„ДМ“ не нуди парфемски сет за само 120 денари

Еден од сигурните знаци дека се работи за невистинита наградна игра во која се злоупотребува брендот на синџирот маркети за козметика, е тоа што објавата каде се промовира таканаречената наградна игра не е споделена на официјалната Фејсбук страница на „ДМ“ која брои речиси 300 илјади следбеници.

Еден од сигурните знаци дека се работи за невистинита наградна игра во која се злоупотребува брендот на синџирот маркети за козметика, е тоа што објавата каде се промовира не е споделена на официјалната Фејсбук страница на „ДМ“ која брои речиси 300 илјади следбеници. Токму официјалните страници на „ДМ,“ според известувањето од компанијата, се единствените места од каде се споделуваат веродостојните наградни игри на брендот

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Мајка ми работеше шест години во d​​​​m, шест цели години секој ден на работа, се кинеше од работа, даваше сè од себе… и на крај што направија? Ја избркаа како стара крпа, само затоа што малку се разболе.  Ни едно „фала“, ни збор поддршка, ништо — ни грам почит. Така, ладно. И сега ќе ви кажам нешто што го знаат само тие што работеле таму или имаат некој свој внатре. Излегува дека dm има договор со брендови за парфеми — секој месец им праќаат нови мириси за да прават специјални perfume box пакети за тестирање и мислење од луѓето. Тие box-ови може да ги нарача било кој, да, буквално било кој, ама финтата е што страната е скроз скриена, не ја наоѓаш така лесно, треба да знаеш каде да влезеш. Само одговараш на неколку ле​сни пра​шања, ниш​то комплицирано… и бам, box-от со парф​еми ти стигнува право дома, полн со различни мириси, сè оригинал, ништо фејк, ништо „пазарска роба“.  И знаеш зошто речиси никој не зборува за ова? Затоа што вработените сакаат сè да си задржат за себе, нормално. Ќе го оставам линкот во коментари. Сериозно, одговори на прашањата и box-от ќе ти стигне без проблем. Сподели со некој на кого може да му значи — затоа што ако вака ѝ направеа на твојата мајка… ти ќе си ќутеше?

Во склоп на објавата има фотографија од неверодостојна и фотомонтирана таканаречена „фискална сметка“ која нема изглед како фискалните сметки кои се издаваат во РС Македонија. На фотографијата се претставени бројни парфеми. Во коментар под објавата има линк до надворешна страница која воопшто не е поврзана со „ДМ“ маркетите, ниту пак, конкретната објава што ја рецензираме е дел од официјалната страница на „ДМ“ маркетите на Фејсбук, којашто брои 329 илјади следбеници и до името го има синото знакче кое е автентикација дека се работи за веродостојна страница на брендот. Профилот, пак, од кој се споделува таканаречената наградна игра е неверодостоен и на ниеден начин не е поврзан со „ДМ“ маркетите.

Линкот пак под објавата води кон страница со домејн https://saleone.shop/ кој исто така не е поврзан со официјалната страница на „ДМ“.

Посочениот линк води до лажна наградна игра –  наводна „специјална кампања“ на „ДМ“ во којашто се нуди „парфемски сет за само 119,99 MKD“, а за таа цел се поставуваат 4 едноставни прашања – дали пазарите во „ДМ“, дали сте задоволни од квалитетот на парфемите, прашањa за возраста и полот.

Откако ќе се одговорат прашањата следува потврда дека влгувате во наградната игра и имате можност да добиете „парфемски сет од „ДМ“ доколку изберете точна кутија“.

Потоа се појавуват шест кутии и по направениот избор – од вториот обид,  добивате известување дека се освоиле „парфемски сет од dm заедно со летна торба за купување, совршена за вашите излегувања“.

 

Во известувањето има и упатство за тоа што да направите за да го добиете подарокот:

1) Кликнете на “OK” за да одите на страницата за испорака.

2) Пополнете го формуларот и извршете ја уплатата за да го добиете вашиот сет.

3) Сетот ќе пристигне за 3–5 работни дена.

Откако ќе кликнете „ОК“ на екранот се појавува формулар во кој треба да се внесат вашите лични податоци, а потоа да се изврши уплатата по која наводно ќе го добиете вашиот „парфемски сет за само 119,99 MKD.

Всушност се работи за измама која има за цел да ги натера корисниците на социјалните мрежи преку злоупотреба на познат бренд, да остават свои лични и банкарски податоци и на таков начин од картичките да им бидат одземени/украдени парични средства, без притоа да добијат никаков пакет и никој да не е одговорен за конкретната измама, затоа што корисниците немаат веродостојна адреса на којашто би можеле да се жалат или да ја бараат својата испорака.

Во просторот под објавата се поставени неверодостојни „коментари“ од лажни профили (ботови) каде се претставуваат фотографии од сет парфеми и лажно се тврди дека „тие нарачале и добиле пакет“.

Брендот на „ДМ“ маркетите многупати досега бил злоупотребен за лажни наградни игри, за што „Вистиномер“ има напишано повеќе рецензии.

На официјалната веб-страница на „ДМ“ маркетите е објавено предупредуваање против вакви лажни наградни игри. Во делот како да ги препознаете, компанијата наведува дека тие се состојат од примамливи цени, магични патувања или огромни износи: Лажните наградни игри честопати се толку добро осмислени, за голем број на луѓе да поверуваат и да станат жртви на истите.

Во име на компанијата која на луѓето им ја подарува својата безрезервна доверба, измамниците пробуваат да ги измамат своите жртви и да ги земат нивните податоци, понекогаш пари, или да вметнат злонамерен софтвер во нивните мобилни уреди или компјутери. dm во нашата земја честопати е предмет на вакви наградни игри. Правна реакција против организаторите во многу ситуации не е возможна, па ги молиме нашите потрошувачи да бидат посебно внимателни. Наградните игри во наша организација се одвиваат исклучиво на нашиот верифициран Facebook профил или на нашата верифицирана Instagram страна, велат од „ДМ“.

Останатите совети како да ги препознаете лажните наградни игри во кои се злоупотребува брендот на „ДМ“ може да ги прочитате на следниот линк.

Исто така, објавата „игра“ на емоционална злоупотреба и тврди дека некој бил избркан од работа безмилосно, што честопати се користи како своевидна јадица за да се закачат граѓаните и да поверуваат во измамата дека „им се открива голема скриена тајна“. Сето ова е дел од невистинито и разработено сценарио.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција