Дигиталното евро нема да биде програмирано и ограничено со намена за користење

Фото: Дигитално Евро. Извор: ЕЦБ

Дигиталното евро никогаш нема да биде програмирана валута ( programmable money). Програмираните пари се дигитална форма на пари користени за однапред дефинирани цели како ваучер со ограничување за тоа каде, кога со кого луѓето можат да го користат. И во законскиот предлог презентиран пред Европската Комисија е наведено дека дигиталното евро нема да биде програмирана валута, туку може да помогне за автоматски плаќања АКО КОРИСНИЦИТЕ САКААТ ДА ЈА КОРИСТАТ ТАА ФУНКЦИЈА. На пример, корисник може да одлучи да намести автоматско месечно плаќање кон пријатели или член на семејството, се наведува во објаснувањата на сајтот на Европската централна банка

Не е точно наведеното во објавата дека „Европската централна банка е приватен картел“. Европската централна банка (ЕЦБ) е политички независна и тоа се согледува во фактот што ниту Европската, ниту националните централни банки, ниту било кој член на нивните тела за донесување одлуки немаат право да бараат или да примаат инструкции од институции или тела на Европската Унија, од било која влада на земја членка на ЕУ или било кое друго тело!

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Документирани Факти.
Јануари 2026, почвит руската дигитална валута по наредба на Путин.
Октомври 2025, ЕУ дигитална валута според официјалната најава на европската централна банка (приватениот картел). Во завршна фаза на дигитална валута се сите западни земји.
Дигиталната валута ке бидит ПРОГРАМИРАНА – ограничена со намена за користење, со временски период и ке бидит КОНТРОЛИРАНА од државата.

Не е точно наведеното во објавата дека „Европската централна банка е приватен картел“. Европската централна банка (ЕЦБ) е политички независна и тоа се согледува во фактот што ниту Европската, ниту националните централни банки, ниту било кој член на нивните тела за донесување одлуки немаат право да бараат или да примаат инструкции од институции или тела на Европската Унија, од било која влада на земја членка на ЕУ или било кое друго тело! Токму оваа независност на Европската централна банка е гарант за одржување на монетарната стабилност, што е поткрепено со обемна теоретска анализа и емпириски докази за независноста на централната банка. Независноста на ЕЦБ е утврдена во институционалната рамка за единствена монетарна политика и во статутот. 

Политичката независност на ЕЦБ е клучна за нејзината примарна цел за одржување на ценовната стабилност. Таа е камен-темелник на монетарниот систем на еврозоната. Како чувари на ценовната стабилност, централните банки создаваат основа за здрава и стабилна економија. Доколку владите имаа директна контрола врз централните банки, политичарите би можеле да бидат во искушение да ги променат каматните стапки во нивна корист за да создадат краткорочни економски бумови или да користат пари од централната банка за финансирање на популарни политички мерки. Ова сериозно би ѝ наштетило на економијата на долг рок.За да се осигури дека ЕЦБ дејствува во најдобар интерес на европските граѓани, таа е формирана како независна институција. Договорот за функционирање на ЕУ ѝ дава на ЕЦБ многу јасен и ограничен мандат да ја одржува стабилноста на цените во еврозоната. На овој начин, ЕЦБ е во можност да води монетарна политика што го поттикнува економскиот раст и создавањето работни места во Европа.

Статутот на ЕЦБ ја штити личната независност на членовите на нејзиниот извршен одбор. Тие се назначуваат со мандат од осум години и можат да бидат разрешени од функцијата само во случај на сериозно недолично однесување. Ова им овозможува да донесуваат одговорни и објективни одлуки. Покрај тоа, на ЕЦБ ѝ е забрането директно да позајмува на јавниот сектор. Ова ја штити од притисок од јавните власти.

 

Дигиталното евро нема да биде програмирана валута

Во објавата уште се тврди дека „во октомври 2025 година ќе има ЕУ дигиталната валута и дека сите земји се во завршна фаза за неа“. Се наведува дека „дигиталната валута ќе биде програмирана и ограничена за користење, со временски период и ќе биде контролирана од државата“.

Не е точно дека дигиталното евро ќе биде ограничено за користење. Тоа ќе коегзистира со готовина и нема да има ограничување за тоа како се трошат парите, според „Форбс“. 

Соработуваме со националните централни банки на еврозоната за да разгледаме евентуално издавање на дигитално евро. Тоа би била дигитална валута на централната банка, електронски еквивалент на готовина. И би ги надополнувала банкнотите и монетите, давајќи им на луѓето дополнителен избор за тоа како да плаќаат. Дигиталното евро би било дигитална форма на готовина, издадена од централната банка и достапна за сите во еврозоната, наведува Европската централна банка на страницата за Дигиталното евро.

Оттаму најавија втора фаза од подготовката за дигиталното евро до октомври 2025 година што не значи дека тоа ќе биде достапно во октомври 2025. Дигиталните евра се пари на Централната банка во дигитална форма, достапни за какви било електронски плаќања во продавници, преку интернет или од човек на човек.

Во објавата невистинито се тврди дека дигиталното евро би било „контролирано од државата“ што може да се сфати и како контрола врз можноста да платите нешто или да не платите, во смисла државата да располага со вашите пари или да ги управува, што никако нема да биде случај.

Дигиталното евро има голем број придобивки за оние што ќе одлучат да го користат. Значи, тоа кога ќе биде достапно (нема потврда дека ќе биде достапно во 2025 наспроти изнесеното во објавата), ќе биде опционално и нема да го замени плаќањето во кеш, туку замислата е да функционираат заеднички. Доколку некој не сака да користи дигитални евра, не мора. Бидејќи дигиталните евра ќе бидат пари на Европската централна банка, тие би биле јавно добро достапно за сите.

Корисниците би можеле да чуваат само ограничен износ на дигитално евро на својата сметка. Ова би обезбедило дигиталното евро да биде безбедно складиште на вредност, слично на готовината, со што ќе се зачува стабилноста на нашиот финансиски систем и ќе се спречи одлив на банкарски депозити, дури и во време на криза. Поврзувањето на нивниот дигитален евро-паричник со банкарска сметка би им овозможило на корисниците да вршат плаќања над лимитот на располагање и веднаш да го покријат секој недостаток, без да мора однапред да го надополнуваат својот дигитален евро-паричник (под претпоставка дека има доволно средства достапни на поврзаната сметка), се наведува во објаснувањата.

На прашањето дали дигиталното евро би било алтернативна валута во рамките на евросистемот, одговорот на Европската централна банка е негативен.

Не. Дигиталното евро би бил уште еден начин за плаќање со еврото, нашата единствена валута, во Европа. Би можело да се конвертира еден на еден со банкнотите. Дигиталното евро би одговорило на растечките преференции на луѓето и фирмите за дигитално плаќање, потенцираат оттаму.

Кога во објавата што ја рецензираме се тврди дека „дигиталното евро ќе биде ограничено со намена на користење“ и тоа не е точно.

Дигиталното евро никогаш нема да биде програмирана валута (programmable money). Програмираните пари се дигитална форма на пари користени за однапред дефинирани цели како ваучер со ограничување за тоа каде, кога, со кого луѓето можат да го користат. И во законскиот предлог презентиран пред Европската Комисија е наведено дека дигиталното европ нема да биде програмирана валута, туку може да помогне за автоматски плаќања АКО КОРИСНИЦИТЕ САКААТ ДА ЈА КОРИСТАТ ТАА ФУНКЦИЈА. На пример, корисник може да се одлучи за автоматско месечно плаќање кон пријатели или член на семејството, се наведува во објаснувањата на сајтот на Европската централна банка (прашање 19).

Во врска со наведеното за Русија, од 1 октомври 2025 година дигиталната рубља ќе биде користена во ограничена форма за владини трошења кои ќе ги договорат меѓусебно руската централна банка и владата.

Од јануари 2026 г., федералните буџетски трошења ќе може да се исплаќаат во дигитални рубљи без да бидат ограничени на специфична листа, а од јули 2027 г., дигиталната рубља е најавено дека ќе биде дозволена за користење секаде, вклучително и за трошења од регионални и општински буџети, буџети за социјална заштита и задолжителното здравствено осигурување.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како делумна невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција