Димитров: Дури и Хан ќе разбере со кого си има работа ако посегнат по Специјалното обвинителство!

Мисијата за „чистење на срамот на нацијата“ е загрозена. Фото: Мета

Една од дилемите и прашањата што остануваат отворени по одлуката на власта да оди на предвремени избори на 24 април без постигнат договор со опозицијата е што ќе се случува со Специјалното јавно обвинителство, како клучна институција произлезена од тој договор. Соговорниците што ги консултиравме имаат различно мислење, но во едно се согласуваат – власта не ја сака оваа институција и во најмала рака ќе продолжи да прави опструкции во нејзиното функционирање.

 

Една од дилемите и прашањата што остануваат отворени по одлуката на власта да оди на предвремени избори на 24 април без постигнат договор со опозицијата е што ќе се случува со Специјалното јавно обвинителство, како клучна институција произлезена од тој договор. Соговорниците што ги консултиравме имаат различно мислење, но во едно се согласуваат – власта не ја сака оваа институција и во најмала рака ќе продолжи да прави опструкции во нејзиното функционирање.

 

Пишува: Тео Блажевски

 

После вториот „црн понеделник“, како што го нарекоа многумина 18.01.2016, кога мнозинството од пратениците на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ изгласаа одлука за распуштање на Собранието на РМ со цел одржување предвремени парламентарни избори на 24.април, се отворија повеќе дилеми и прашања.

Тие диилеми се сведуваат главно во две дијаметрално спротивни оценки. Продлабочување на кризата и натамошно дерогирање на сите демократски процеси и чин на пресекување на политичката криза, бидејќи основните услови за изборите се веќе исполнети или ќе бидат навреме, како што е проверката на избирачкиот список.

Настрана од дебатата за неспорни факти за тоа дали и колку се исполнети точките од договорот од Пржино, засега е валиден ставот на опозицијата дека на вонредни избори нема да учествува без пречистен избирачки список, без договор за реформа во медиумската сфера, како и дека доколку се инсистира и натаму на спроведување такви избори, дури и со притисок од дел од меѓународната заедница, тогаш „Договорот од Пржино е мртов“!

Вакви оценки (и дилеми) излегоа веднаш по одлуката за вонредни избори формализирана во понеделникот во Парламентот, а уште повеќе се подгреваат со отвореното прашање, што со министрите и замениците министри од СДСМ, кои влегоа во Владата пред извесно време токму како резултат од Договорот. Таа дилема СДСМ допрва ќе ја решава, а ВМРО ДПМНЕ, инаугурирајќи ја новата техничка влада предводена од техничкиот премиер Емил Димитриев, дури и без верификација на свечената изјава, ги остави на досегашните позиции претставниците од СДСМ во Владата.

Но, Договорот од Пржино не се само вонредните парламентарни избори. Договорот предвидуваше темелна системска реформа во насока на владеење на правото, борбата против криминалот и корупцијата и зацврснување на демократски процеси, пред сè, преку обезбедување слобода на изразување и сето тоа како итни реформски приоритети посочени од ЕУ, а врз основа на вонредниот експертски извештај на Рајнхард Прибе. Клучен продукт од Договорот беше и Специјалното јавно обвинителство (СЈО), кое дури и ден денеска не функционира во целост како што е замислено и предложено, пред сè поради повеќе опструкции, главно од власта или институции на системот раководен од власта.

Што ќе се случува со СЈО, кое фактички стана главен орган за испитување на тешките форми на злоупотреба на власт, а симболички стана светилник на надежта на огромен број граѓани  – во услови кога Договорот од Пржино е разнишан и за некои е мртов, а за други може да стане многу брзо. Можно ли е, ако договорот е мртов, да згасне и најважниот производ од договорот – СЈО?

 

СЈО ИМА МИСИЈА ДА ГО СИМНЕ СРАМОТ НА НАЦИЈАТА

Соговорниците што ги консултиравме имаат поделени мислења околу ова, но се единствени дека власта и натаму ќе го попречува функционирањето на ова тело.

Никола Димитров, амбасадор и поранешен заменик министер за надворешни работи на РМ смета дека чадорот на заштита на СЈО е обезбеден преку суштината на процесите што треба да ги води, која е препозната од јавноста и која создава „голема заштита од партиски удари“.

СЈО носи историски товар во мисијата да се обели образот, да се симне срамот на нацијата, преку утврдување индивидуална кривична одговорност за злоупотребите индицирани во снимените разговори. Иако е јасно дека Јанева и нејзиниот тим не се на остров, зависат од МВР, судовите и други фактори, сепак оваа перцепција е огромна одговорност, но истовремено и голема заштита од партиски удари – вели Димитров.

Тој не се сомнева дека опструкциите ќе продолжат, но директна загроза на оваа институција „би било платено со многу висока цена“.

Опструкциите и обидите за јавно обезвреднување несомнено ќе продолжат. Од една страна, со тоа се забавува правдата, барајќи спас во брзи избори. Од друга страна, нападите врз нејзината независност (не ѝ веруваме) се подготовка на теренот за евентуални обвиненија. Но, во дилемите што со СЈО во актуелната ситуација на неред и хаос со Пржино, директното посегање по оваа институција би било платено со многу висока цена.

Димитров смета дека една таква одлука за укинување на Обвинителстото, би предизвикало нова мобилизација на граѓаните, но и предизвик за трпението на меѓународната заедница.

Ако ја одземат последната надеж за правда, индиректно ќе ја потврдат својата вина, бидејќи и на тие кои гледаат мижејќи ќе им стане јасно дека со тоа главните актери би бегале од одговорност. Тоа ќе ги мобилизира граѓаните, обновувајќи и распалувајќи го бесот и жедта за одговорност. Истовремено, тој чекор би бил последната капка во чашата со трпение на меѓународната заедница. Да си дозволам мала доза на иронија, дури и Хан ќе мора да разбере со кого си има работазаклучува Димитров.

Претседателката на невладината организација „Транспаренси Интернешнл Македонија“, д-р Слаѓана Тасева, пак, не ја исклучува можноста и од радикално решение какво што би било укинување на СЈО.

Зошто да не е можно? Со оваа власт видовме дека сè е можно. Тие ја „силуваат“ демократијата и ги дерогираат нејзините основни постулати, сведувајќи ја на превласт на мнозинство врз малцинство. Оттука, како што донесоа сами и без консултација одлука да го распуштат Собранието и да одат на предвремени избори без исполнети услови, така можат да донесат одлука и да го спречат натамошното постоење на СЈО – вели Тасева.

И таа не се сомнева дека власта сака да го попречи дејствувањето на СЈО и нејзината функционалност.

Опструкциите од страна на власта беа видливи и досега. Но, во ново настанатите услови тие притисоци може да се претворат во одлука за укинување на СЈО. Притоа, воопшто не е важна формата. Дали преку закон за поништување или укинување на законот со кое СЈО е формирано, што е можно до последниот ден кога ќе се распушти Собранието, дали преку „поелегантна“ варијанта преку одлука на Уставен суд, за што веќе има поднесено иницијатива, дали преку трета форма…

Но, додава Тасева, за тоа да се случи, власта треба да има какво-такво оправдување, дека Договорот од Пржино и формално е мртов.

Доколку за таков го прогласи барем една од страните, тоа и ќе се случи. Затоа е многу важно од страна на јавноста и посебно од страна на опозицијата, да се напушти таквата реторика дека договорот е мртов. За исполнување на договорт треба да се бориме сите заедно, бидејќи алтернатива на трајните вредности што треба да произлезат од исполнувањето на догворот, не постои – вели Тасева.

 

ИЗВЕСНОСТ ОД ОПСТРУКЦИИ

Нашите соговорници во едно не се сомневаат. Опструкциите врз СЈО ќе продолжат. Најрадикалната беше кога висок претставник на власта – Антонио Милошоски јавно ја обвини Катица Јанева за „срамна и поданичка улога кон Зоран Заев и СДСМ, кога ова тело требаше да донесе одлука да не бара продолжување на притворот за двајца обвинети во случајот „Пуч“, по што беше ослободен прво обвинетиот Зоран Верушевски“.

Всушност, опструкциите започнаа веднаш по согласноста прв човек да биде Катица Јанева, единствено нешто направно според тајмингот од Договорот, а сè потоа беше пролонгирано и проблематизирано. Од нејзиното формално именување, преку недозволување сама да го определи бројот на нејзини заменици, преку проблематизирање на буџетот кој го побара, до несоработката од институциите, но и од партиите за што самото обвинителство веќе два пати и јавно предупреди.

Последното во низата е оспорувањето на нејзината работа преку обвинувања дека не постапила според Законот за кривична постапка, бидејќи не направила записник при примопредавањето на прислушкуваните материјали со кои располагаше СДСМ. Притоа се најавува и барање на одговорност од одговорните во СЈО.

Специјалното обвинителство беше направено со огромна поддршка од ЕУ и САД, при конципирањето на Договорот од Пржино. Дали оваа поддршка ќе остане, доколку опстојувањето на Договорот е проблематизирано во Македонија, а гаранторите на тој договор имаат проблеми во медијацијата за негово спроведување, е неизвесно.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција