува: Весна Коловска

 

Основниот суд од Кавадарци е единствениот суд во државата, каде се одржуваат онлајн судења. Може да се каже дека историски ден за Основниот суд во Кавадарци, а и за целото македонско правосудство, беше 7 април 2020 година, кога за првпат се одржа онлајн или судење на далечина.

На ова судење обвинетиот П. Ц. (24) од Неготино, не беше физички присутен во судницата, туку се вклучи од Затворот Идризово. Во судницата опремена со камери и информатичка опрема беа судијата Лазар Нанев и двајца поротници, а процесот се водеше преку апликацијата Мајкрософт тимс. Обвинителката Елизабета Мишева-Јорданова од Обвинителството во Кавадарци и адвокатот Ивица Ефтимов од Велес се вклучија преку интернет врска. Во текот на судењето од Неготино беше побарно да се вклучи и претставник на оштетеното казино, каде обвинетиот извршил грабеж на 26 декември 2019 година. Обвинетиот во затворот Идризово ја слушна пресудата – казна затвор од пет години, откако претходно го призна делото „разбојништво“. Онлајн судењето го следеа 120 луѓе, што претставува значителна публика, која не може да ја собере во ниту една судница во кавадаречкиот суд.

Судијата Лазар Нанев, кој е претседател на Основниот суд во Кавадарци, вели дека неодамна за потребите на Основниот суд во Гевгелија привремно била отстапена опремата со која во овој суд било направено хибридно сослушување. Во постапката учествувале сведоци – брачна двојка од Гевгелија, која живее и работи во Франција, поради што е побарана помош од Апелацискиот суд во Париз и оттаму е спроведено сослушувањето.

Нанев, кој е пионер во дигитализираните судења, вели дека ни претстои долг и скап процес, кој многу ќе зависи не толку од техниката, колку од волјата и енергијата на луѓето. Пандемијата со ковид– 19 само го забрза овој процес секаде во светот и покажа дека тоа е перспективата од која нема бегање.

Дигитализацијата штеди пари и време. Затворениците и притворениците не треба да се спроведуваат и транспортираат, туку ќе се вклучат од опремената просторија во затворот. Се штеди на доставата, која ќе биде целосно електронски. Најпосле, се дава јавност и транспарентност на постапката, се обезбедуваат безбедносните стандарди во однос на ковид-19 и се нема изговор за бесконечните одлагања на судењата, што значат и застарување на предметите, објаснува судијата Нанев.

 

ПОТРЕБНИ СЕ ЗАКОНСКИ УСОГЛАСУВАЊА И ТЕХНИЧКА ОПРЕМА

Но, за да се стигне до овој процес, потребни се усогласувања на неколку закони, како на Законот за кривична постапка и Законот за парнична постапка, којшто веќе е во собраниска процедура.

Од технички аспект во завршна фаза е јавната набавка за сервери во висина од близу 1,5 милиони евра. Опремувањето на 187 судници во 34 судови во државата ќе чини десет пати поскапо и ќе чини околу 15 милиони евра. Нанев, кој е дел од Советот за дигитализација на правосудството, објаснува дека секоја судница ќе биде опремена со монитори, 5-6 камери, десетина лап топ компјутери, како и десктоп компјутери со добра интернет врска. Во исто време, ќе има и опремена помошна просторија, која би се користела за заштитен сведок. На обвинетите треба да им биде овозможена електронска врска со својот бранител за да може да комуницира во секое време од процесот.

Во пилот-проектот покрај кавадаречкиот, влегуваат и основните судови во Штип, Струмица и Кривичниот и Граѓанскиот Основен суд од Скопје.

Во Штип, на пример, ќе бидат опремени пет судници, од кои две се со опрема обезбедена од ОБСЕ, додека три од Амбасадата на САД во Скопје, кои се донатори на пилот-проектот. Дополнително Апелацискиот суд во Штип ќе добие една опремена судница.

Наша цел е побрзо, подобро и посовремено судство, а тоа значи дигитализација на постапките во судствотo, воведување на електронска комуникација помеѓу судовите, другите правосудни институции, но и дигитализација на услугите за граѓаните. Владата неодамна го донесе оперативниот план кој, всушност, произлегува од активностите на агендата на Европската Комисија ,,Зелена дигитална транзиција”. Ова значи дека е вистинско време за модернизација на судството и дека сме фатиле чекор со современите текови. Дигитализацијата на судството е еден од важните чекори во реформата на системот, особено во зголемување на ефикасноста и транспарентноста, кажа Бојан Маричиќ, министер за правда, најавувајќи го процесот на дигитализација во правосудството.

 

НЕОПХОДНО Е МЕЃУСЕБНО ПОВРЗУВАЊЕ НА ИНСТИТУЦИИТЕ

Но, за да се дојде до практично функционирање, клучна е одамна најавената интероперабилност на институциите, што ја води Министерството за информатичко општество (МИОА).

Во Советот за дигитализација на правосудството оцениле дека 120 институции треба да бидат меѓусебно поврзани, да не фали ниту еден потребен документ за процесот да тече. Тоа се институции како Катастар, МВР, Јавното обвинителство, банките.

Значајна е и електронската регистрација на правните и физичките лица на системот за електронска достава, каде досега се регистирани околу 420 корисници. Се подготвува и мобилна апликација за странките да можат целиот систем на влез на предметот до неогово завршување да го спроведат на интернет. Апликацијата ќе содржи не само датуми на рочишта и слично, туку и електронски докази, тек на предметот, списи од странките.

Странските експерти се веќе во Македонија и работат со тимот за дигитализација на правосудството. Прво ќе се почне со електронско издавање на уверенија од казнена евиденција, што деновиве, пред завршување на рокот за пријавување на кандидатите за Локалните избори 2021, ги затрупаа со барања Основните судови во државата.

Наредната недела е планирано официјализирање на овој систем на електронско издавање на уверенијата. Сепак, текот на овој процес најмногу ќе зависи од човечките ресурси. Процесот не е сложен ако луѓето се подговени. Дигитализацијата на правосудството значи сто отсто транспарентност, сè се гледа –  кој работи, а кој не работи, ќе се види стручноста и знаењето на поединци. Противници на процесот се неработниците и тие што не сакаат да работат транспарентно. Но, од друга страна, дигитализацијата ќе значи почитување на членот 6 од Конвенцијата за човекови права, според кој, секој обвинет има право на правична судска постапка, односно секој има право на правично и јавно судење во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд, изјави Нанев.

 

СУДЕЊА ВО ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈА

Македонските судови во услови на пандемија подолго време ја применуваа Уредбата на Владата на РСМ за постапување на судовите и јавните обвинителства во судските постапки за време на вонредна состојба и обезбедување и воспоставување на двонасочна комуникација без заедничко физичко присуство на странките и јавноста. Се судеа итни предмети. Тоа, пред сè, го ограничи присуството на јавноста во судниците на Основните судови низ државата.

Блупринт групата за реформи во правосудството во анализата „Правни импликации врз судските постапки во вонредна состојба“ на Центарот за правни анализи, забележува дека онлајн судењата решаваат значаен проблем во текот на постапките, а тоа е прашањето на транспарентноста и начелото на јавност.

Ограничување на физичкото присуство на повеќе лица за време на едно судење,  ја доведе во прашање не само транпарентноста при работењето на судовите, туку и начелото на јавност во постапката, што претставува и еден од основните меѓународни стандарди за правично судење. Имено, во времскиот период на траење на вонредна состојба, само еден суд во државава – Основниот суд во Кавадарци, пристапи кон иновативното решение за користење на платформа за аудиовидео конференција и одржување на online судења, пишува во анализата.

Министерот за правда Маричиќ најави дека до јуни 2022 година треба да заврши имплементацијата на целиот процес на дигитализација во правосудството, кога се очекува 34 судови во државата да бидат целосно опремени, а судиите обучени за судења без физичко присуство. Вкучително и опремување на дел во најголемиот затвор Идризово, што ќе значи заштеда и избегнување на бесконечните одлагање на судските процеси.

Застојот во судските процеси во услови на пандемија се нотира и во Извештајот на ЕУ за напредокот  на Северна Македонија за 2020 година.

По пандемијата на ковид-19, Владата донесе уредба за суспендирање на сите рокови за поведување и тековни кривични, граѓански и вонпарнични судски предмети, административни спорови, прекршоци и предлози за извршување или обезбедување на побарувања до крајот на вонредната состојба. Исклучоци беа направени за предмети кои се близу до достигнување на застареност… Меѓу научените лекции од кризата, се чини дека е потребно да се воведат мерки за организација и работа на судовите, како и за комуникација на судството со пошироката јавност за време на вонредни состојби. Дополнително, треба да се даде приоритет на ИТ врските, вклучително и целосна дигитализација на предметите и повикување, обезбедување обука за судиите и судскиот персонал, стои во Извештајот.

Дигитализацијата е голем предизвик особено за малите основни судови низ државата, посебно тие што работат со минимумот од по три судии, често се без информатичари и неопходниот персонал.

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредкот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција