Дигиталниот паричник не ги претвора граѓаните во „слободни робови“
Поседувањето на апликација во којашто на мобилниот телефон ќе може да се има дигитална лична карта како опција, а не како задолжение, не ги претвора граѓаните во робови, ниту пак, е поврзана со Светскиот економски форум
Поседувањето на апликација во којашто на мобилниот телефон ќе може да се има дигитална лична карта како опција, а не како задолжение, не ги претвора граѓаните во робови, ниту пак, е поврзана со Светскиот економски форум
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
НА ЗДРАВЈЕ ДА ВИ Е,,СЛОБОДЕН РОБ,,ИЛИ ВО ПРЕВОД ,,СВЕТСКИ ЕКОНОМСКИ ФОРУМ,, ,,ЌЕ НЕМАТЕ НИШТО, АМА ЌЕ БИДЕТЕ СРЕЌНИ,,
Во склоп на објавата се споделува најава дека од четврток почнува примената на е-паричник. Најавата е дека апликацијата ќе биде промовирана во среда на 28 октомври, а министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека е безбедна апликација која нуди можности за заштита на личните податоци, поточно дека преку неа на мобилните телефони граѓаните ќе можат да ги имаат своите лична карта и возачка дозвола.
Корисниците нема да мора да ги откриваат сите свои податоци, како што тоа го правиме сега кога ги покажуваме пластичните лични карти или возачките дозволи. На пример, кога сакате да се легитимирате во банка, бар или друг локал, нема да мора да ги покажувате сите податоци од личната карта. Ќе можете сами да изберете кои податоци сакате да ги споделите, на безбеден начин. Податоците ќе се споделуваат преку QR-код, кој се генерира за еднократна употреба. Кодот се скенира, а другото лице ги добива податоците само доколку вие го дозволите тоа. По 10 до 15 секунди, QR-кодот истекува и не може повторно да се употреби. Многу внимание посветивме на безбедноста, рече министерот Андоновски.
Не е точно дека промоцијата на апликацијата дигитален паричник ќе ги претвори граѓаните во „слободни робови“, ниту пак, „дека ќе немаат ништо и ќе бидат среќни како што посочиле од Светскиот економски форум“. За актуелниот државен проект, Министерството за дигитална трансформација во јули 2025 година соопшти дека дигиталниот паричник за документи ќе биде опција, а не обврска. Во меѓувреме, апликацијата m.Uslugi на Google Play, ажурирана во октомври 2026 година, е претставена како дигитален паричник за лични документи и електронски јавни услуги. Таа поддржува најава преку eID и споделување документи преку QR-код, со избор на податоците што ќе се споделат.
Дигиталниот паричник е слободен избор на граѓаните и не ги одзема правата на граѓаните, не ги лишува од сопственост и не им наметнува задолжителна употреба под закана од губење пристап до основните услуги за да се тврди дека ќе ги претвори во „слободни робови“.
Како што најави министерот ова е почеток на еден процес што треба да ја доведе С. Македонија до европскиот дигитален паричник, кој ќе значи целосна дигитализација на документите.
Ова е одличен почеток затоа што основните податоци од личната карта и од возачката дозвола ќе им бидат достапни на граѓаните. Се надевам дека паралелно со развојот на мобилниот паричник, ќе додаваме и нови услуги, можности и документи за граѓаните – изјави денеска Андоновски.
Инаку, според проверувачите на факти на „Политифакт“ и германската организација за проверка на факти „Коректив“ , фразата „ќе немате ништо ама ќе бидете среќни“ потекнува од текст на данската политичарка Ида Аукен од 2016 година, објавен на веб-страницата на Светскиот економски форум. Текстот опишува замислено сценарио за животот во 2030 година, во кое многу производи се заменети со услуги што се изнајмуваат или користат по потреба. Фразата навистина се појавила во промотивно видео на СЕФ за можните промени до 2030 година. Таа не е доказ дека основачот на СЕФ, Клаус Шваб, ја изговорил како своја изјава или дека форумот усвоил план за укинување на приватната сопственост. Аукен објаснила дека текстот е сценарио за поттикнување дебата за позитивните и негативните последици од технолошкиот развој, а не нејзина утопија или посакувана иднина. Агенцијата Ројтерс заклучи дека нема докази оти СЕФ има официјална цел до 2030 година луѓето да престанат да поседуваат имот.
С. Македонија развива дигитални услуги и дигитален идентитет, вклучително и во рамките на усогласувањето со европската регулатива за дигитален идентитет. Европската комисија во извештајот за земјата од 2025 година го споменува воведувањето дигитален паричник како дел од реформите во електронските документи и електронската идентификација. Воведувањето на дигитален паричник нема врска со наводното „непоседување ништо“ ниту „ропство“.
Поседувањето на апликација во којашто на мобилниот телефон ќе може да се има дигитална лична карта и возачка дозвола како опција, а не како задолжение, не ги претвора граѓаните во робови, ниту пак, е поврзана со Светскиот економски форум. Министерот Андоновски нагласи дека користењето на апликацијата нема да биде задолжително и дека граѓаните ќе можат и понатаму да ги користат постојните физички документи.
Сакам да потенцирам дека апликацијата нема да биде задолжителна. Граѓаните кои не сакаат да ја користат нема да мора да ја преземат и ќе можат да продолжат да ги користат постојните документи за идентификација. Апликацијата ќе биде бесплатна за сите што ќе одлучат да ја користат, посочи Андоновски.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар