Дивите депонии во Охрид и Струга со децении ја загадуваат животната средина

Пожар на депонијата Буково. Фото „Вистиномер“

Двата најголеми туристички центри во земјава мака мачат со диви – нестандардни депонии, кои со децении ја загадуваат животната средина. Решение на повидок нема, најавена е изградба на Регионална депонија во Југозападниот регион во земјава, но се уште не е избрана ниту локација. За струшката депонија се води судска постапка. Охридската депонија требаше да се дислоцира до крајот на 2020 година. Локалните власти немаат капацитет за решавање на проблемот, а Европската комисија нотира низа слабости во спроведувањето на Зелената агенда за Западен Балкан

 

Двата најголеми туристички центри во земјава мака мачат со диви – нестандардни депонии, кои со децении ја загадуваат животната средина. Решение на повидок нема, најавена е изградба на Регионална депонија во Југозападниот регион во земјава, но сè уште не е избрана ниту локација. За струшката депонија се води судска постапка. Охридската депонија требаше да се дислоцира до крајот на 2020 година. Локалните власти немаат капацитет за решавање на проблемот, а Европската комисија нотира низа слабости во спроведувањето на Зелената агенда за Западен Балкан

 

Пишува: Соња Рилковска

 

Охрид и Струга мака мачат со дивите депонии. Двата најголеми туристички центри во земјава со децении имаат нестандардни депонии, кои ја загадуваат животната средина и сливот на Охридското езеро.

Државата одамна планира изградба на пет регионални депонии за соодветно складирање и третман на отпадот, но во Југозапдниот регион во земјава решение на повидок нема, бидејќи сè уште не е избрана ниту локација. Првата предложена локација беше селото Годивје во општина Дебрца, но локалното население преку референдум не дозволи изградба на современа депонија во најмалата општина во регионот.

Градоначалниците на Охрид и Струга отворено признаваат дека општините немаат капацитет да се справат со дивите депонии, потребни се огромни средства за изградба на современи регионални депонии.

 

Увид во струшката депонија. Фото: Вистиномер, 2021

 

ЗА СТРУШКАТА ДЕПОНИЈА СЕ ВОДИ СУДСКА ПОСТАПКА

Струшката депонија е во самиот град. Последните неколку години локалната власт ја одржува, но пред 4 години актуелно беше нејзиното често потпалување. Денес за неа се води судска постапка, бидејќи во јануари годинава Македонското здружение на млади правници поднесе граѓанска тужба против Општина Струга, Министерството за животна средина и јавното комунално претпријатие.

Тие бараат итно да престане депонирањето отпад и дислокација на градската депонија, бидејќи направеното вештачење потврдило дека депонијата ја загадува почвата, реката Црн Дрим, Охридското езеро, со што предизвикува штетни последици врз здравјето на луѓето.

Здружението на млади правници бара:

Да се забрани понатамошно депонирање на било каков отпад на дивата депонија; Да се изврши деконтаминација и рекултивиривање на просторот во и околу дивата депонија преку конкретни задолженија; Да се изготви и реализира софистициран план за селектирање и рециклирање на отпадот на територијата на Општина Струга, како и да се зајакне капацитетот на инспекциските служби од областа на заштита на животната средина.

Македонското здружение на млади правници тврди дека тужените го повредиле правотo на здрава животна средина, правото на живот, правото на почитување на приватниот и семејниот живот на начин што во периодот од 2006 година до 2021 година не презеле соодветни мерки и активности за спречување, превенирање или намалување на штетните последици по човечкиот живот и здравје предизвикани од загадувањето на животната средина, во контекст на дивата депонија.

Депонијата е сериозна опасност по здравјето и животот на луѓето и со тоа предложени се конкретни мерки за дислокација на депонијата од местото каде се наоѓа. Бараме итно да престане депонирањето на отпад на оваа дива депонија и да се изнајде соодветно решение. Ова е прва судска постапка поднесена како граѓанска тужба во земјава и очекуваме фер судење, вели во изјава за „Вистиномер,“ Глигор Ќатоски, од адвокатска канцеларија Стојкоски- Ќатоски, застапник на тужителите.

Од Општина Струга се дистанцираат, велат немаат сила да го решат проблемот со депониите, тоа е надлежност на Министерството за животна средина. Од друга страна, од Министерството велат дека тие не дале одобрение за струшката депонија, па не можат да бидат тужени. Заедно бараа Основниот суд во Струга да се изјасни како ненадлежен за судскиот процес за депонијата, но струшкиот суд го отфрли ова барање и судењето ќе продолжи.

На годишно ниво во Струга се произведуваат околу 40.000 тони смет, кој со години се трупа на дивата депонија во самиот град. Изминативе неколку години депонијата се одржува, но во минатото имаше постојано спалување, пожари и чадови, кои ги гушеа стружани.

 

ДЕПОНИЈАТА ВО БУКОВО ОВА ЛЕТО ПОВЕЌЕ ПАТИ БЕШЕ ОПОЖАРЕНА

Протест на депонијата Буково. Фото „Вистиномер“, 2021

 

И охридската депонија на превојот Буково е нелегална. УНЕСКО побара нејзина дислокација до 2020 година, но до денес не е избрана ниту локација за изградба на Регионална депонија за управување со комунален отпад.

Ова лето често се спалуваше депонијата на Буково. Чад и смрдеа се чувствуваа во околните села, но ветрот ги носеше дури и во градот. Жителите од селата во близина на депонијата неколку пати организираа протести и бараа редовно одржување на депонијата.

Учесниците на протестот во јули годинава истакнаа дека е зголемен број на луѓе кои умираат од малигни заболувања, заболуваат и стоката и пчелите, а загрозени се и подземните води кои се сливаат во Охридското и Преспанското Езеро..

Од комуналното претпријатие тврдеа дека некој намерно ја пали депонијата.

Депонијата Буково со години е жешка еколошка точка. Таа е нотирана и во извештајот на Реактивната мисија на УНЕСКО од 2017 година, а рокот за нејзино затворање беше 2020 година. Таа не само што не е затворена туку продолжува опасно да ја загадува животната средина.

 

ЕК НОТИРА НИЗА СЛАБОСТИ ВО СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ЗЕЛЕНАТА АГЕНДА

Во однос на управувањето со отпад, слабите административни капацитети, ниска примена и ограничена меѓусекторска соработка остануваат главна пречка за напредок во овој сектор. Донесен е пакет закони за управување со отпад и посебни текови на отпад што ги инкорпорираат начелата на циркуларната економија. Националниот план за управување со отпад (2021-31) и првиот Национален план за превенција од отпад (2021-27) беа подготвени и чекаат донесување. Воспоставувањето на регионалниот систем за управување со отпад и понатаму се соочува со одложувања, стои во Извештајот на ЕК. 

Нестандардните депонии и дивите депонии и понатаму претставуваат важен проблем за животната средина. Одделно собирање на различни видови отпад и економски инструменти за промовирање на рециклирањето, повторната употреба и спречувањето на отпадот остануваат ограничени. Постигнат е одреден напредок во врска со заштитата на природата и Законот за заштита на природата, усогласен со Директивите за птици и живеалишта, беше подготвен и се чека на негово донесување. Одржување на финансирањето за управување со заштитените подрачја останува важен предизвик, во голема мера со недоволна национална распределба за заштита на природата, а најмногу се потпира на помош од донатори, стои во Извештајот на ЕК.

Земјата е поттикната значително да ги засили амбициите во однос на зелената транзиција, особено во контекст на Зелената агенда за Западен Балкан.

Повеќето минатогодишни препораки не беа спроведени. Во наредната година, земјата особено треба: да ја подобри меѓусекторската координација и да ги зголеми финансиските ресурси за намалување на загадувањето на воздухот, на локално и национално ниво; да преземе значителни чекори за воспоставување регионален систем за управување со отпад; да го спроведе Договорот од Париз, вклучително и усвојување на сеопфатна климатска стратегија и донесување закон, во согласност со Рамката на ЕУ 2030.да преземе значителни чекори за воспоставување регионален систем за управување со отпад, се наведува во Извештајот на ЕК.

Единствената депонија со А интегрирана дозвола во земјава  и натаму е само Дрисла, но, според екологистите, и таа е далеку од европските стандарди.

 

 

Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција