„Дигиталниот војник“ шири лаги за пандемијата и медиумите и се заканува со убиства!

„Дигиталниот војник“. Фото: скриншот од дел од постот

Купиштa лаги и дезинформации, покрај опасни закани за живот, се шират на Фејсбук од страна на „дигиталниот војник на Q армијата. Голем дел од лагите се однесуваат за „непостоечката пандемија со корона вирусот“

Купиштa лаги и дезинформации, покрај опасни закани за живот, се шират на Фејсбук од страна на „дигиталниот војник на Q армијата. Голем дел од лагите се однесуваат за „непостоечката пандемија со корона вирусот“

 

Објава на Фејсбук во вид на видео стриминг од настап во живо, шири огромни лаги околу пандемијата со корона вирусот и го повикува населението да не носи заштитни маски.

Покрај ова, во видеото говорникот ги посочува сите медиуми и сите политичари во Северна Македонија како платеници и носители на дезинформации околу пандемијата, па им се обраќа на начин кој може да се сфати како закана по нивниот живот, како и на начин дека ќе имало убиства, влечење по плоштади и поставување бомби или експлозивни средства, т.е „летање во воздух“!

Тука презентираме дел од видео пораките:

Тоа сето што се случува сега позади завесата на јавноста е припрема за враќање, за голем камбек на вистина. Значи, се враќаме со вистина, вистина за сите. Отварање на картите. Ова сега што го зборевме ние дигиталните војници, вие како Алсати и Вистиномери и таму кои се сите други телевизии и формирачи на македонски народни партии, ВМРО, СДСМ ит.н., сите гледате што зборуваме ние, затоа што ако не сме ние, нема да знаете што ви се случува, па пошто не слушате еве јас ќе ви кажам, уживајте во вашето преостанато време, уште некој месец. (од 8 до 9 минута во видеото).

Потоа продолжува поконкретно околу ширењето дезинформации за лажна ковид пандемија:

Ние сме, народно речено информатори, народни информатори, затоа што нашите медиуми не ја вршат својата должност професионално. Не го работат тоа зашто се платени, туку вршат масовна контрола на населението преку ширење на дезинформации, односно ширење на информации за лажна ковид пандемија која што има една цел – депопулација на комплетното становништво на целата планета преку ширење на смртоносен лажен вирус, односно доведување до степен на присилна вакцинација, која што е противуставно во сите држави (од 9.15 до 9.52 минута во видеото).

Го дава примерот за актуелните немири во Холандија, каде што се „разбудил народот против лажната пандемија“ па „палел ковид болници“, па ги прашува властите во Македонија, „како ќе го смирите народот ако се разбуди“ и тука:

Тоа е вашиот најголем страв. И вие газди на телевизии, секоја вечер се тресете. Не можете да спиете. Меѓутоа ние работиме за ваш инат. Ќе им докажеме на сите дека лажете. Пополека. Меѓутоа играта се игра глобално, така што вие што и да направите нема да избегате. Ни Алсат ќе се види, ни МТВ 1 ни МТВ 2, ни Сител, ни Канал 5 и сите вие новинари кои што лажете, со маски стоите во емисии, велите дека има вирус, а кога ќе заврши емисијата ги вадите маските, и вие политичарите, сите комплет што се правите наудрени за пари, наскоро тие пари ќе ви излезат од тука низ носот. И во Гвантанамо ќе ви стават силиконско цевче преку устата, директно до танко црево, да ве држат во живот. Само почекајте уште некој период, пополека. Вашата пирамида се растура. Вашите газди ги нема. Завршена ви е кариерата. (од 10.30-11.30 во видеото).

Лагите за пандемијата ги продолжува и малку потоа и упатува уште поконкретни закани кои се разбираат како закани по живот за вработените во медиумите и за политичарите:

А јас молим Бога некоја телевизија да не викне, па да им укажеме на македонски народ, да го разбудиме и вас да ве снема. Ни антени ќе ви се видат, ни столбови ќе ви се видат. Ни репортери ни новинари, ни па политичари. Сите ќе отидете у ваздух. И ќе дојде ден кога ќе ве влечат по улица. Сите вие кои што го лажете македонскиот народ дека има ковид пандемија. Се е лага, се е измама. Вие за ова примивте милионски суми на пари. Нашиот говор во центар на Скопје достигна 2.000 споделувања. Јас сум само еден човек. Поранешен вработен во единица за разузнување… Гледате дека ве лажат со маски, сакаат да ви го земат животот, да тргуваат со вашите органи! (од 11.30-12.30 минута во видеото).

Купишта небулози и лаги

Дури ако ги тргнеме, другите небулози искажани до крај на 45 минутната снимка, од типот дека американскиот претседател „Џо Бајден и сите други што биле на инаугурацијата биле клонови“ или дека „Хилари Клинтон била уапсена уште во 2016 година и однесена во најстудените делови од Аљаска за да не може ни ѓаволот во нејзе да преживее“ – лагите искажани на почетокот се недвосмислени и се разбира опасни по јавното здравје, а со тоа и по јавниот интерес.

Бесмислено е да се дебанкираат вакви очигледни лаги, но да го сториме тоа накусо. Современата медицинска наука нема начин да креира човечки клонови. Таа не може да креира еден клон, а камоли стоици или илјадници. Човековиот мозок, на пример, е преполн со мистерии кои модерната наука сè уште не може да ги открие, а камоли да се креираат илјадници клонови.

Колку нелогичности постојат во искажаните лаги доволно е само да се анализираат некои реченици. На пример: „сите гледате што зборуваме ние, затоа што ако не сме ние, нема да знаете што ви се случува“. Тука во објавата говорникот се става во улога на Бог. Тој е дел од некаква организација која ја поседува апсолутната вистина! А се разбира, никој (освен Бог за верниците), не може да ја поседува апсолутната вистина.

Или само да се погледне склопот на оваа „мисла“: „Не го работат тоа зашто се платени, туку вршат масовна контрола на населението преку ширење на дезинформации, односно ширење на информации за лажна ковид пандемија која што има една цел – депопулација на комплетното становништво на целата планета преку ширење на смртоносен лажен вирус, односно доведување до степен на присилна вакцинација, која што е противуставно во сите држави“.

Ако е дезинформација дека постои ковид пандемија, како може крајна цел да биде „депопулација на комплетното становништво на целата планета“?

Или како може „да се доведе населението до степен на присилна вакцинација“, ако е противуставно во сите држави, а башка кога веќе во сите држави во светот е соопштено дека вакцинацијата е на доброволна основа?

 

„Дигиталниот војник“ има проблем со анализа

Значи и со самата анализа на речениците, без да ги наведуваме сите докази од СЗО, од бројните држави во светот кои имаат реален проблем со заболени и починати граѓани како резултат на пандемијата, се утврдува дека станува збор за куп опасни лаги.

Заканите по медиумите, т.е. новинарите, сопствениците на медиуми и политичарите, освен што се работа за полицијата и јавното обвинителство („Сите ќе отидете у ваздух. И ќе дојде ден кога ќе ве влечат по улица), се, исто така, составен дел од лагите, зашто причината за тоа била дека сите споменати „го лажете македонскиот народ дека има ковид пандемија“.

Заклучокот од рецензијата на оваа објава на Фејсбук е недвосмислен – тврдењата во објавата се ЛАГА, а „дигиталниот војник“ на Кју(Q) армијата – класичен ширач на теории на заговор, има проблем со аналитика.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција