ДИК ги проби сите рокови и сè уште не е екипирана

There is plenty to be done before the ballot boxes come out. Image: SEC, screenshot

Државната изборна комисија (ДИК) сè уште не е целосно екипирана, иако поминаа повеќе од три месеци откако тоа требаше да биде сторено. Договорот од Пржино, исто така, предвидува и засилени овластувања на највисокиот орган во државата задолжен за организација на изборите.

 

Државната изборна комисија (ДИК) сè уште не е целосно екипирана, иако поминаа повеќе од три месеци откако тоа требаше да биде сторено. Договорот од Пржино, исто така, предвидува и засилени овластувања на највисокиот орган во државата задолжен за организација на изборите.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Според договореното на 2 јуни 2015 година, во таканаречената Спогодба, на потписниците: Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, стои:

„Најдоцна до 31 јули 2015, ќе биде разгледан и изменет составот на Државната изборна комисија. Најдоцна до 30 септември 2015 година Државната изборна комисија ќе добие засилени овластувања со кои ќе обезбеди слободни и фер избори и еднакви услови за настап на изборите за сите партии. Ова, особено, ќе вклучува засилени надзорни овластувања. Сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР ќе бидат имплементирани, вклучувајќи ја тука и ревизијата на избирачкиот список согласно нова методологија која ќе биде договорена. Пред почетокот на следните избори, владата ќе побара засилен продолжен надзор, но и краткотрајна набљудувачка мисија од ОБСЕ/ОДИХР.“

За тоа, пак, кои препораки од ОБСЕ/ОДИХР треба да бидат имплементирани пишува проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права. Таа, забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, ги сумира во неколку точки:

  • Во текот на изборите не е направено одвојување на партиските од државните интереси со што е направено прекршување на Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 година.
  • Вршено е заплашување на граѓаните од страна на власта.
  • Злоупотребени се државни ресурси за изборна кампања.
  • Со гласањето на дијаспората прекршен е Уставот и членот 7.3 од Копенхашкиот документ од 1990 година.
  • Државниот завод за ревизија е спречен во вршењето надзор над финансирањето на партиите (посебно на оние кои се на власта).
  • Партиите на власт контролираат најголем број од медиумите.
  • Со злоупотребата на јавниот радиодифузен сервис е прекршен член 7.8 од Копенхашкиот документ од 1990 година.
  • Се прават реформи на изборната регулатива набрзина и несеопфатно.
  • Постапката на приговори е несоодветна.
  • МВР се меша во работата на ДИК.
  • Има многу категории на ранливи групи кои не можат да гласаат.
  • Партиите не даваат отчет за потрошените пари за избори (посебно владејачките).
  • Нема санкции за партиите кои нема да поднесат финансиски извештај.

Дури по два и половина месеци од договореното, на 16.12. 2015 година, Собранието на Република Македонија, во рамки на 83. седница со 102 гласови „за“, без „воздржани“ и „против“ ги изгласа членовите на Државната изборна комисија.

За претседател на Комисијата е избран Александар Чичаковски, за потпретседател Реџеп Прекопуца, двајцата од редовите на експертите. Членови на Комисијата се Атанас Урумов, исто така од редот на експертите, Силвана Бонева и Сашо Срцев на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, Виолета Дума и Игор Милев на предлог на СДСМ, Субхи Јакупи од ДУИ и Бедередин Ибраими на предлог на ДПА.

Поради тоа што генералниот секретар на Комисијата не е лице кое се бира во Собранието, ниту по предлог на партиите, ниту како експерт, ДИК на 22.12.2015 година го усвои Правилникот за утврдување на начинот и постапката за избор на генерален секретар, според кој во дневните весници ќе биде објавен јавен оглас на кој може да конкурираат сите вработени во државната администрација што се на раководна фунција. Огласот почна да тече од 23.12.2015 година.

Кандидатите треба да се државјани на Република Македонија, да имаат завршено високо образование од областа на менаџментот и јавна администрација, да не се членови на партиски органи, како и да имаат искуство во менаџирање на јавниот сектор.

Државната изборна комисија на 04.01.2016 година за генерален секретар го избра Добре Јанчев, кој на раководната функција доаѓа од местото државен советник за едукација, правна и меѓународна соработка во ДИК. Јанчев функцијата генерален секретар ќе ја извршува во наредните пет години.

Од ДИК соопштија дека членовите на Државната изборна комисија во вторникот минатата недела (29 декември 2015 година) одржале состанок на кој ги утврдиле предлог-текстовите на правилникот за методологијата за водење и за ажурирање на избирачкиот список.

Двата правилника на 30 декември биле доставени до четирите најголеми политички партии, кои треба да ги усогласат ставовите за предлог-текстовите, а потоа треба да бидат усвоени од ДИК.

Државната изборна комисија очекува во најкраток можен рок четирите најголеми партии да се усогласат, за потоа да ги усвои овие два важни акта за проверка и за ажурирање на избирачкиот список, велат од ДИК.

Следна важна задача за ДИК ќе биде утврдување на методологијата за Избирачкиот список.

Проблемите со ДИК не завршија тука. ВМРО-ДПМНЕ го проблемитизира изборот на Виолета Дума, како предлог на СДСМ, затоа што законски таа веќе морала да оди во пензија. Поради тоа Собраниската комисијата за избор и именување на 30.12.2015 година ја изгласа предлог-одлуката за нејзино разрешување од позицијата член на Државната изборна комисија.

Опозицијата реагираше дека со ова во предизборнииот период се ослабува нивната позиција во ДИК бидејќи од разрешувањето на Дума, што најверојатно ќе се случи по празниците, до назначувањето на нов член тие ќе имаат само еден претставник во органот што ги подготвува и организира изборите.

Опозицијата истакна дека оваа одлука на ВМРО-ДПМНЕ е спротивна на законската регулатива, бидејќи Дума има право најмалку уште една година да го продолжи работниот однос. Претставниците на ДУИ во комисијата гласаа воздржано за оваа одлука, бидејќи, како што објасни Ермира Мехмети, потребно е да се направат дополнителни консултации пред да се донесе одлуката.

Претсадетелот на Комисијата, пратеникот Зоран Илијоски од ВМРО-ДПМНЕ, објасни дека Дума не можела да бара продолжување на работниот однос за една година зошто во Изборниот законик било предвидено дека мандатот на членот на ДИК истекува кога тој ќе ги исполни условите за во пензија.

Но, и покрај несогласувањето на опозицијата пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери ја изгласаа предлог-одлуката за разрешување на Дума. Таа се очекува на пленарна седница на Собранието да се најде најрано на 11 јануари, кога и Дума ќе биде официјално разрешена од функцијата. Потоа ќе треба да се распише нов оглас за избор на член на ДИК, а за тој да биде избран потребно е да се добие двотретинско мнозиство во парламентот.

Според лидерот на СДСМ, Зоран Заев, императив е изборите да бидат фер и демокртски.

А, без прочистен избирачки список, кој може да го гарантира тоа? ДИК треба да каже дали има време да се направи споредба на податоците со новиот софтвер што треба да го набават и да се направи теренска проверка на повеќе од еден милион и 700.000 гласачи – вели Заев за „Вистиномер“.

 

ЛИНКОВИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција