Дигиталниот идентитет со децении постои во светот и не е „тиранија“

Фото: Официјален ФБ профил на министерот Стефан Андоновски

Апликацијата не е никаква тиранија зашто ниту е задолжителна, ниту пак, на некој начин е ограничено функционирањето на граѓаните доколку ја немаат оваа апликација. Со неа услугите ќе бидат достапни на мобилниот телефон, а личните податоци, како што беше наведено од министерот за дигитална трансформација, се безбедни и заштитени со највисоко ниво на заштита. Апликацијата моментално е во тест фаза наменета за тестирање со реални податоци и по добивањето на мислења од корисниците, финалната прва верзија  ќе биде достапна до крајот на годината

Апликацијата не е никаква тиранија зашто ниту е задолжителна, ниту пак, на некој начин е ограничено функционирањето на граѓаните доколку ја немаат оваа апликација. Со неа услугите ќе бидат достапни на мобилниот телефон, а личните податоци, како што беше наведено од министерот за дигитална трансформација, се безбедни и заштитени со највисоко ниво на заштита. Апликацијата моментално е во тест фаза наменета за тестирање со реални податоци и по добивањето на мислења од корисниците, финалната прва верзија ќе биде достапна до крајот на годината

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

I dodeka cel Svet se diga protiv Tiranijata od voveduvanje na Digitalen Identitet.
Ovoj Hrabro resi da se gordee sto kaj nas vakva Tiranija i Fashizam ke ni vovede. Kako bese za vreme na Koronata?
Ne si Vakciniran, nemas pravo na nisto.
Arno ama togas, nemase celosen Digitalen Sistem, koj ke ni diktira kako da ziveeme, zatoa i ne se ni Vakciniravme.
Epa sega so ovoj Digitalen Identitet, Tiranijata ti stanuva Hitlerov Fashizam vo koe nemozes da se spasis.
Ete vakva Diktatura ovoj Narod podrzuva, posle ke kuka koga ke udri po Grbot na cel Narod, dodeka tie ke bidat kako bogovi i ke si pravat sto sakaat..

Во склоп на објавата се споделува видеоматеријал односно телевизиски прилог во кој се известува за дигиталниот самит на Западен Балкан кој се одржа во Скопје и каде беше промовирана верзијата на дигиталниот паричник. Тоа е сигурен и препознатлив пристап до јавни и приватни услуги. Дигиталниот идентитет, наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, не е „тиранија и фашизам“ туку апликација за сите важни документи, потсетник за истекување рокови. Како што објави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски апликацијата m.Uslugi е во фаза на тестирање и во неа сега може да се има пристап само до личната карта, тест возачката дозвола и потврдите  М1/М2 – брзо, едноставно и сигурно.

Апликацијата не е никаква тиранија зашто ниту е задолжителна, ниту пак, на некој начин е ограничено функционирањето на граѓаните доколку ја немаат оваа апликација. Но, со неа услугите се достапни на мобилниот телефон, а личните податоци, како што беше наведено од министерот за дигитална трансформација, се безбедни и заштитени со највисоко ниво на заштита. Ова секако, кога таа ќе биде достапна за користење затоа што моментално е во тест фаза наменета за тестирање со реални податоци. Секој заинтересиран тестер, корисник, програмер, може да ја симне на начин опишан во документ со QR код и инструкции за инсталирање на апликацијата. По добивањето на мислења од корисниците, финалната прва верзија од апликацијата ќе биде достапна до крајот на годината.

Не е точно ни дека „цел свет се дига против тиранијата од воведувањето дигитален идентитет“. Во некои европски држави незадолжителните дигитални лични карти постојат со децении, пишува Еуроњуз. Во Велика Британија дигиталниот идентитет во форма на систем со апликација ќе ги поедностави интеракциите за добивање јавни услуги и ќе ги подобри безбедносните проверки на идентитетите на луѓето на поефикасен начин. Во Естонија е-ИД е стара 20 години и им овозможува на граѓаните да гласаат, да потпишуваат дигитално документи, да пристапат до електронското здравство и образование, да користат банкарство и онлајн услуги за шопинг. Се претпоставува дека системот им заштедува на граѓаните на Естонија просечно 5 работни денови годишно преку поефикасни процеси. Денеска 99 проценти од Естонците имаат дигитална лична карта.

Во Данска апликацијата MitID беше вооведена во 2021 година и денеска ја користат над 90 проценти од популацијата, а во неа се интегрирани банкарството, владините услуги, даноците, здравствените услуги, пензиите и образованието на Данците. Во Шпанија електронскиот идентитет е воведен во 2006 година и сега е достапен преку апликацијата слична на данскиот модел а наречена MiDNI.

Така што не е дека граѓаните во цел свет се дигнале против воведувањето на дигиталниот идентитет, туку напротив, многу земји со децении го користат и граѓаните кои сакаат да уживаат во безбедноста, поедноставеноста на процедурите, завршување на тековните административни обврски без физичко присуство во институциите со клик на мобилниот телефон ги користат тие бенефиции. Исто така, во објавата многу бледо и без аргументи се наведува дека ова би било „тиранија и фашизам“, но на ниво на ЕУ регулативата eIDAS 2.0 бара сите земји членки да им овозможат дигитален паричник на граѓаните до 2026 година. Пилот проекти се одвиваат во 26 земји членки на ЕУ како Норвешка, Исланд, Украина, вклучувајќи стотици јавни институции и приватни компании.

Апликацијата ДИИА на Украина функционира до степен онлајн да се закажуваат венчавки. На платформата ДИИА има повеќе од 20 милиони корисници. Дополнително, оние граѓани што користат Google Wallet и Apple Pay веќе на ист начин го користат системот – личните документи им се на иста апликација. Тоа не е фашизам ниту тиранија туку олеснување на процедурите. Државата која ги издава личните документи – лична карта и пасош веќе располага со податоците на секој граѓанин преку ресорното Министерство за внатрешни работи. Тоа е вообичаен начин на воспоставување на поредок и воспоставување на права и обврски меѓу државата и граѓанинот а не некаква контрола или тиранија.

Во објавата се споменува и дека за време на ковид пандемијата тие што не биле вакцинирани немале право на ништо и дека поради тоа што немало дигитален систем, луѓето не се вакцинирале. Напротив, изборот во Северна Македонија дали некој ќе се вакцинира или не, воопшто не зависеше од постоењето на дигитален систем туку од изборот на граѓаните.

Северна Македонија не беше од тие држави кои ја ограничуваа важноста на сертификатот за вакцинација, но во други држави како на пример Хрватска овој пасош важеше 270 дена од издавањето.

Како што се вакцинираат сè поголем број луѓе, владите во светот се потпираат на овие пасоши како начин повторно да го отворат општествениот живот. Овие пасоши се сертификати кои покажуваат дека некој е имунизиран против ковид-19, по што рестораните, спортските објекти, трговските центри и другите трговски објекти го користат за да му дозволат влез.

Дополнително, ако некој прележал ковид тогаш добиваше сертификат за прележаност кој покажуваше дека е имун на ковид и во принцип, ваквиот документ му даваше на граѓанинот поголеми слободи да патува и да се социјализира.

Најважната цел на вакциналниот пасош беше да се зголеми бројот на граѓани кои ќе примат вакцина, што ќе доведе до колективен имунитет. Друга важна работа што ја овозможуваат вакциналните пасоши е тоа да не се дозволува мешање меѓу вакцинирани и невакцинирани на затворен простор, со што се спречуваат нови инфекции.

Постоењето на дигиталниот систем не му диктира на граѓанинот како да живее туку му го олеснува живеењето, прави услугите да се достапни на екранот на мобилниот телефон, да не мора да се чекаат редици на шалтери итн. Дигиталниот паричник и дигиталниот идентитет немаат врска со фашизам, Хитлер, тиранија, диктатура ниту пак „некој ќе може да прави што сака“. Објавата содржи елементи на теорија на заговор каде без аргументација и втемеленост во факти, се шири паника за проект кој се спроведува со децении во други европски држави и нуди бенефиции.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција