Дигиталниот идентитет нема никаква врска со „жигот на ѕверот“

Дигитален ИД Фото: Gregori-luxair, CC0, via Wikimedia Commons

Тврдењето оти „дигиталното ID е жиг на ѕверот“ е теорија на заговор која произлегува од страв, недоверба и религиозни интерпретации, а не од факти. Повеќе независни фактчекери ја потврдиле неоснованоста на овие тврдења.

Тврдењето оти „дигиталното ID е жиг на ѕверот“ е теорија на заговор која произлегува од страв, недоверба и религиозни интерпретации, а не од факти. Повеќе независни фактчекери ја потврдиле неоснованоста на овие тврдења

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

ДИГИТАЛНОТО ID НЕ Е ЗА ТВОЈА ИДЕНТИФИКАЦИЈА, ТУКУ СО ОТВОРЕНА РАКА, ПРИФАЌАЊЕ НА ЖИГОТ НА ЅВЕРОТ

Системот на ѕверот ќе има база на податоци што ќе ги содржи информациите за секој човек на планетата! Инаку како ќе го контролираат купувањето, продажбата и тргувањето со уред во десната рака или челото? Откако општеството целосно ќе прифати нешто вакво, нема да помине долго време додека тие со отворена рака ќе го прифатат жигот на ѕверот.

Во последните години, особено по пандемијата на ковид-19, во јавниот простор се појавија бројни тврдења дека дигиталните идентификации (digital ID), вакцините, или технологиите за следење претставуваат „жиг на ѕверот“ од библиската Книга на откровение (13:16–18).

Таквите тврдења добија големо внимание на социјалните мрежи, но повеќето се класифицирани како дезинформации и теории на заговор од страна на независни фактчек организации.

Теоријата дека дигиталното ID е „жиг на ѕверот“ најчесто се поврзува со погрешно толкување на технолошките програми за дигитална идентификација, како на пример:

Некои интернет корисници и групи тврдат дека овие системи ќе овозможат тотална контрола врз населението, па дури и дека се дел од „планот на Антихристот“.

Сајтот за проверка на фактите Сноупс, пишува дека организацијата ID2020 не создава никакви „микрочипови“ или „жигови“, туку развива дигитални решенија за идентификација базирани на шифрирани податоци и доброволна согласност.

Нема докази дека програмата е поврзана со шпионажа, контрола на населението или религиозни мотиви, се наведува во анализата на Сноупс.

Во фактчекот „EU digital identity wallet is not an ‘electronic leash to control citizens’“ се објаснува дека ЕУ-дигиталниот идентитет е алатка за сигурна автентикација, а не средство за контрола.

Граѓаните ќе можат доброволно да изберат дали ќе го користат, а нивните податоци се заштитени според GDPR регулативата, се наведува во анализата на Фактчек.бг.

Во некои европски држави незадолжителните дигитални лични карти постојат со децении, пишува Еуроњуз. Во Велика Британија дигиталниот идентитет во форма на систем со апликација ќе ги поедностави интеракциите за добивање јавни услуги и ќе ги подобри безбедносните проверки на идентитетите на луѓето на поефикасен начин. Во Естонија е-ИД е стара 20 години и им овозможува на граѓаните да гласаат, да потпишуваат дигитално документи, да пристапат до електронското здравство и образование, да користат банкарство и онлајн услуги за шопинг. Се претпоставува дека системот им заштедува на граѓаните на Естонија просечно 5 работни денови годишно преку поефикасни процеси. Денеска 99 проценти од Естонците имаат дигитална лична карта.

Во Данска апликацијата MitID беше воведена во 2021 година и денеска ја користат над 90 проценти од популацијата, а во неа се интегрирани банкарството, владините услуги, даноците, здравствените услуги, пензиите и образованието на Данците. Во Шпанија електронскиот идентитет е воведен во 2006 година и сега е достапен преку апликацијата слична на данскиот модел а наречена MiDNI.

Историски, изразот „жиг на ѕверот“ од Откровение 13 што се спомнува во објавата која ја анализираме, се толкувал на различни начини:

  • како симбол на лоши системи на власт;
  • како метафора за духовна покорност;
  • а не како конкретна технолошка ознака.

Современите теолози и истражувачи, како што анализира HTS Journal, предупредуваат дека поврзувањето на вакви библиски симболи со модерни технологии е шпекулативно и теолошки погрешно.

Иако теориите за „жигот на ѕверот“ се неосновани, постојат реални, секуларни грижи:

  • можност за злоупотреба на лични податоци,
  • надзор од страна на држави или корпорации,
  • нееднаква пристапност до дигитални услуги.

Организацијата ACLU (American Civil Liberties Union) во својата анализа предупредува дека дигиталните ID треба да се развиваат со строги правила за приватност и транспарентност, но не ги опишува како „жиг на ѕверот“.

Од сето ова можеме да заклучиме дека тврдењето оти „дигиталното ID е жиг на ѕверот“ е теорија на заговор која произлегува од страв, недоверба и религиозни интерпретации, а не од факти. Повеќе независни фактчекери ја потврдиле неоснованоста на овие тврдења. Реалната дебата треба да се води околу етиката, приватноста и технолошката безбедност, а не околу апокалиптични симболи.

Поради тоа, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција