Директорот на СЗО не е филозоф

Изјавата на директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејсус, дадена на брифинг за новинарите на дванаесетти октомври во Женева, а во која што тој објаснува што претставува колективниот имунитет, се споделува во пост на македонски јазик кој е вирален и тоа проследено со неколку дезинформации

 

Изјавата на директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејсус, дадена на брифинг за новинарите на дванаесетти октомври во Женева, а во која што тој објаснува што претставува колективниот имунитет, се споделува во пост на македонски јазик кој е вирален и тоа проследено со неколку дезинформации:

Еве и философот Тедрос нѐ учи како се стекнува колективен имунитет.
Значи колективен имунитет се стекнува преку заштита на луѓето од вирусот, а не преку нивно изложување на истиот.
Доктори, што знаете вие? Фрлете си ги дипломите. Философите и програмерите знаат сѐ за нашето здравје. Ете така да си знаете.

Првата дезинформација е дека Тедрос е филозоф. Тоа воопшто не е точно. Од официјалната биографија на директорот на СЗО евидентно е дека тој е соодветен кадар за функцијата што ја извршува. Тој има докторат во полето на филозофија на јавното здравје,  магистратура на Универзитетот во Лондон во областа на имунологија на инфективните заболувања.

Гледано од аспект на формалното образование на Тедрос, тој воопшто не е филозоф, туку доктор на науки токму од областа на која се однесува изјавата што се спори, поточно вакцинација при инфективни заболувања, какво што е заболувањето предизвикано од коронавирусот.

Целосната изјава на директорот на СЗО е следната.

,Колективниот имунитет претставува концепт кој се користи кога се зборува за вакцинација, кога популацијата може да се заштити од некој вирус ако се постигне горна граница на број на вакцинирани граѓани. Тоа се постигнува со штитење на населението од вирусот, а не со изложување на населението на вирусот. Никогаш во историјата на јавното здравје колективниот имунитет не бил користен како стратегија за да се одговори на епидемија. Тоа е научно и етички проблематично. За да се овозможи имунитет на населението од сипаници на пример, 95 проценти од населението мора да е вакцинирано. Како што проценува СЗО, помалку од 10 проценти од населението во светот има имунитет на коронавирусот, оставајќи го поголемиот дел од светот подложен. Ако се остави вирусот да циркулира, тоа значи дека непотребно луѓето ќе се инфицираат, ќе страдаат и ќе има смртни случаи.

Од оваа изјава, дадена од експерт за имунологија на инфективните заболувања, евидентно е дека за да се говори за колективен имунитет, мора да има ефикасна вакцина која што граѓаните ќе ја примат. Во моментов таква вакцина нема, па оттаму не постои колективен имунитет кај граѓаните на ниедна земја.

Со делот од постот во кој се вели ,,доктори што знаете вие?”, се имплицира како докторите да мислат дека луѓето треба да се изложат на коронавирусот за да се стекне колективен имунитет. Никој од македонските здравствени власти никогаш не наложил или не изразил таков став, вклучително и докторите. Напротив, упорно и постојано се воведуваат мерки за заштита, носење маска, дистанца, негрупирање и дури и се менува Законот за заштита на населението од заразни болести за да се спречи ширењето на вирусот.

Оттука, невистинито е дека изложувањето на граѓаните на коронавирусот ќе создаде колективен имунитет. Впрочем, во раната фаза на пандемијата, на втори мај годинава, во Дебар беше тестирано дали граѓаните имаат колективен имунитет, односно дали кај нив се создадени заштитни антитела кои ќе ги штитат од повторно заразување. Првиот скрининг кој беше направен врз 2.342 дебарчани избрани по случаен избор, покажа дека само кај 35 од нив се создале ИГГ антитела.

Тоа се само два проценти од тестираните граѓани. По спроведениот скрининг министерот за здравство, Венко Филипче, констатираше дека е рано да се зборува за спроведување скрининг процес на територијата на целата држава.

И искуството од Шведска покажа дека колективен имунитет не се создава со изложување на граѓаните на секојдневно функционирање во близок контакт со коронавирусот, а без рестриктивни мерки. Инсинуирањето дека со изложување на граѓаните на вирусот се создава колективен имунитет е невистинито, исто како и тврдењето дека директорот на СЗО е филозоф, најверојатно во обид да се дискредитираат неговите референци и компетенции.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција