Диверзиите со лифтовите можат да го чинат виновникот најмалку 5 години затвор

Кој смее да се вози со лифт на денот на изборите? Фото: Pixabay

 

 

Кој исклучуваше лифтови во зградите во општина Центар за време на локалните избори во 2013 година и по чија наредба, оневозможувајќи им го на граѓаните правото на глас? На овие прашања одговор треба да даде истрагата што би ја покренала Специјалното јавно обвинителство кое од лидерот на СДСМ, Зоран Заев ги доби прислушуваните материјали

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

На 20. Март 2015 година, опозициската партија СДСМ, до Основното јавно обвинителство доставило кривична пријава против поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Кривичната пријава е заведена под број 03-112/1.

Пријавата, како што е наведено во документот, е поднесена поради тоа што Јанакиески, на денот на одржување на локалните избори во 2013 година, во Скопје, општина Центар, исклучувал лифтови во згради во општината, со цел да ги спречи граѓаните да не го вршат избирачкото право, со што сторил кривично дело Повреда на слободата на определување на избирачите од член 160 став 1 од Кривичниот законик.

Овој член, во ставот 1 предвидува:

Тој што со употреба на сила, сериозна закана, измама или на друг начин ќе спречи или друг ќе присили да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право, ќе се казни со затвор најмалку 3 години.

Истиот член, во ставот 2 пак пропишува:

Ако делото од став 1 го стори член на изборен орган или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, ќе се казни со затвор од најмалку пет години.

Во делот на образложението на оваа кривична пријава поднесена против Миле Јанакиески се наведува дека:

На ден 10.03.2015 година, на одржана прес-конференција од страна на Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, беа презентирани аудио-снимки на кои се снимени повеќе разговори помеѓу различни лица. Помеѓу другите, презентиран е разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Тодоров. Согласно содржината на снимените разговори, разговорите се водени во текот на спроведувањето на локалните избори 2013 година. Доказ ЦД со снимка, транскрипт од водењето на разговори.

Оваа прес-конференција Заев ја одржа во Универзалната сала, на која, во рамки на проектот „Вистината за Македонија“ беше објавена осмата по ред таканаречена бомба, која беше поврзана со изборниот грабеж. Лидерот на СДСМ презентираше над 40 снимки во кои, според него, министрите Миле Јанакиески, Гордана Јанкуловска, Зоран Ставрески, потоа Сашо Мијалков и брат му Влатко Мијалков, Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски и други, зборуваат за фалсификување лични карти, кражба на изборни листи и закани за вработени.

 

ТРАНСКРИПТ

Кривичната пријава од овој текст се однесува на објавениот разговор меѓу тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и актуелниот министер за здравство, Никола Тодоров.

Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Тодоров

НТ: Еее…
МЈ: Исто Нино како и вториот круг…
НТ: Исто како вториот а?
МЈ: 200 гласови помалку ако тоа ти е.. минатиот пат имало 2 550 сега има 277… т.е 2770 имало во вториот круг 2660 имало во вториот круг сега има 2500…
НТ: А ние нашите колку помалце сме ги извадиле или исто ги вадиме нашите?
МЈ: Со помал притисок
НТ: Значи тие 200 се нашите уствари, хаха
МЈ: Да де, да
НТ: хаха.. па ништо не сме напраиле…
МЈ: Да да, затоа ти викам исто е…
НТ: Да да.
МЈ: Нема, еве си излегуваат стариве масовно…
НТ: Си излегуваат а?
МЈ: Гиевски не прееба сабајле требаше да се исклучуваат лифтовите, сега ќе ги исклучуваме ние механички.. тешко.
НТ: Нема тоа требаше сабејле Миле попладне џабе.. и попладне не искачаат, сабајле искачаат…
МЈ: Мала е излезеноста. Помеѓу 10 и 12 е најголема излезеност…
НТ: Помеѓу 10 и 12 ама гледај ја ти структурата на тие шо излагаат. Структурта на тие шо излагаат е понормална вака ко тебе ко мене…
МЈ: Сега има 2 ипол илјади гласови до сега излезено… 10 посто не 10 ипол.
НТ: Тоа е, не се нервирај ајде, сеа со шефот зборев, он сега влага у авион
МЈ: И јас зборев…

 

СОДРЖИНА НА ПРИЈАВАТА

Според СДСМ, како што е наведено во кривичната пријава, од снимката произлегува дека на денот на гласањето на војниците, во разговорот меѓу Јанакиески и Тодоров, се разговарало дека на денот на одржување на локалните избори, Гиевски требал да ги исклучи лифтовите, но не ги исклучил и дека сега механички тие ќе ги исклучуваат. (Инаку Гиевски Игор е поранешен претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, советник во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и член на Управниот одбор на ЕВН. Тој и е сопруг на Слободанка Гошева Гиевска, поранешна потпретседателка на Унијата на младите сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ и ќерка на Елена Гошева, актуелен претседател на Уставниот суд).

По презентирање на снимениот разговор до моментот на поднесување на оваа кривична пријава, ниту едно од лицата кои беа посочени во разговорите, јавно не ја демантираа автентичноста и веродостојноста на снимката, односно не демантираа дека ги воделе разговорите кои беа содржина на снимките. Од самата содржина на водените разговори во целост произлегуваат наводите презентирани во фактичката состојба на кривичната пријава – се наведува во кривичната пријава.

 

ЖИТЕЛИ НА ЦЕНТАР ГИ ПОТВРДУВААТ РАЗГОВОРИТЕ ОД СНИМКИТЕ

По објавувањето на овој разговор, неколку граѓани од општина Центар, се осмелија јавно да проговорат пред камерата на порталот Нова, посочувајќи дека се сеќаваат на инцидентот со исклучените лифтови на денот на гласањето на локалните избори во 2013 година.

Жителите од централното подрачје на Скопје, посебно оние кои живеат во зградите околу Бристол, за НОВА сведочат дека она што се споменува во прислушуваните разговори за изборните манипулации во општината Центар и исклучувањето на лифтовите за време на локалните избори тие навистина го доживеале. Пензионери од повеќекатниците во Центар велат дека планот со лифтовите бил неуспешен, бидејќи тие излегле да гласаат пред да им ги исклучат.

 

ЗА ИСКЛУЧЕНИ ЛИФТОВИ ИМАШЕ РЕАКЦИИ И НА ДЕНОТ НА ГЛАСАЊЕТО

За проблеми со лифтовите на денот на гласањето на локалните избори во 2013 година, информираа и дел од медиумите.

На улица „Народен фронт“, во Центар денеска не работи лифтот во една тринаесеткатница и ште две високи згради. Ова не е единствен случај, од вчера да се заглавуваат, расипуваат или поправаат лифтовите во скопската општина Центар, каде има прегласување. Целта е граѓаните да бидат заведени и да не излезат на гласање. Се онеспособуваат и лифтовите во повисоките згради, за да не можат граѓаните, особено повозрасните, да излезат на гласање, вели за А1он кандидат за градоначалник на Центар.

Управител на една од зградите во населба Капиштец, на улицата „Народен фронт“, во изјава за порталот Бриф сведочеше за тоа како лифтовите, на денот на гласањето не работеле, тие биле исклучени од сабајлето, што предизвикало револт кај станарите. При утврдување на дефектот, со човек од сервисната служба за одржување на лифтовите, детектирале дека станува збор за намерен дефект направен на вратите од самите лифтови.

 

ПРЕДМЕТОТ Е КАЈ СПЕЦИЈАЛНАТА ОБВИНИТЕЛКА КАТИЦА ЈАНЕВА

На 20. Ноември 2015 година, Основното јавно обвинителство објави дека е подготвено да и ги предаде на специјалната обвинителка Катица Јанева, предметите поврзани со прислушуваните материјали. Во списокот предмети кои беа наведени од обвинителството се сите предмети кои се водат против функционери од власта, вклучително и премиерот Никола Груевски и неговите најблиски соработници Мијалков, Јанкуловска, Јанакиевски , Протуѓер и други владини функционери.

Предмет на разгледување биле и телефонски разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Тодоров, сегашен министер за здравство за наводно исклучување на лифтовите од зградите на гласачите од Општина Центар за време на локалните избори во 2013 година.

 

 

КОЛКАВА Е КАЗНАТА ЗА ОВА КРИВИЧНО ДЕЛО

Доколку во текот на судска постапка се докаже и се потврди дека Јанакиески учествувал во диверзиите со лифтовите на денот на гласањето на локалните избори во 2013 година, тогаш тој би можел да биде казнет со казна затвор од најмалку 5 години. Впрочем и во пријавата на СДСМ, се наведува дека со делото Јанакиески сторил повреда на избирачкото право по член 160 од КЗ. Но, Јанакиески би можел да биде товарен за кршење на избирачкото право по друг член. Кривичниот законик во делот посветен на кривичните дела против изборите и гласањето, тоа го предвидува и во членот 158.

(1) Тој што со употреба на сила, сериозна закана или на друг начин оневозможува или спречува одржување избори или гласање или го оневозможува или спречува утврдувањето или објавувањето на резултатите од гласањето, ќе се казни со затвор од најмалку 3 години.
(2) Тој што ќе го стори делото од став 1 со употреба на оружје, експлозивни или други опасни направи, со примена на насилство спрема две или повеќе лица или во организирана група, или на подрачјето на две или повеќе избирачки места, ќе се казни со затвор од најмалку 5 години.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција