Директорката на ГАК, Викторија Јовановска не ѝ е братучетка на Зорица Заева
Без да навлегуваме во тоа кои се причините за настапувањето на смртта на 33 годишна жена (поради незавршените постапки пред надлежните), не е точно дека директорката ГАК, Викторија Јовановска ѝ е братучетка на Зорица Заева. Исто така, не е вистина дека на Јовановска ова ѝ бил петти случај годинава да пресече црева по грешка, како што тврди Солза Грчева во нејзинта објава на Фејсбук
Без да навлегуваме во тоа кои се причините за настапувањето на смртта на 33-годишна жена (поради незавршените постапки пред надлежните), сепак, не е точно дека директорката ГАК, Викторија Јовановска ѝ е братучетка на Зорица Заева. Исто така, не е вистина дека на Јовановска ова ѝ бил петти случај годинава да пресече црева по грешка, како што тврди Солза Грчева во нејзината објава на Фејсбук
Претседателката на партијата „Глас за Македонија“, поранешната пратеничка Солза Грчева, на 9 мај преку статус на Фејсбук, повикувајќи се на „зборувања во лекарските кругови“ на Фејсбук напиша:
Денеска почина млада жена, мајка на две малолетни дечиња. Жената починала откако братучетката на Зорица Заева, директорка на гинекологија, ставена со врски и ги исекла по грешка цревата. Ова и е 5ти случај за 1 година. Така се зборува во болнички кругови.Бараме кривична одговорност за овој касап, не само оставка.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Во оваа објава којашто доживеа масовност со 198 споделуваање и над 700 допаѓања (во моментот кога е пишуван овој текст), се изнесени барем две невистини.
Првата е тврдењето дека директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), Викторија Јовановска е братучетка на Зорица Заева, сопруга на премиерот Зоран Заев, што не е точно. Доктор Викторија Јовановска на ГАК работи од 1997 година, а таму директорка е од 2017 година.
За неа тогаш се пишуваа написи во кои ја обвинуваа дека преминала од ВМРО-ДПМНЕ во СДСМ и дека тоа било клучно да стане директорка. Очигледно е дека и кога била во ВМРО-ДПМНЕ и кога била во СДСМ, Викторија Јовановска работела на ГАК. Партиската припадност или наводна роднинска врска со некого не може да биде основа за лекарска некомпетентност! Граѓанско и човечко право на секого е политички да се здружува и да пријателствува со кого ќе посака.
И ВМРО-ДПМНЕ во 2017 година ја обвини Јовановска за пријателствување со Зорица Заева.
Во ниеден момент не сум ја загрозила работата на установата, ниту, пак, животот и здравјето на ниту еден пациент на ГАК. Стотиците породени и оперирани пациентки говорат за мојата стручност и квалификации потврдени со исходите на самите пациенти, а не моето познанство со сопругата на премиерот, реагираше тогаш Јовановска.
Од нејзината реакција произлегува дека таа навистина се познава со Зорица Заева, но не е во роднинска врска, како што тврди Солза Грчева.
Втората невистина изнесена во изјавата на Грчева е дека на доктор Викторија Јовановска ова ѝ бил петти случај за една година, каде што, наводно, пресекла црева по грешка. Ова тврдење е изнесено без аргументација, односно се темели на „така се зборува во болничките кругови“.
„Вистиномер“ се обрати до Државниот здравствен и санитарен инспекторат, за да ја провериме вистинитоста на ова тврдење. Од ДСЗИ ни кажаа дека до моментот за посочената личност во ДСЗИ нема пристигнато други претставки. Што значи нема ниту една претставка за доктор Викторија Јовановска годинава, а камоли пет. Во врска со оваа докторка, настанот што се споменува во изјавата на Солза Грчева е единствениот којшто го работи Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
Што се однесува, пак, на конкретниот случај со починатата 33-годишна жена, тој се испитува. Финални заклучоци, какви што изнесува Солза Грчева во нејзиниот статус, нема ниту од Судска медицина, ниту од Обвинителството, каде е поднесена кривична пријава против НЕПОЗНАТ СТОРИТЕЛ за несовесно лекување, ниту од хистопатолошките наоди, ниту од инспекцијата на Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Сите овие институции ќе навлезат во причините за настапувањето на смртта кај пациентката, а лекарска грешка се утврдува во судска постапка.
Во меѓувреме завршена е обдукцијата на пациентката која не починала на ГАК, туку на КАРИЛ. Семејството обвини дека ѝ биле пресечени цревата на четири места за време на операција на ГАК, што од Гинеколошко-акушерската клиника е негирано дека воопшто се случило и посочуваат дека руптурата на тенкото црево е спонтана, а не предизвикана од оперативниот зафат што ѝ бил изведен поради голем тумор на матката. Според гинекологот и директор на Клиниката за гинекологија, доктор Викторија Јовановска, локацијата каде се одвивал оперативниот зафат, не е блиску до местото каде што настанала руптурата и таа руптура не е поврзана со конкретната операција.
Само обдукцијата не е доволна за да се утврди лекарска негрижа, туку за тоа ќе следи идна процедура пропратена со документација од сите клиники каде што се лекувала пациентката, вклучително и нејзиниот матичен гинеколог.
На ГАК се формирала Комисија за контрола на квалитет за случајот и по разгледување на документацијата од приемот до исписот, истата заклучила дека пациентката е третирана по сите протоколи под висок стручен надзор.
Не станува збор за родилка, туку за пациентка со гинеколошки проблеми поради кои беше оперативно третирана на нашата клиника. Пациентката е примена на ГАК на 21 април со голем тумор на матката и е извршена операција наредниот ден со уреден оперативен тек. Во првите шест дена, пациентката е стабилна и е на исхрана преку уста. Шестиот ден по операцијата поради силна болка, пак е направен оперативен зафат со присутен абдоминален хирург за да се утврди зошто се влошила состојбата. Најдена е спонтана руптура на тенкото црево, најверојатно како резултат на претходните болести, посоочија од ГАК.
Потоа во договор со абдоминален хирург, жената била пренесена на Клиниката за дигестивна хирургија. На 11-иот ден после операцијата, на оваа клиника, пак, настанала компликација со цревата, најверојатно од поранешните болести, па пациентката повторно е оперирана. Потоа била стабилна и хоспитализирана на Клиниката за дигестивна хирургија. Но, на 9 мај, поради сомнение за тромбоемболија, ја префрлиле на КАРИЛ каде брзо починала. Од ГАК напоменуваат дека пациентката имала коморбидитети, претходни операции на слезинка и лимфните јазли.
Комисијата за квалитет на ГАК по случајот заклучи дека жената била третирана како високоризичен пациент, но по сите протоколи и совесно.
Државниот санитрен и здравствен инспекторат почна вонреден инспекциски надзор на клиниките за гинекологија, дигестивна хирургија, КАРИЛ и кај матичниот гинеколог и ќе информира за наодите по завршувањето.
Постапките за утврдување на причините за настапувањето на смртта кај пациентката се во тек пред надлежните и тие засега не се завршени. Оттаму, не е утврдено она што го кажува Солза Грчева во статусот дека „пресечени биле црева по грешка“.
Без да навлегуваме во тоа кои се причините за настапувањето на смртта (поради незавршените постапки пред надлежните), како невистинита ја оценуваме оваа изјава на Грчева, по два основи. Прво, не е точно дека Викторија Јовановска и е братучетка на Зорица Заева и второ, не е точно дека на Викторија Јовановска ова ѝ бил петти случај годинава да пресече црева по грешка.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар