Дипфејк видео: Доктор Велибор Тасиќ не промовирал лек за простата

Доктор Тасиќ кој е педијатар со специјалност нефрологија, на Фејсбук реагираше дека станува збор за измама и дека со помош на вештачка интелигенција му е украден гласот и злоупотребен за промоција на лажен лек за простата.

Доктор Тасиќ кој е педијатар со специјалност нефрологија, на Фејсбук реагираше дека станува збор за измама и дека со помош на вештачка интелигенција му е украден гласот и злоупотребен за промоција на лажен лек за простата. Вакви реклами со сомнителна содржина најчесто се појавуваат на социјалните мрежи и веб-страници, претставувајќи „чудотворни“ производи кои наводно лекуваат најразлични хронични болести 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува дипфејк видео, создадено и манипулирано со помош на вештачка интелигенција, во коешто се злоупотребува идентитетот на професор доктор Велибор Тасиќ и се промовира непостоечки „напиток кој ги отстранува сите симптоми на простатитис“.

Во склоп на објавата пишува:

⁠Ma⁠к⁠е⁠д⁠о⁠н⁠с⁠к⁠и⁠т⁠е⁠ ⁠м⁠а⁠ж⁠и⁠ ⁠с⁠è⁠ ⁠п⁠о⁠ч⁠е⁠с⁠т⁠о⁠ ⁠п⁠о⁠ч⁠н⁠а⁠а⁠ ⁠д⁠а⁠ ⁠б⁠а⁠р⁠а⁠а⁠ ⁠п⁠р⁠и⁠с⁠т⁠а⁠п⁠ ⁠д⁠о⁠ ⁠п⁠р⁠о⁠в⁠е⁠р⁠е⁠н⁠о⁠ ⁠с⁠р⁠е⁠д⁠с⁠т⁠в⁠о⁠ ⁠з⁠а⁠ ⁠о⁠д⁠р⁠ж⁠у⁠в⁠а⁠њ⁠е⁠ ⁠н⁠а⁠ ⁠з⁠д⁠р⁠а⁠в⁠ј⁠е⁠т⁠о⁠ ⁠н⁠а⁠ ⁠п⁠р⁠о⁠с⁠т⁠а⁠т⁠а⁠т⁠а.

Потоа се појавува видеоматеријал од луѓе кои наводно чекаат пред ординација и со помош на монтажа е направено да изгледа како да бараат лек за простатитис. Следи кадар од професор доктор Велибор Тасиќ и невистинита содржина која тој никогаш не ја кажал.

Доктор Тасиќ на социјалната мрежа Фејсбук ја сподели невистинитата содржина и напиша:

Превара, превара, вештачка интелигенција ми го украла гласот и сликата и промовира лажен лек за простата. Шерувајте!

Вистиномер го пронајде видеото коешто е злоупотребено во невистинитата објава и откривме дека кадрите се злоупотребени од гостување на доктор Велибор Тасиќ на Телма, каде докторот зборувал пред 9 месеци. Тој е педијатар со специјалност нефрологија. Темата на разговорот е за влијанието на лошите хигиенски услови во училишните тоалети врз детското здравје.

Докторот ниту еднаш во вистинскиот разговор не се осврнува на препорачување на некаков лек за простатитис, како што впрочем и самиот негира подоцна откако на социјалните мрежи се појавува невистинитата содржина создадена со помош на вештачка интелигенција. Опасните медицински тврдења дека „со само една испиена чаша ќе ја обновите правилната функција на простатата“ не се на докторот, иако ги има во видеото од објавата што ја рецензираме. Докторот нема промовирано „напиток што може да го подготвите во домашни услови“, ниту пак „гарантирал дека целосно ќе се ослободите од простатитис за две до три недели“, како што невистинито му се атрибуира во видеото од објавата што ја рецензираме.

Токму ваквите невистинити медицински тврдења кои се премногу добри за да бидат вистинити, кога ќе се искомбинираат со ликот на врвен медицински професионалец, служат да ги измамат граѓаните кои се борат со медицински дијагнози или здравствени проблеми, да бидат изманипулирани и да купат производ кој не е препорачан од доктор.

Граѓаните треба да се консултираат со лекари специјалисти за здравствените проблеми коишто ги имаат и да ги следат нивните совети, медицински препораки, да ги следат протоколите на медицината базирана на докази и да не се ослонуваат на онлајн реклами со вештачка интелигенција во кои се злоупотребени идентитетите на лекари.

Со експанзијата на вештачката интелигенција, дигиталниот простор станува сè поплодна почва за софистицирани измами. Најновиот и особено загрижувачки тренд се невистинити реклами за продажба на препарати, во кои со помош на вештачка интелигенција се злоупотребуваат имиња, фотографии и видеа на реномирани лекари, без нивна согласност или знаење.

Овие реклами најчесто се појавуваат на социјалните мрежи и веб-страници со сомнителна содржина, претставувајќи „чудотворни“ производи кои наводно лекуваат хронични болести – од дијабетес и висок притисок, до најразлични други заболувања. Со употреба на дипфејк видеа, лекарите „зборуваат“ директно во јавноста, давајќи лажни препораки и уверувајќи ја публиката во ефикасноста на препаратите.

Злоупотребата на медицински авторитет е особено опасна бидејќи директно ја таргетира довербата на граѓаните. Пациентите, особено постарите и хронично болните, лесно можат да поверуваат дека станува збор за вистинска медицинска препорака. Опасноста дека наместо терапија препишана од стручно лице, тие би можеле да купат неиспитани и нерегистрирани препарати е уште поголема, што може да доведе до сериозни здравствени последици.

Лажните реклами со злоупотреба на имиња и видеа на лекари, освен што се маркетиншки трик, се и директна закана за јавното здравје и довербата во медицинската професија.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција