Дневната евтина тарифа ќе се зголеми од два на пет часа ако анализите го одобрат тоа

Фото: Принтскрин од сметка за електрична енергија за февруари 2026 година

Не станува збор за никаква донесена одлука за промена на часовите за евтина тарифа на струјата, како што тоа го тврди објавата која ја анализираме.

Не станува збор за никаква донесена одлука за промена на часовите за евтина тарифа на струјата, како што тоа го тврди објавата која ја анализираме. Од идеја до реализација потребно е повеќе време, всушност како што наведува и самиот претседател на РКЕ, потребни се стручни анализи кои би требало да завршат до крајот на летото

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Убави вести за граѓаните: Дневната евтина тарифа за струја од два часа се зголемува на пет часа.

Објавата споделува и напис со ист наслов, но кога ќе го отворите истиот ќе видите дека нема никаква одлука за зголемување на часовите за евтина тарифа на струјата. Имено, како што е посочено и во самиот напис, станува збор само за идеја која во телевизиско гостување ја изнел претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Ацо Ристов и за која допрва ќе се прават анализи.

Едно време беше филозофијата дека навечер треба да биде евтина тарифата и тогаш граѓаните да ја користат. Но, сега се сменети работите на пазарот и сега, ако ги погледнете берзите, најскапата енергија е навечер. Имаме хиперпродукција на фотоволтаична енергија, која производителите нема каде да ја пласираат. Идејата е како да ја менаџираме таа енергија, да ја внесеме преку државниот систем, дали ЕСМ ќе ја откупува, но крајната цел е граѓаните да ја добијат таа евтина енергија. Наместо да биде 0 цената на берзата, да пробаме да изменаџираме, државата да го намали производството од јаглен преку ЕСМ, да ја откупи енергијата од производителите на фотоволтаици преку ден. И зошто да немаме евтина тарифа пет часа во текот на денот. Не ноќта, туку денски. Бидејќи таа тогаш е евтина на пазарот, вели Ристов.

За сето ова, додал тој, потребно е да се направи стручна анализа со Министерството за енергетика, со Владата, со операторите, со дистрибутерите, со производителите на таа евтина енергија. Една од опциите што се разгледуваат, според него, е проширување на евтината дневна тарифа од сегашните два на пет часа.

Ноќната тарифа ќе остане, но можно е да има промена на временскиот период. Ако на пазарот енергијата е скапа од 19 до 22 часот, нека се помести ноќната од полноќ до сабајле. Но, денски, наместо два, да има пет часа. Сепак, треба да ги видиме резултатите од анализите, посочува тој и додава дека анализите би требало да бидат направени до крајот на летото.

Значи, не станува збор за никаква донесена одлука за промена на часовите за евтина тарифа на струјата, како што тоа го тврди објавата која ја анализираме.

Од идеја до реализација потребно е повеќе време, всушност како што наведува и самиот претседател на РКЕ, потребни се стручни анализи кои би требало да завршат до крајот на летото.

Објавата е намерно така формулирана за да привлече што е можно реакции и коментари на Фејсбук, во што и успеала, без притоа да им се посочи прецизно на следбениците за што станува збор. Вака јавноста се доведува во заблуда дека е донесена некаква одлука и луѓето ќе чекаат истата да биде спроведена.

Потребно е следбениците на социјалните мрежи внимателно да ги читаат вестите што им се пласираат со цел да не бидат доведени во заблуда.

Поради сето погоре, објавата која ја анализираме, ја оценуваме како невистина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција