Дипфејк видео злоупотребено за промоција на препарат за слабеење

Учесничката во реалното шоу „Живот на вага“ ослабнала 72,5 килограми со помош на тренер и промена на исхраната, а не со некаков препарат што тајно ѝ бил даван, како што невистинито се тврди во објавата

Учесничката во реалното шоу „Живот на вага“ ослабнала 72,5 килограми со помош на тренер и промена на исхраната, а не со некаков препарат што тајно ѝ бил даван, како што невистинито се тврди во објавата

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал со невистинита содржина.

Во објавата невистинито се тврди дека:

Победничката на 8 сезона од шоуто „Живот на вага“, Алина Панцејева ја открила тајната благодарение на која ослабела 72 килограми и победила во шоуто.

Видеото е создадено со дипфејк технологија и во него се тврди дека „победничката открила дека не држела диета и вежбала само пред камери, а ослабнала 72 килограми поради лек „Слимфаст“ којшто ѝ го давале тајно“.

Целта на оваа манипулирана содржина којашто невистинито користи кадри и текст кој никогаш не бил официјално соопштен од никого, е да се натераат граѓаните да кликнат на врската во склоп на објавата и да го набават препаратот.

Но, маркетингот за истиот е неетички, невистинит и злоупотребува кадри од емисијата „Живот на вага“ која се емитува на хрватски РТЛ.

Дополнителен доказ дека се работи за невистинита монтирана содржина е и фактот што на РТЛ Хрватска не се емитуваат содржини на македонски јазик. Во објавата што ја рецензираме, пак, гласот е намонтиран да зборува на македонски јазик, но со голем број пропусти во дикцијата и изговорот карактеристични за монтажи.

Самиот профил од кој се споделува видеото носи наслов „Доктор Никола Пановски“, македонски професор и лекар чиј идентитет многукратно е злоупотребуван во невистинити објави и дипфејк видеа каде се промовираат препарати со преувеличени медицински тврдења кои се невистинити.

Вистиномер го пронајде делот од видеото кое е злоупотребено од Алина, учесничка во реалното шоу „Живот на вага“ овде (на 2 минута и 38 секунда). Таа дава изјава, но не зборува дека „ѝ давале Слимфаст“ за да победи на шоуто, туку зборува дека е загрижена за нејзиниот татко и го поттикнува да загуби телесна тежина. Таа ослабнала 72,5 килограми во шоуто со помош на тренер и промена на исхраната, а не со некаков препарат што тајно ѝ бил даван како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција