Димитровска со оставката ги спасува власта и опозицијата од срам во Собранието
Прашањето за оставка на Татјана Димитровска која денеска била поднесена до претседателот на Собранието Африм Гаши не е ново, а одбраниот момент не е случаен. Имено тој доаѓа откако Левица поднесе предлог за разрешување на Димитровска, по што партиите во Собранието ќе мораа да се изјаснат, а тоа ќе им беше многу тешко со оглед на начиунот на кој ја избраа Димитровска и овој состав на комисијата
Прашањето за оставка на Татјана Димитровска која денеска била поднесена до претседателот на Собранието Африм Гаши не е ново, а одбраниот момент не е случаен. Имено, тој доаѓа откако Левица поднесе предлог за разрешување на Димитровска, по што партиите во Собранието ќе мораа да се изјаснат, а тоа ќе им беше многу тешко со оглед на начинот на кој ја избраа Димитровска и овој состав на комисијата
Пишува: Теофил Блажевски
Во првата фаза уште кога Обвинителството водеше истрага, нејзиното објаснување дека нема намера да поднесе оставка зашто не чувствува вина и дека комуницирала со семеен пријател, јасно покажа дека Димитровска нема проблем со моралната страна од прашањето во тој момент.
Пред неколку дена, откако Обвинителството излезе со обвинителен акт (види детално ТУКА) во кој не се само дојавените податоци на еден од обвинетите во случајот „Адитив“, туку и измамата кон која, според Обвинителството, прибегнала Димитровска за да добие сертификат за државна тајна, индикативно, Гаши изјави дека Собранието може да покрене постапка за разрешување само откако Димитровска ќе добие судска пресуда.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со оправдување дека не постигнале ништо со интерпелациите за Судскиот совет, исто така, изјави дека немаат намера да покренат иницијатива за разрешување, за да не правеле естрада од тоа прашање.
Потпретседателката на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска, иако порача дека Димитровска може и треба да поднесе оставка од морални причини, изјави дека опозициската партија допрва „гради став“ за иницијативата на Левица, како единствената партија во Собранието која покрена постапка за разрешување.
Како беше избрана Димитровска?
Сега партиите можат да здивнат, зашто без оглед на повеќе потенцијални мотиви за одложување на постапката за разрешување во Собранието, еден мотив е неспорен. Имено, сите тие народни претставници распоредени во пленарната сала и во Комисијата за селекција, што го спроведуваше бодувањето пред изборот, речиси едногласно и со максимален број бодови гласале за изборот на Димитровска за член на ДКСК.
Самиот избор на Димитровска за претседател и за новиот состав беше со 97 гласа за, а при селекцијата добила најмногу бодови, 76 од можни 100. Другите документи може да се најдат на овој собраниски ЛИНК.
Изборот на Димитровска и на новиот состав беше во декември 2023 г. Иако и други медиуми изразуваа сомнеж дали овој состав ќе биде достоен на претходниот, прв по новиот закон за спречување корупција од 2019 година, најдиректно веднаш излезе ИРЛ, со појаснување каква била постапката:
Во Комисијата за селекција членуваа четворица пратеници, двајца претставници на цивилното општество и претставник на Канцеларијата на Народниот правобранител. Пратениците Кастриот Реџепи од Беса, Фаница Николовска од СДСМ, Берат Ајдари од ДУИ и Ели Панова од ВМРО ДПМНЕ на своите партиски членови и фаворити им давале најмногу бодови и нивното гласање било сосема спротивно од двајцата претставници на граѓанското општество“… се наведува во текстот со наслов „Срамен избор на членови на Антикорупциската комисија: Најдобрите минаа лошо, лошите минаа одлично“.
Очигледно, главните партии не сакаа да дозволат да им се случи нов независен состав на ДКСК каков што беше оној со кој претседаваше Билјана Ивановска, која им направи прилично проблеми на сите структури со инсистирањето за принципиелна борба против корупцијата, оценка што како пофалба е вградена и во сите релевантни меѓународни извештаи.
Оттука, сосема е јасно дека макар и само од овој мотив партиите можат да здивнат, инаку ќе беа на мака на кој начин може да се заобиколи постапката за разрешување, што ја покрена Левица
Но, како што е, впрочем, констатирано од Контраспинот во април 2025, непоправливата штета врз ДКСК и врз ова тело е веќе сторена, а поправката ќе оди бавно, со години.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар