Димовски располагаше со долги години во кои пропушти да се произнесе за партиската демократија
Изјавата на Димовски е недоследна, бидејќи досега ниту еднаш не се произнел во јавноста за начинот на избор на лидер во неговата партија и влијанието врз партијата и партиската демократија
Пратеникот и дел од највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, даде изјава која сметаме за недоследна:
Фактот дека има само еден кандидат за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ е изненадувачки и не е позитивен за партијата… Ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Сè уште сме на ставот дека овој конгрес не ги исполнува демократските стандради и од тие причини ниту јас, ниту другите имиња кои што се споменуваа во јавноста не одлучивме да поднесеме кандидатура на овој конгрес. Се надевам дека партијата ќе разбере дека е потребен нов концепт и дека е потребен поголем степен на разумност и поголем степен на отвореност.
[Извор: META – Димовски: Фактот што има… – датум: 21.12.2017]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Илија Димовски, еден од поглавните лица во ВМРО-ДПМНЕ, кој е пратеник повеќе од цела декада и кој во политиката е околу две декади, даде изјава дека не било добро за ВМРО-ДПМНЕ да има само еден кандидат на предвремениот конгрес што се одржува во Валандово на 22 и 23 декември 2017 година, која ја сметаме за недоследна.
Станува збор за втор по ред вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, кој е свикан откако лидерот на партијата, Никола Груевски, ја потврди својата оставка на 1-ви декември, после лидерство од 14 години.
Изјавата на Димовски е недоследна, бидејќи досега ниту еднаш не се произнел во јавноста за начинот на избор на лидер во неговата партија и влијанието врз партијата и партиската демократија.
Димовски имаше можност тоа да го стори долго време. На пример, можеше да го стори на редовниот конгрес во 2007 година одржан во Штип, на кој Груевски, исто така, како единствен кандидат беше реизбран по првичниот избор во 2003 година, кога, пак, имаше и противкандидат во ликот на Марјан Ѓорчев. Но, во архивите и пребарувањата по интернет не успеавме да најдеме некоја соодветна изјава на Димовски во таа насока.
Пратеникот Илија Димовски можел да даде изјава поврзана со партиската демократија и во Битола во 2011 година, каде што се одржа 14-тиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ (партијата ги брои сите конгреси од основањето на ВМРО), но иако и таму Груевски беше единствен кандидат, Димовски не дал изјава во таа насока.
Илија Димовски, исто така, имаше можност да даде изјава дека не е добро за партискиот живот ако има само еден кандидат и во 2015 година, на 15-тиот вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ одржан на почетокот на мај во Куманово. Единствената изјава што ја најдовме од Димовски од тоа време е дека „подготовките се во полн тек“ и дека дека според партиската процедура најмалку 30 делегати на конгресот можат да предложат кандидат кој ќе се натпреварува во трката. Но, ете, од 560 избрани делегати за конгресот тогаш никој не предложи противкандидат на Груевски, иако веќе течеа во јавноста прислушуваните разговори до кои дојде и ги објавуваше тогашната опозиција на чело со нејзиниот лидер Зоран Заев.
Не само што немаше противкандидати, туку делегатите, за кои сегашните т.н.„реформатори“, кои недоамна се споија со движењето Фродем, тврдат дека биле лично избирани или проверувани од Никола Груевски, го реизбраа за претседател на партијата ЕДНОГЛАСНО, со 528 гласа за, а само едно ливче било неважечко (другите 30-тина делегати од различни причини не стигнале на конгресот).
Впрочем, Илија Димовски, кој е роден во 1980 г. и чија политичка кариера започнува интензивно да се развива во периодот откако е избран како еден од најмладите пратеници во Собранието во 2006 година, никогаш не се изјаснил јавно за потребите за реформа во ВМРО-ДПМНЕ, никогаш не ги оспорил документите (Статутот и Деловникот), кои се оценети од многу внатрешни партиски кругови како проблематични документи и никогаш не изнел јавно спротивен став од лидерот. Сè досега, откако неговото име пред 10-ина дена започна да се врти како можен кандидат за лидерското место на вонредниот валандовски конгрес и откако стана јасно дека неговиот и ставовите на уште дваесетина други потписници на иницијативата за одложување на Конгресот не поминуваат кај Груевски и кај другите членови на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Поради овие аргументи, изјавата на Димовски која во суштина е вистина (ВМРО-ДПМНЕ освен на конгресот во Охрид во 2003 година никогаш немала повеќе од еден кандидат за лидер), ја сметаме за задоцнета и недоследна.
ИЗВОРИ:
- META – Димовски: Фактот што има само еден кандидат... – [Проверено на 22.12.2017]
- ВМРО-ДПМНЕ – Вебсајт-Влатко Ѓорчев: Конгресите на… – [Проверено на 22.12.2017]
- Репортер – На Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово… – [Проверено на 22.12.2017]
- Телма – Видео: Груевски е повторно избран за лидер… – [Проверено на 22.12.2017]
- Макфакс – Илија Димовски од пратеник со најдолг стаж до лидер… – [Проверено на 22.12.2017]
Оцени: Тео Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар